Напишано: 1939
Извор:
Living Marxism,
Vol. 4, No. 8, September 1939
Превод:
Здравко
Савески, од англиски јазик
Онлајн верзија: август 2009
Русија мора да го заземе првото место помеѓу новите тоталитарни држави. Не само што е временски првата која ги прифати новите државни принципи, туку и отиде најдалеку во нивната примена. Руската држава, која уште лажно се нарекува советска држава, е прва која уставно воспостави диктатура, заедно со политичкиот и административниот систем на терор што оди со неа. Усвојувајќи ги сите особини на тоталната држава, на тој начин стана модел за оние други земји кои беа принудени да го укинат демократскиот државен систем и да го заменат со диктаторско владеење. Русија беше примерот за фашизмот.
Не е случајност тоа што се случи, ниту пак е лоша шега на историјата. Дупликацијата на системите овде не е привидно, туку реално. Сè посочува на фактот дека овде треба да се справиме со изрази и последици на идентични принципи применети на различни нивоа од историскиот и политичкиот развој. Без разлика дали партиските „комунисти“ го сакаат тоа или не, факт е дека државниот поредок и владеење во Русија не можат да се разликуваат од оние во Италија и Германија. Во суштина, тие се слични. Може да се зборува за црвена, црна или кафеава „советска држава“, а исто така и за црвен, црн или кафеав фашизам. Иако постојат одредени идеолошки разлики помеѓу овие земји, идеологијата никогаш нема примарна важност. Покрај тоа, фактот дека приватната сопственост сè уште постои во Германија и Италија е промена од само секундарно значење. Укинувањето на приватната сопственост само по себе не гарантира социјализам. Приватната сопственост и во рамките на капитализмот може да биде укината. Она што навистина го одредува социјалистичкото општество, покрај укинувањето на приватната сопственост на средствата за производство, е контролата на работниците над производите од својот труд и укинувањето на наемниот систем. И двете од овие придобивки не се исполнети во Русија, исто како и во Италија и Германија. Иако некои можат да претпостават дека Русија е еден чекор поблиску до социјализмот од другите земји, не следи дека нејзината „советска држава“ му помогна на меѓународниот пролетаријат на кој и да е начин да дојде поблиску до целите на својата класна борба. Напротив, бидејќи Русија се нарекува себеси социјалистичка држава, таа ги залажува и доведува до заблуда работниците од светот. Работникот кој размислува знае што е фашизмот и се бори против него, но во однос на Русија, тој и пречесто е склон да го прифати митот за нејзината социјалистичка природа. Оваа заблуда го спречува целосниот и решителен раскин со фашизмот, бидејќи ја спречува принципиелната борба против причините, условите и околностите кои во Русија, како и во Германија и Италија, доведоа до идентичен државен и владин систем. Така, рускиот мит се претвора во идеолошко оружје на контрареволуцијата.
Не е можно луѓето да им служат на два господари. Тоа не го може ниту тоталитарната држава. Ако фашизмот му служи на капиталистичките и империјалистичките интереси, тој не може да им служи на потребите на работниците. Ако, и покрај ова, две очигледно спротивставени класи преферираат ист државен систем, тогаш очигледно нешто мора да е погрешно. Едната или другата класа мора да е во грешка. Никој не смее да каже тука дека проблемот е само до формата и поради тоа нема реално значење, дека, иако политичките форми се идентични, нивната содржина може многу да се разликува. Ова би било самозалажување. За марксистот такви работи не се случуваат, за него формата и содржината си одговараат и не можат да бидат разделени. Е сега, ако советската држава служи како модел за фашизмот, мора да содржи структурни и функционални елементи кои се заеднички со фашизмот. За да утврдиме кои се тие, мораме да се навратиме на „советскиот систем“ кој го воспостави ленинизмот, кој е примена на принципите на болшевизмот во руски услови. А ако може да се воспостави идентичност помеѓу болшевизмот и фашизмот, тогаш пролетаријатот не може истовремено да се бори против фашизмот и да го брани рускиот „советски систем“. Всушност, борбата против фашизмот мора да започне со борба против болшевизмот.
На почетокот болшевизмот за Ленин беше чисто руска појава. Во текот на многуте години од неговото политичко делување, тој никогаш не се обиде да го подигне болшевичкиот систем до облици на борба за другите земји. Тој беше социјалдемократ кој во Бебел и Кауцки гледаше генијални водачи на работничката класа и ја игнорираше левицата на германското социјалистичко движење, која се бореше против овие херои на Ленин и против сите други опортунисти. Игнорирајќи ги нив, тој остана во постојана изолираност, опкружен со мала група руски емигранти, и продолжи да биде под влијание на Кауцки дури и кога германската „левица“, под водство на Роза Луксембург, веќе беше ангажирана во отворена борба против кауцкијанството.
Ленин беше заинтересиран само за Русија. Неговата цел беше ставање крај на царистичкиот феудален систем и освојување на најголем процент политичко влијание за неговата социјалдемократска партија во рамките на буржоаското општество. Сепак, тој сфати дека може да остане на власт и да продолжи со процесот на поопштествување само ако покрене светска револуција на работниците. Но, неговото сопствено делување во овој поглед беше доста несреќно. Преку помагањето германските работници да се вратат во партиите, синдикатите и парламентот, и преку симултаното уништување на германското советско движење, болшевиците помогнаа при поразот на пробудената европска револуција.
Болшевичката партија, составена од професионални револуционери, од една страна, и голема заостаната маса, од друга страна, остана изолирана. Таа не можеше да развие вистински советски систем во годините на граѓанска војна, интервенција, економски пад, неуспешни експерименти со поопштествувањето и импровизирана Црвена армија. Иако советите, кои беа развиени од меншевиците, не се вклопуваа во болшевичката шема, токму со нивна помош болшевиците дојдоа на власт. Со стабилизирањето на моќта и со процесот на економска обнова, Болшевичката партија не знаеше како да го вклопи чудниот советски систем во сопствените одлуки и активности. Сепак, социјализмот беше желбата и на болшевиците и беше потребен светскиот пролетаријат за негово остварување.
Ленин сметаше дека е суштински важно работниците ширум светот да се придобијат за болшевичките методи. Вознемирувачки беше што работниците од другите земји, и покрај победата на болшевизмот, покажуваа малку склоност самите да ја прифатат болшевичката теорија и практика и наместо тоа инклинираа кон советското движење, кое се појави во неколку земји, а особено во Германија.
Ова советско движење Ленин повеќе не можеше да го искористува во Русија. Во другите европски земји тоа покажуваше силни тенденции да се спротивставува на болшевичкиот тип на востанување. Наспроти московската исклучителна пропаганда во сите земји, таканаречените „ултралевичари“, како што самиот Ленин истакна, агитираа поуспешно за револуција врз основа на советското движење, отколку што направија сите пропагандисти што ги испрати Болшевичката партија. Комунистичката партија, следејќи го болшевизмот, остана малечка, хистерична и бучна група главно составена од пролетеризираните делови од буржоазијата, додека советското движење се стекна со вистинска пролетерска сила и ги привлече најдобрите делови од работничката класа. За да се справи со ситуацијата, болшевичката пропаганда мораше да се зголеми; „ултралевичарите“ мораше да бидат нападнати; нивното влијание мораше да биде уништено во корист на болшевизмот.
Бидејќи советскиот систем пропадна во Русија, како можеше радикалната „конкуренција“ да се осмели да се обиде да му докаже на светот дека она што не можеше да биде остварено од болшевизмот во Русија, би можело доста добро да се оствари независно од болшевизмот на други места? Против оваа конкуренција Ленин го напиша својот памфлет „Левичарството, детска болест на комунизмот“, диктиран од стравот од губење на власта и од индигнацијата поради успехот на еретиците. На почетокот, овој памфлет се појави со поднасловот „обид за популарно изложување на марксистичката стратегија и тактика“, но подоцна оваа премногу амбициозна и смешна објава беше отстранета. Тоа беше малку премногу. Оваа агресивна, сурова и полна со омраза папска була беше вистински материјал за секој контрареволуционер. Од сите програмски декларации на болшевизмот, таа најмногу го разоткриваше нејзиниот вистински карактер. Тоа е демаскиран болшевизам. Кога во 1933 година Хитлер ја сузби целата социјалистичка и комунистичка литература во Германија, на Лениновиот памфлет му беше дозволено објавувањето и дистрибуирањето.
Што се однесува до содржината на памфлетот, овде нема да се занимаваме со она што е кажано во врска со Руската револуција, историјата на болшевизмот, полемиката помеѓу болшевизмот и другите струи на работничкото движење, или со околностите што ја овозможија болшевичката победа, туку само со главните поенти преку кои, во времето на дискусијата помеѓу Ленин и „ултралевичарството“, се прикажани решавачките разлики помеѓу двата противници.
Болшевичката партија, на почетокот Руска социјалдемократска секција на Втората интернационала, не беше основана во Русија, туку за време на емиграцијата. По Лондонската поделба во 1903 година, болшевичкото крило на руската социјалдемократија не беше нешто повеќе од мала секта. „Масите“ позади неа постоеја само во умот на неговиот водач. Сепак, оваа мала авангарда беше строго дисциплинирана организација, секогаш подготвена за милитантна борба и за постојани чистки за да го одржи својот интегритет. Партијата се сметаше за воена академија на професионалните револуционери. Нејзините истакнати педагошки критериуми беа беспоговорниот авторитет на водачот, ригиден централизам, железна дисциплина, конформизам, борбеност и жртвување на личноста пред партиските интереси. Она што всушност го разви Ленин беше елита од интелектуалци, центар кој, кога ќе биде фрлен во револуцијата, би го освоил водството и би ја презел власта. Нема потреба од тоа да се направи обид да се утврди логично и апстрактно дали овој вид подготовка за револуцијата е правилна или погрешна. Проблемот треба да се реши дијалектички. Треба да се постават и други прашања: каква револуција се подготвуваше? Што беше целта на револуцијата?
Лениновата партија делуваше во рамките на задоцнетата буржоаска револуција во Русија за да го собори феудалниот режим на царизмот. Колку е поцентрализирана волјата на водечката партија при таква револуција и колку е поединствена толку поуспешен ќе биде процесот на формирање на буржоаската држава и толку поветувачка ќе биде позицијата на пролетерската класа во рамките на новата држава. Сепак, она што може да се смета како среќно решение за револуционерните проблеми при една буржоаска револуција не може истовремено да биде прогласено за решение за пролетерската револуција. Пресудната структурна разлика помеѓу буржоаското и новото социјалистичко општество го исклучува таквиот став.
Согласно Лениновиот револуционерен метод, водачите мора да се појават на чело на масите. Поседувајќи соодветна револуционерна наобразба, тие се способни да ги разберат ситуациите и да заповедаат со борбените сили. Тие се професионални револуционери, генерали на големата цивилна војска. Разликата помеѓу главата и телото, интелектуалците и масите, офицерите и војниците соодветствува на дуализмот на класното општество, на буржоаскиот општествен поредок. Едната класа е образована да владее, другата - да биде владеана. Од оваа стара класна формула произлезе концептот на Лениновата партија. Неговата организација е само копија на буржоаската стварност. Неговата револуција е објективно одредена од силите што создаваат општествен поредок кој ги инкорпорира овие класни односи, без оглед на субјективните цели кои го придружуваат овој процес.
Оној што сака да има буржоаски поредок, во раздвојувањето на водачот и масите, авангардата и работничката класа, ќе најде правилна стратешка подготовка за револуцијата. Колку водството е попаметно, пообразовано и посупериорно и колку масите се подисциплинирани и попослушни, толку поголеми шанси има таквата револуција да успее. Стремејќи се кон буржоаска револуција во Русија, Лениновата партија беше најсоодветна за неговата цел.
Сепак, кога Руската револуција го промени својот карактер, кога нејзините пролетерски црти повеќе дојдоа до израз, Лениновите тактички и стратешки методи престанаа да имаат вредност. Ако и успеа, тоа не беше поради неговата авангарда, туку поради советското движење што воопшто не се вклопуваше во неговите револуционерни планови. А кога Ленин, по успешната револуција која беше изведена од советите, повторно раскрсти со ова движење, беше раскрстено и со сè што беше пролетерско во Руската револуција. Буржоаскиот карактер на револуцијата повторно дојде до израз, наоѓајќи свое природно комплетирање во сталинизмот.
И покрај својот голем интерес за марксистичката дијалектика, Ленин не беше способен да ги гледа општествено-историските процеси на дијалектички начин. Неговото мислење остана механичко, следејќи ригидни правила. За него имаше само една револуционерна партија - неговата; само една револуција - Руската; само еден метод - болшевичкиот. И она што функционираше во Русија ќе функционира и во Германија, Франција, Америка, Кина и Австралија. Она што беше правилно за буржоаската револуција во Русија, ќе биде правилно и за пролетерската светска револуција. Монотоната примена на еднаш откриената формула се движеше во егоцентричен круг непопречена од времето и околностите, степенот на развој, културните стандарди, идеите и луѓето. Кај Ленин бликна со голема јасност владеењето на машинската ера во политиката; тој беше „техничарот“, „пронаоѓачот“ на револуцијата, претставник на семоќната волја на водачот. Сите основни карактеристики на фашизмот ги имаше во неговата доктрина, неговата стратегија, неговото општествено „планирање“ и во неговата вештина на однесување со луѓето. Тој не можеше да го види длабокото револуционерно значење на отфрлањето на традиционалните партиски политики од страна на левицата. Тој не можеше да ја разбере вистинската важност на советското движење за социјалистичката ориентација на општеството. Тој никогаш не ги научи предусловите за ослободување на работниците. Авторитетот, водството, силата, вршени од едната страна, и организацијата, кадрите, потчинувањето од другата страна - таков беше неговиот начин на размислување. Дисциплината и диктатурата беа зборовите кои се најчести во неговите дела. Оттука, разбирливо е зошто тој не можеше да ги разбере ниту да ги прифати идеите и активностите на „ултралевицата“, која не ја прифаќаше неговата стратегија и која го бараше она што беше најочигледно и најнеопходно за револуционерната борба за социјализам, имено, работниците еднаш засекогаш да ја земат својата судбина во свои раце.
Да ја земат својата судбина во своите раце - оваа клучна парола за сите прашања на социјализмот - беше вистинското прашање во сите полемики помеѓу ултралевицата и болшевиците. Несогласиците околу прашањето на партијата одеа паралелно со несогласиците околу синдикализмот. Ултралевицата беше на мислење дека повеќе нема место за револуционерите во синдикатите, дека наместо тоа за нив е нужно да развијат сопствени организациски форми во фабриките, типичните работни места. Сепак, благодарение на нивниот незаслужен авторитет, болшевиците беа способни веќе во првите недели од Германската револуција да ги натераат работниците да се вратат во капиталистичките реакционерни синдикати. За да се бори против ултралевичарите, за да ги осуди како исто онолку глупави колку и контрареволуционерни, Ленин во својот памфлет уште еднаш прибегнува кон своите механицистички формули. Во своите аргументи против позицијата на левицата, тој не упатува на германските синдикати, туку на синдикалните искуства на болшевиците во Русија. Тоа што на своите почетоци синдикатите имаа голема важност за пролетерската класна борба е општоприфатен факт. Синдикатите во Русија беа млади и го оправдуваа Лениновиот ентузијазам. Сепак, ситуацијата беше поинаква во другите делови од светот. Корисни и прогресивни на своите почетоци, синдикатите во постарите капиталистички земји се претворија во пречки на патот кон ослободување на работниците. Тие се претворија во средства на контрареволуцијата и германската левица ги извлече своите заклучоци од оваа променета ситуација.
Самиот Ленин не можеше да не изјави дека со текот на времето таму се разви слој на „строго синдикалска, империјалистички ориентирана, арогантна, залудна, стерилна, егоистичка, ситно-буржоаска, поткупена и деморализирана работничка аристократија.“ Овој корумпиран еснаф, ова гангстерско раководство денес владее со светското синдикално движење и живее на грбот на работниците. За ова синдикално движење зборуваше ултралевицата кога бараше од работниците да го напуштат. Сепак, Ленин демагошки одговори преку посочување на младото синдикално движење во Русија, кое сè уште не го споделуваше карактерот со одамна основаните синдикати во другите земји. Користејќи конкретно искуство во еден даден период и при посебни околности, тој сметаше дека е можно врз основа на тоа да извлече заклучоци со се-светска примена. Револуционерот, тврдеше тој, мора секогаш да биде онаму каде што се масите. Но, во стварноста, каде се масите? Во синдикалните канцеларии? На состаноците на членството? На тајните состаноци на раководството со капиталистичките претставници? Не, масите се во фабриките, на нивните работни места и таму е неопходно да се делува врз нивната соработка и да се зајакне нивната солидарност. Фабричката организација, советскиот систем, е вистинската организација на револуцијата, која мора да ги замени сите партии и синдикати.
Во фабричките организации нема место за професионалното раководство, нема одвојување на водачите од следбениците, нема кастинска дистинкција помеѓу интелектуалците и обичните работници, нема основа за егоизам, конкуренција, деморализација, корупција, стерилност и филистерство. Тука работниците мора да ги земат работите во свои раце.
Но, Ленин мислеше поинаку. Тој сакаше да ги зачува синдикатите, да ги промени одвнатре, да ги отстрани социјалдемократските службеници и да ги замени со болшевички службеници, да ја замени лошата со добра бирократија. Лошата се развива кај социјалдемократијата, добрата кај болшевизмот.
Во меѓувреме, дваесетте години искуство го покажаа идиотизмот на таквиот концепт. Следејќи го Лениновиот совет, комунистите ги испробаа сите можни методи да ги реформираат синдикатите. Резултатот беше никаков. Обидот да формираат свои сопствени синдикати исто така беше никаков. Конкуренцијата помеѓу социјалдемократското и болшевичкото синдикално делување беше натпревар во корумпираност. Револуционерната енергија на работниците се исцрпуваше во текот на овој процес. Наместо да се концентрираат на борбата против фашизмот, работниците се занимаваа со бесмислено и бесцелно експериментирање во интерес на различните бирократии. Масите изгубија доверба во себе и во „своите“ организации. Се почувствуваа измамени и предадени. Методите на фашизмот, да се диктира секој чекор на работниците, да се спречува будењето на самоиницијативноста, да се саботираат сите почетоци на класната свест, да се деморализираат масите преку безбројни порази и да се направат неспособни - сите овие методи веќе се развиваа во дваесетте години работа во синдикатите во согласност со болшевичките принципи. Победата на фашизмот беше така лесна, бидејќи работничките водачи во синдикатите и партиите го подготвија за нив човечкиот материјал кој можеше да биде вклопен во фашистичките шеми.
И околу прашањето на парламентаризмот Ленин се појавува во улога на бранител на една трула политичка институција која стана пречка за понатамошниот политички развој и опасност за пролетерската еманципација. Ултралевичарите се бореа против парламентаризмот во сите негови облици. Тие одбија да учествуваат на изборите и не ги почитуваа парламентарните одлуки. Наспроти тоа, Ленин вложи многу напор во парламентарните активности и им придаде голема важност. Ултралевицата го прогласи парламентаризмот за историски надминат, дури и како говорница за агитација, и во него не гледаше ништо повеќе од постојан извор на политичка корупција и за парламентарците и за работниците. Тој ја затупуваше револуционерната свест и конзистентноста на масите преку создавање на илузии за законски реформи, а при критични прилики парламентот се претвораше во орудие на контрареволуцијата. Тој мораше да биде уништен, или, онаму каде што ништо друго не беше можно, да биде саботиран. Потребна беше борба против парламентарната традиција, која сè уште имаше удел кај пролетерската свест.
За да постигне спротивен ефект, Ленин се послужи со трикот на повлекување разлика помеѓу историски и политички надминатите институции. Се разбира, тврдеше тој, парламентаризмот е историски застарен, но тоа не е случајот политички и тоа треба да се земе предвид. Треба да се учествува, бидејќи тој сè уште играше улога политички.
Каков аргумент! И капитализмот е само историски, но не и политички застарен. Според логиката на Ленин, поради тоа не е можно да се бори против капитализмот на револуционерен начин. Наместо тоа, треба да се бара компромис. Опортунизмот, преговорите, политичкото ценкање - тоа би биле последиците од Лениновата тактика. И монархијата е само историски, но не и политички надмината. Според Ленин, работниците не би имале право да ја уништат, туку би биле должни да бараат компромисно решение. Истата приказна би важела и во однос на црквата, исто така историски, но не и политички застарена. Покрај тоа, луѓето во голем број припаѓаат на црквата. Револуционерот, како што истакна Ленин, треба да биде онаму каде што се масите. Доследноста ќе го принуди да каже: „Влезете во Црквата; тоа е ваша револуционерна должност!“ На крајот, тука е фашизмот. Еден ден и фашизмот ќе биде историски надминат, но политички сè уште ќе постои. Што треба тогаш да се прави? Да се прифати фактот и да се направи компромис со фашизмот. Според расудувањето на Ленин, пакт помеѓу Сталин и Хитлер само ќе покаже дека Сталин всушност е најдобриот ученик на Ленин. И воопшто нема да биде изненадувачки ако во скорешна иднина болшевичките агенти го поздравуваат пактот помеѓу Москва и Берлин како единствената револуционерна тактика.
Позицијата на Ленин околу прашањето на парламентаризмот е само дополнителна илустрација за неговата неспособност да ги разбере суштинските потреби и карактеристики на пролетерската револуција. Неговата револуција е потполно буржоаска, таа е борба за мнозинство, за владини позиции, за преземање на правната машинерија. Тој всушност мислеше дека е важно да се добие што е можно повеќе гласови на изборните кампањи, да се има силна болшевичка фракција во парламентите, да се помогне да се одреди формата и содржината на законодавството, да се земе учество во политичкото владеење. Тој воопшто не забележа дека денес парламентаризмот е само блеф, празна илузија, и дека вистинската моќ на буржоаското општество лежи на сосема поинакви места; дека и покрај сите можни парламентарни порази, буржоазијата сè уште ќе има при рака доволно средства да ја наметне својата волја и интереси на не-парламентарните полиња. Ленин не ги виде деморализирачките ефекти што парламентаризмот ги имаше врз масите, тој не го забележа труењето на јавниот морал преку парламентарната корумпираност. Поткупени, купени и измамени, парламентарните политичари се плашеа за своите приходи. Имаше време во пред-фашистичка Германија кога реакционерите во парламентот можеа да изгласаат кој било закон што ќе го посакаа само преку закана дека ќе доведат до распуштање на парламентот. Немаше ништо пострашно за парламентарните политичари од таквата закана, која претпоставуваше крај за нивните лесни приходи. За да избегнат еден таков крај, тие би кажале „да“ на сè. И како е сега во Германија, во Русија, во Италија? Парламентарните хелоти се без мислење, без волја и не се ништо друго освен доброволни слуги на своите фашистички господари.
Не може да има дилеми околу тоа дека парламентаризмот е целосно дегенериран и корумпиран. Но, зошто пролетаријатот не ја спречи оваа деградација на политичкото средство кое порано го користеше за своите цели? Да се ставеше крај на парламентаризмот преку еден херојски револуционерен акт би било далеку покорисно и попоучно за пролетерската свест отколку бедниот театар во кој заврши парламентаризмот во фашистичкото општество. Но, таквиот став му беше потполно туѓ на Ленин, исто како што денес му е туѓ на Сталин. Ленин не се грижеше за слободата на работниците од нивната умствено и телесно ропство, нему не му пречеше лажната свест на масите и нивното човечко само-отуѓување. Целиот проблем за него не беше ништо помалку и ништо повеќе од проблемот на власта. Како буржуј, тој размислуваше во термините на добивки и загуби, кредит или долг, а неговите, како бизнисменски, пресметки се занимаваат само со надворешни работи: број на членови, број на гласови, мандати во парламентот, контролни позиции. Неговиот материјализам е буржоаски материјализам, кој се занимава со механизми, а не со човечки суштества. Тој не е вистински способен да размислува во општествено-историски термини. За него парламентот е парламент, апстрактен концепт во вакуум, кој има исто значење кај сите народи, во сите времиња. Сигурно дека тој разбира дека парламентот поминува низ различни фази и тоа го истакнува во своите расправи, но не го употребува своето знаење во својата теорија и практика. Во својата про-парламентарна полемика тој се крие зад раните капиталистички парламенти во нагорната фаза на капитализмот, со цел да не остане без аргументи. И ако ги напаѓа старите парламенти, тоа го прави од позиции млади и одамна надминати. Накратко, тој одлучува дека политиката е уметност на можното. Сепак, политиката за работниците е уметност на револуцијата.
Останува да се позанимаваме со Лениновата позиција околу прашањето на компромисите. За време на Светската војна, германската социјалдемократија се продаде на буржоазијата. Сепак, во голема мера против нејзината волја, таа ја наследи Германската револуција. Тоа беше овозможено во голема мера со помош на Русија, која го даде својот удел преку убивање на германското советско движење. Моќта што падна во рацете на социјалдемократијата не беше употребена за ништо. Социјалдемократијата едноставно ја обнови својата стара политика на класна соработка, задоволна што ја дели власта над работниците со буржоазијата во текот на периодот на обнова на капитализмот. Германските радикални работници се спротивставија на ова предавство преку овој слоган: „Никаков компромис со контрареволуцијата!“ Тука имаше конкретен случај, специфична ситуација, која бараше јасна одлука. Ленин, неспособен да сфати за што навистина се работи, од ова конкретно, специфично прашање направи општ проблем. Со надуеност на генерал и непогрешливост на кардинал, тој се обиде да ги убеди ултралевичарите дека компромисите со политичките противници во сите услови се револуционерна должност. Ако некој денес ги чита оние пасуси од Лениновиот памфлет кое се однесуваат на компромисите, ќе биде склон да ги спореди Лениновите забелешки од 1920 со сегашната Сталинова политика на компромиси. Нема ниту еден смртен грев на болшевичката теорија што не стана болшевичка реалност за време на Ленин.
Според Ленин, ултралевичарите требаа да сакаат да го потпишат Версајскиот договор. Сепак, Комунистичката партија, сè уште во согласност со Ленин, направи компромис и протестираше против Версајскиот договор во соработка со хитлеровците. „Национал-болшевизмот“, кој во 1919 година во Германија го пропагираше левичарот Лауфенберг,[1] според мислењето на Ленин беше „апсурдност која вриска до небо“. Но Радек и Комунистичката партија - повторно во согласност со Лениновите принципи - склучија компромис со германскиот национализам и протестираа против окупацијата на Рурскиот басен и го славеа националниот херој Шлагетер.[2] Друштвото на народите, според сопствените зборови на Ленин, беше „група капиталистички пљачкаши и бандити“, против која работниците можат само да се борат до горкиот крај. Сепак, Сталин - во согласност со Лениновата тактика - направи компромис токму со истите бандити и СССР влезе во Друштвото. Концептот "volk" или „народ“ според мислењето на Ленин е криминална отстапка на контрареволуционерната идеологија на ситната буржоазија. Тоа не ги спречи ленинистите, Сталин и Димитров, да направат компромис со ситната буржоазија со цел да го покренат чудовишното движење на „народниот фронт“. За Ленин, империјализмот беше најголемиот непријател на светскиот пролетаријат и против него треба да бидат мобилизирани сите сили. Но Сталин, повторно во вистински ленинистички манир, е доста зафатен со подготвувањето сојуз со Хитлеровиот империјализам. Има ли потреба да се понудат уште примери? Историското искуство учи дека сите компромиси помеѓу револуцијата и контрареволуцијата можат да и’ служат само на втората. Тие водат само во банкрот на револуционерното движење. Сета политика на компромиси е политика на банкрот. Она што започна како обичен компромис со германската социјалдемократија, заврши со Хитлер. Она што Ленин го оправдуваше како нужен компромис, заврши со Сталин. Преку дијагностицирањето на револуционерната бескомпромисност како „детска болест на комунизмот“, Ленин страдаше од старечката болест на опортунизмот, на псевдо-комунизмот.
Ако некој погледа со критички очи врз сликата на болшевизмот понудена од Лениновиот памфлет, можат да се забележат следните главни поенти како карактеристики на болшевизмот:
1. Болшевизмот е националистичка доктрина. Изворно и суштински конципиран да реши едно национално прашање, подоцна беше подигнат до теорија и практика со меѓународен опсег и до општа доктрина. Неговиот националистички карактер испливува на виделина и преку неговиот став околу борбата за национално ослободување на угнетените народи.
2. Болшевизмот е авторитарен систем. Врвот на општествената пирамида е најважна и најрешавачка точка. Авторитетот е отелотворен во семоќното лице. Во митот за водачот идеалот на буржоаската личност го слави својот најголем успех.
3. Организациски, болшевизмот е исклучително централистички. Централниот комитет е одговорен за сите иницијативи, раководењето, обучувањето, командувањето. Како и во буржоаската држава, водечките членови на организацијата ја играат улогата на буржоазијата, а единствената улога на работниците е да се потчинуваат на наредбите.
4. Болшевизмот претставува политика на воена моќ. Исклучиво заинтересиран за политичката власт, тој не е поинаков од облиците на владеење во традиционална буржоаска смисла. Дури и во самата организација нема самоопределување од страна на членовите. Војската и’ служи на партијата како најдобар пример за организација.
5. Болшевизмот е диктатура. Делувајќи преку сурова сила и терористички мерки, тој ги насочува сите свои функции кон потиснување на сите не-болшевички институции и мислења. Неговата „диктатура на пролетаријатот“ е диктатура на бирократијата или на едно лице.
6. Болшевизмот е механицистички метод. Тој се стреми кон автоматска координација, технички обезбеден конформизам и најефикасен тоталитаризам како цел на општествениот поредок. Централистички „планираната“ економија свесно ги меша техничко-организациските проблеми со општествено-економските прашања.
7. Општествената структура на болшевизмот има буржоаска природа. Тој не го укинува наемниот систем и го отфрла пролетерското самоопределување околу производите на трудот. Поради тоа, тој суштински останува во класните рамки на буржоаскиот општествен поредок. Капитализмот станува траен.
8. Болшевизмот е револуционерен елемент само во рамките на буржоаската револуција. Бидејќи е неспособен да го оствари советскиот систем, тој е неспособен суштински да ја преобрази структурата на буржоаското општество и неговата економија. Тој воспоставува не социјализам, туку државен капитализам.
9. Болшевизмот не е мост што ќе води во социјалистичко општество. Без советскиот систем, без целосната радикална револуција на луѓето и работите, тој не може да ја исполни најсуштинската од сите социјалистички барања, а тоа е да се стави крај на капиталистичкото човечко самоотуѓување. Тој претставува последен стадиум на буржоаското општество, а не прв чекор кон новото општество.
Овие девет поенти претставуваат непремостлива спротивност помеѓу болшевизмот и социјализмот. Тие го покажуваат со сета неопходна јасност буржоаскиот карактер на болшевичкото движење и неговите блиски односи со фашизмот. Национализмот, авторитаризмот, централизмот, диктатурата на водачот, политиките на моќ, владеењето на теророт, механицистичката динамика, неспособноста да поопштествува - сите тие суштински карактеристики на фашизмот постоеја и постојат во болшевизмот. Фашизмот е само копија на болшевизмот. Поради оваа причина, борбата против едниот мора да започне со борба против другиот.
Забелешки на преведувачот
[1] Хајнрих Лауфенберг (1872-1932) беше германски комунист на советите, кој во ноември 1918 година, за време на Германската револуција, беше избран за претседател на Советот на работничките и воени делегати во Хамбург. По исклучувањето на комунистите на советите од Комунистичката партија на Германија, Лауфенберг учествува во формирањето на Комунистичката работничка партија на Германија, но по излегувањето со ставот дека е потребен сојуз со германските националисти со цел поведување војна против западните сили кои го наметнаа Версајскиот договор, тој е исклучен од партијата.
[2] Алберт Лео Шлагетер (1894-1923) беше член на германските десничарски парамилитарни групи, учесник во Каповиот пуч од 1920 година. Во 1923 година, за време на француската окупација на Рурската област, врши акти на саботажа, но е фатен од страна на француските сили, осуден на смрт и обесен. Уживаше голем углед кај голем дел од германските граѓани, а нацистите го величаа како еден од своите најголеми херои.