Напишано:
крајот на 1843 - јануари 1844
Извор:
Карл Маркс, Фридрих Енгелс „Од раните трудови“
Издавач:
„Култура“ (Скопје), 1961.
Превод:
Цветко Мартиновски (корекции: Здравко Савески)
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн
верзија: март 2008
За Германија критиката на религијата е всушност завршена, а критиката на религијата е претпоставка за секоја друга критика.
Земното постоење на заблудата е компромитирано штом е оспорена нејзината небесен oratio pro aris et focis [говор во одбрана на олтарите и огништата]. Човекот, што во фантастичната стварност на небото барал некакво натчовечко суштество, а нашол само одраз на самиот себе, нема да сака повеќе да наоѓа само привид на самиот себе, само нечовек онаму каде што тој ја бара и мора да ја бара својата вистинска стварност.
Основата на ирелигиозната критика е: човекот ја создава религијата, а не религијата човекот. А токму религијата е самосвест и самочувствување на човекот, што или уште не се здобил себеси, или веќе одново се загубил. Но човекот не е апстрактно суштество, што е засолнато некаде надвор од светот. Човекот - тоа е светот на човекот, државата, општеството. Таа држава, тоа општество ја пораѓаат религијата, изопачен поглед на светот, зашто самите тие се изопачен свет. Религијата е општа теорија на тој свет, негов енциклопедиски компендиум, негова логика во популарна форма, негово спиритуалистичко point d' honneur [прашање на честа], негов ентузијазам, негова морална санкција, негово свечено надополнување, негова општа основа за утеха и оправдание. Таа ја претвора во фантастична стварност човечката суштина, затоа што човечката суштина нема вистинска стварност. Значи, борбата против религијата е индиректно борба против оној свет чијашто духовна арома претставува религијата.
Религиската беда е истовремено израз на вистинската беда и протест против таа вистинска беда. Религијата е издишка на потиснатото суштество, душа на бездушниот свет, како што е таа дух на бездушни прилики. Таа е опиум на народот.[1]
Укинувањето на религијата како илузорна среќа на народот е барање на неговата вистинска среќа. Барањето за откажување од илузиите за својата поддршка е барање за откажување од таквата положба, којашто има потреби од илузии. Критиката на религијата, значи, е во никулец критика на онаа долина на плачот, чиј свет ореол претставува религијата.
Критиката ги сметна од синџирите фалшивите цвеќиња што ги украсуваа, не заради тоа човештвото да ги носи и понатаму тие синџири во нивната форма, лишена од секаква радост и секаква наслада, туку заради тоа човештвото да ги отфрли синџирите и да протегне рака по жив цвет. Критиката на религијата го ослободува човекот од илузии, за да мисли, да дејствува, да ја гради својата стварност, како ослободен од илузии, како станат разумен човек; за да се врти околу себе самиот и своето стварно сонце. Религијата е само илузорно сонце што се движи околу човекот сè дотогаш додека тој не почне да се движи околу самиот себе.
Задача на историјата е, значи, откако исчезне вистината на оној свет, да ја утврди вистината на овој свет. Задача на филозофијата, што се наоѓа во служба на историјата, е пред сè - откако е разобличен светиот облик на човечкото самоотуѓување - во тоа да го разобличи самоотуѓувањето во неговите несвети облици. На таков начин критиката на небото се претвора во критика на земјата, критиката на религијата во критика на правото, критиката на теологијата во критика на политиката.
Иследувањето што ќе биде дадено по уводов[2] - прилог кон овој труд - се осврнува прво не кон оригиналот, туку кон копијата - кон германската филозофија на државата и правото - поради едноставната причина што за излезна точка ја зема Германија.
Ако би сакале да тргнеме од самото германско статус кво - иако на единствено погоден начин, имено, негативен - сепак резултатот би останал анахронизам. Дури одрекувањето на нашата политичка современост веќе се наоѓа во историската шупа на современите народи како со прашина покриено минато. Кога јас ги отфрлам напудрените коси, сè уште сум принуден да имам работа со напудрените перчини. Отфрлајќи ги германските прилики од 1843 година, јас, според француското сметање на времето, се наоѓам едвај дури во 1789 година и веќе никако не во фокусот на современоста.
Да, германската историја се перчи со такво движење какво ниеден народ не го сторил пред неа на историскиот хоризонт и кое што ниеден народ нема да сака да го имитира во иднината. Ние ги споделуваме со современите народи реставрациите, без да ги споделуваме со нив револуциите. Ние ги преживувавме реставрациите, прво, затоа што другите народи се решаваа на револуција и, второ, затоа што другите народи страдаа од контрареволуцијата; во првиот случај затоа што нашите господари имаа страв, а во вториот случај затоа што нашите господари немаа страв. Со нашите пастири на чело ние обично се наоѓаме во друштво на слободата само еднаш - на денот на нејзиниот закоп.
Школата, што подлоста на денешниот ден ја оправдува со подлоста на вчерашниот, којашто го прогласува за бунтовнички секој крик на крепосните против јаремот, само ако е тој јарем стар, наследен, историски јарем; школата, на која историјата, како богот на Израел на својот слуга Мојсеј, и’ го покажува само своето a posteriori [задна страна] - таа историска школа на правото затоа би ја измислила германската историја, кога самата не би била пронајдок на германската историја. Вистински Шејлок[3], но Шејлок-лакеј, таа на секоја фунта месо, сечено од срцето на народот, се колне со својата меница, својата историска меница, својата германско-христијанска меница.
Напротив, добродушните ентузијасти, германофили по крв и слободни мислители по рефлексија, ја бараат историјата на нашата слобода од онаа страна на нашата историја, во првобитните тевтонски шуми. Но со што би се разликувала историјата на нашата слобода од историјата на слободата на дивата свиња, кога таа би можела да се најде само во шумите? Освен тоа е познато дека во шумата како ќе се викне така ќе се одекне. Затоа, да ги оставиме на мира првобитните тевтонски шуми!
Војна на германските прилики! Бездруго војна! Тие прилики се наоѓаат подолу од рамништето на историјата, тие се подолу од секаква критика, но тие остануваат објект на критиката, како што злосторникот, што се наоѓа под рамништето на човечноста, останува објект на џелатот. Во борбата со нив критиката претставува не страст на разумот, таа е разум на страста. Таа не е анатомски нож, таа е оружје. Нејзиниот објект на критика е нејзин непријател, кого таа не сека да го оспори, туку да го уништи. Зашто духот на тие прилики веќе е оспорен. Сами по себе тие не се достојни да станат предмет на размислување - тие постојат како нешто исто толку презрено колку и презриво. Критиката нема зошто да го изјаснува својот однос кон тој предмет - таа си ги расчистила со него сите сметки. Критиката истапува веќе не како самоцел, туку само како средство. Нејзин основен патос е индигнацијата, нејзино основно дело е денунцијацијата.
Станува збор за опишувањето на меѓусебниот тежок притисок на сите општествени сфери една врз друга, општото пасивно незадоволство, што во еднаква мера се изразува како во самоиздигањето така и во самоуништувањето - сето она што е опфатено во рамките на таков систем на владеење, што живее со тоа што запазува секакви гнасотии и самиот не е ништо друго освен гнасност на власт.
Каква глетка! Општеството бескрајно се раздробува на најразновидни групи, што си противречат една на друга со своите ситни антипатии, нечиста совест и груба просечност и токму тој нивни меѓусебен двосмислен и недоверлив однос и им дозволува на нивните господари да се однесуваат кон нив, сите без разлика - иако со различни формалности, како кон суштества што живеат по милост на началството. И дури тој факт што над нив господарат, што ги господарат, што ги поседуваат нив, тие се должни да го признаваат и исповедуваат како милост на небото! А од друга страна се самите господари, чија величина се наоѓа во обратна пропорционалност во однос на нивниот број!
Критиката што се занимава со тој предмет е критика во тепачка, а во тепачката не е важно дали е противникот благороден, дали има исто потекло, интересен ли е или не - важно е да му нанесе удар. Нужно е на Германците да не им се дава ни миг за самоизмама и покорност. Треба да се стори стварното угнетување уште потешко, дополнувајќи го со свеста за угнетувањето, а срамотата уште посрамотна со тоа што ќе се разгласи. Треба секоја сфера на германското општество да се опишува како partie honteuse [срамен дел] на германското општество, треба да се натераат да играат тие скаменети прилики, пеејќи им нивни сопствени мелодии! Треба да се натера народот да се ужасни од самиот себе за да му се влее храброст. Со тоа ќе биде остварена неотстранливата потреба на германскиот народ, а потребите на народите самите се решавачка причина за нивното задоволување.
Дури и за современите народи не може да не претставува интерес таа борба против ограничената содржина на германското статус кво, зашто германското статус кво претставува отворено довршување на ancien régime [стариот поредок], а ancien régime е скришен порок на современата држава. Борбата против германската политичка стварност е борба со минатото на современите народи, а сеќавањата за тоа минато сè уште продолжуваат да тежат над тие народи. За нив е поучно да видат како ancien régime, што кај нив ја преживеал својата трагедија, ја игра својата комедија во лицето на германскиот фантом. Трагична беше историјата на стариот поредок, додека беше од најстари времиња власт на светот, а слободата напротив беше идеја на одделни лица, со други зборови, додека стариот поредок самиот верувал, и морал да верува, во својата оправданост. Додека ancien régime како постоечки светски поредок се бореше со светот, кој тукушто настануваше, на страната на тој ancien régime не стоеше личната, туку светско-историската заблуда. Затоа неговата пропаст и беше трагична.
Напротив, сегашниот германски режим, тој анахронизам, таа флагрантна противречност на општопризнатите аксиоми, таа на показ на сиот свет изложена ништожност на ancien régime - само си вообразува дека верува во себе и бара од светот и тој да си го вообразува тоа. Кога тој навистина би верувал во својата сопствена суштина, зарем тој би почнал да ја крие под привидот на туѓа суштина и да го бара својот спас во лицемерства и софизми? Сегашниот ancien régime е поскоро само комедијант на таков светски поредок, чиишто стварни херои се изумрени. Историјата дејствува темелно и поминува преку многу фази кога носи во гроб една застарена форма на животот. Последната фаза на светско-историската форма е нејзината комедија. Боговите на Грција, што веќе еднаш, во трагична форма, беа смртно ранети во „Окованиот Прометеј“ на Есхил, беа принудени уште еднаш, во комична форма, да умрат во „Дијалозите“ на Лукијан. Зошто е ваков текот на историјата? Ова е потребно заради тоа човештвото весело да се раздели од своето минато. Ваква весела историска разврска ние и бараме за политичките сили на Германија.
Меѓутоа, штом современата политичко-социјална стварност самата се подложува на критика, штом критиката се издига, значи, до вистински човечки проблем, таа се покажува надвор од рамките на германското статус кво; инаку таа би го разгледувала својот предмет на рамниште пониско од стварното рамниште на тој предмет. Еве еден пример! Односот на индустријата, воопшто светот на богатството, кон политичкиот свет е еден од главните проблеми на новото време. Во каква форма започнува тој проблем да ги интересира Германците? Во форма на заштитни царини, систем на прохибиција, национална економија. Германофилијата преминала од човекот во материја и на таков начин едно прекрасно утро нашите рицари на памукот и херои на железото се разбудија како патриоти. Во Германија, значи, почнуваат да го признаваат суверенитетот на монополот внатре во земјата, преку тоа што му даваат на монополот суверенитет кон странство. Во Германија, значи, штотуку имаат намера да започнат со она на што во Франција и Англија веќе се готват да му стават крај. Стариот гнил поредок, против кој теоретски востануваат тие земји, и кој тие уште само го трпат, како што се трпат синџири, во Германија се поздравува како развиделување на зора на прекрасна иднина, којашто одвај се решава да премине од итра теорија во најбезочна практика. Додека во Франција и Англија проблемот гласи: политичка економија или господарење на општеството над богатството, во Германија тој гласи: национална економија, или господарење на приватната сопственост над нацијата. Значи, во Франција и Англија станува збор да се уништи монополот што се развил до своите крајни последици; а во Германија за тоа да се развие монополот до своите крајни последици. Таму станува збор за решавањето на проблемот, тука - само за колизија. Тоа е доволно показателен пример на германската форма на современите проблеми, пример на тоа како нашата историја, слично на невешт регрут што повторува стари вежби, сметала досега за своја задача само да повторува излитени приказни.
Значи, кога општиот германски развиток не би излегувал од рамките на политичкиот германски развиток, Германецот би можел да учествува во проблемите на современоста најмногу онолку колку што во нив може да учествува Русинот. Меѓутоа, ако одделна личност не е врзана со границите на државата, тогаш нацијата, земена во целост, не станува слободна поради тоа што одделна личност станала слободна. Меѓу филозофите на Грција имаше еден Скит,[4] но тоа ни за чекор не ги доближи Скитите до грчката култура.
За среќа, ние Германците не сме Скити.
Како што старите народи ја доживувале својата предисторија во имагинацијата, во митологијата, така ние Германците ја доживуваме нашата идна историја во мислите, во филозофијата. Ние сме филозофски современици на сегашниот век, без да бидеме негови историски современици. Германската филозофија е идеалното продолжение на германската историја. Значи, кога наместо oeuvres incompletes [незавршените дела] на нашата идеална историја, ние ги критикуваме oeuvres posthumes [постхумните дела] на нашата идеална историја, филозофијата, тогаш нашата критика се наоѓа во средиштето на оние прашања за кои сегашниот век вели: that is the question [тоа е прашањето]! Она што кај напредните народи претставува веќе практично раскинување со современиот државен поредок, тоа во Германија, каде што таков поредок уште дури не ни постои, претставува најпрво критичко раскинување со филозофскиот одраз на тој поредок.
Германската филозофија на правото и државата е единствената германска историја, што стои al pari [на рамниште] со официјалната современа стварност. Затоа германскиот народ мора да ја приклучи таа своја вообразувана историја кон постојните прилики и да ги подложи на критика не само тие постојни прилики, туку заедно со нив и нивното апстрактно продолжение. Неговата иднина не може да се ограничи ниту на непосредна негација на неговата реална државно-правна состојба, ниту на непосредното остварување на неговата идеална државно-правна состојба, зашто во таа своја идеална состојба германскиот народ има непосредна негација на својата реална состојба, а непосредното остварување на својата идеална состојба тој веќе речиси го преживеал, гледајќи го животот на соседните народи. Затоа практичната политичка партија во Германија со право бара негација на филозофијата. Нејзината грешка не се состои во тоа барање, туку во тоа што таа не оди понатаму од тоа барање, што таа сериозно не го исполнува, па и не може да го исполни. Таа мисли дека божем ја остварува таа негација на филозофијата со тоа што и’ го свртува грбот и со свртена глава мрмори неколку лути и банални фрази на нејзина адреса. Ограниченоста на нејзиниот видокруг се пројавува во тоа што таа не ја вбројува филозофијата во кругот на германската стварност или си замислува дека филозофијата стои дури пониско од германската практика и теориите што и’ служат. Вие го поставувате барањето да се тргнува од стварните никулци на животот, но вие заборавате дека стварниот никулец на животот на германскиот народ досега израснувал само под неговиот череп. Со еден збор: вие не можете да ја укинете [aufheben] филозофијата без да ја остварите во стварноста.
Истата таа грешка, но во спротивен правец, ја правела и теоретската политичка партија, што потекнува од филозофијата.
Во сегашната борба таа ја воочуваше само критичката борба на филозофијата со германскиот свет, таа не помислила за тоа дека постојната филозофија самата му припаѓа на тој свет и претставува негово дополнување, иако идеално. Однесувајќи се критички кон својот противник, таа се однесуваше некритички кон самата себе, зашто тргнуваше од претпоставките на филозофијата и или не одеше понатаму од резултатите што произлегуваа од нив, или пак барањата и резултатите добиени од друг извор ги претставуваше како непосредни барања и резултати на филозофијата, без оглед на тоа што тие - ако се допушти нивната правилност - можат, напротив, да бидат добиени само преку негација на постојната филозофија, на филозофијата како филозофија. Ние си го запазуваме правото да се вратиме на поподробно опишување на таа партија. Нејзиниот основен недостаток може да се сведе на следното: таа мислеше дека може да ја претвори филозофијата во стварност без да ја укине [aufzuheben] самата филозофија.
Критиката на германската филозофија на државата и правото, што во трудовите на Хегел ја доби својата најдоследна, најбогата и завршена формулација, е истовремено и критичка анализа на современата држава и со неа поврзаната стварност и најрешителна негација на сета досега постоечка форма на германската политичка и правна свест, за која најзначаен универзален, на ранг на наука издигнат израз претставува токму самата спекулативна филозофија на правото. Кога само во Германија би била можна спекулативна филозофија на правото, тоа апстрактно, од животот откинато мислење за современата држава, чија стварност останува оној свет, иако таквиот свет од другата страна би се наоѓал само од другата страна на Рајна, тогаш исто така и обратно, германскиот мисловен лик на современата држава, што се апстрахира од стварниот човек, би бил можен само дотолку доколку самата современа држава се апстрахира од стварниот човек или го задоволува сиот човек само на привиден начин. Во политиката Германците размислувале за она што другите народи го правеле. Германија беше нивна теоретска совест. Апстрактноста и надуеноста на нејзиното мислење оделе секогаш паралелно со едностраноста и пониженоста на нејзината стварност. Ако, значи, статус квото на германската државност го изразува довршувањето на ancien régime - тој трн во организмот на современата држава - тогаш статус квото на германското учење за државата го изразува несовршенството на современата држава, недостаток на самиот нејзин организам.
Веќе како решителен противник на поранешната форма на германската политичка свест, критиката на спекулативната филозофија на правото нурнува не во самата себе, туку во такви задачи за чие решавање има само едно средство - практиката.
Се прашува: може ли Германија да достигне практика à la hauteur des principes [на висина на принципите], т.е. револуција, која не само што би ја издигнала на официјалното ниво на современите народи, туку и на човечка висина, која ќе биде најблиска иднина на тие народи?
Оружјето на критиката, се разбира, не може да ја замени критиката на оружјето, материјалната сила мора да биде соборена од материјална сила; но и теоријата станува материјална сила штом само ги завладее масите. Теоријата е способна да завладее со масите кога докажува ad hominem, а таа докажува ad hominem кога станува радикална. Да се биде радикален значи да се разбере работата во корен. Но корен за човекот претставува самиот човек. Очевиден доказ за радикалниот карактер на германската теорија, значи за нејзината практична енергија, претставува тоа што нејзина исходна точка беше решителното, позитивно укинување на религијата. Критиката на религијата се завршува со учењето дека човекот е највисоко суштество за човекот - се завршува, значи, со категоричниот императив: да се срушат сите односи во кои човекот е понижено, поробено, беспомошно, презрено суштество, оние односи што не можат подобро да се опишат отколку со извикот на еден Французин по повод проектираниот данок на кучиња: „Бедни кучиња! Со вас сакаат да постапуваат како со луѓе!“
Дури од историска гледна точка теоретската еманципација има специфично практично значење за Германија. Па револуционерното минато на Германија е теоретско, тоа е реформацијата. Како што тогаш револуцијата започна во мозокот на калуѓерот така сега таа започнува во мозокот на филозофот.
Навистина, Лутер го победи ропството од побожност само со тоа што на негово место го постави ропството по убедување. Тој ја разби верата во авторитетот со воспоставувањето на авторитетот на верата. Тој ги претвори поповите во лаици со претворањето на лаиците во попови. Тој го ослободи човекот од надворешната религиозност со тоа што ја направи религиозноста внатрешен свет на човекот. Тој го еманципира телото од оковите, со ставање окови на срцето на човекот.
Но ако протестантизмот не даде правилно решение на задачата, сепак правилно ја постави. Сега не станува збор повеќе за борбата на лаикот со попот надвор од лаикот, туку за борбата со својот сопствен внатрешен поп, со својата поповска природа. Иако протестантското претворање на Германецот лаик во поп ги еманципира световните папи, кнезовите со сета нивна клика, привилегирани и филистри, тогаш филозофското претворање на Германецот, исполнет со поповски дух, во човек, ќе биде еманципација на народот. Но слично на тоа како што еманципацијата не се запре на кнезовите, така и секуларизацијата на имотите нема да се запре со конфискацијата на црковните имоти, што порано пред другите беше остварено од лицемерната Прусија. Тогаш Селанската војна, тој најрадикален настан на германската историја, се разби од теологијата. Сега, кога самата теологија е разбиена, најостра пројава на неслободата во германската историја - нашето статус кво - ќе се разбие од филозофијата. Спроти реформацијата официјална Германија беше најпокорен роб на Рим. Спроти својата револуција таа е покорен роб на она што е помало од Рим, роб на Прусија и Австрија, на закостените јункери и филистри.
Меѓутоа, се чини дека на радикалната германска револуција и’ пречи една огромна тешкотија.
Работата е во тоа што револуцијата има потреба од пасивен елемент, од материјална основа. Теоријата се остварува во секој народ секогаш само дотолку доколку таа претставува остварување на неговите потреби. Но дали ќе одговара на чудовишниот расцеп меѓу барањата на германската мисла и оние одговори што ги дава на нив германската стварност - дали на тој расцеп ќе му одговара исто таков расцеп меѓу граѓанското општество и државата и со самото себе? Ќе станат ли теоретските потреби непосредно практични потреби? Не е доволно мислата да се стреми кон отелотворување во стварност, самата стварност мора да се стреми кон мислата.
Но Германија не ги достигнала средните стапки на политичката еманципација истовремено со модерните народи. Дури оние стапки што ги совладала теоретски, таа уште не ги достигнала практично. На каков начин таа може со едно salto mortale да прескокне не само преку своите сопствени прегради, туку истовремено и преку оние прегради што стојат пред модерните народи, преку преградите што во стварност таа мора да ги прима како ослободување од своите стварни прегради и што мораат да бидат цел на нејзините стремежи? Радикалната револуција може да биде само револуција на радикални потреби за чие зародување, се чини, токму нема ни претпоставки ни неопходна почва.
Но ако Германија го следела развитокот на модерните народи само со апстрактната дејност на мислењето, без да зема активно учество во стварните борби на тој развиток, тогаш, од друга страна, таа ги споделувала страдањата на тој развиток, без да ги споделува неговите радости, ниту неговото делумно задоволување. На апстрактната дејност, од една страна, и’ одговара апстрактно страдање од друга. Затоа Германија едно прекрасно утро ќе се најде на нивото на европското распаѓање без ниеднаш да биде на нивото на европската еманципација. Таа може да се спореди со фетишистот што страда од болестите на христијанството.
Ако сега се свртиме кон германските влади, ќе видиме дека поради временските односи, поради положбата на Германија, поради природата на германското образование и, најпосле, поради својот сопствен точен инстинкт, тие се принудени да ги соединат цивилизираните недостатоци на модерниот државен свет, чии предности ние не ги користиме, со варварските недостатоци на ancien régime, што ги имаме во изобилство; затоа Германија мора сè повеќе да зема учество ако не во разумот, тогаш барем во неразумностите на државните системи што се наоѓаат на повисоко рамниште од нејзиното статус кво. Има ли, на пример, земја во светот која што исто толку наивно би ги споделувала сите илузии на уставниот државен поредок, како што го прави тоа таканаречената уставна Германија, без да ги споделува неговите реални достигања? Или зарем би можело на некој друг, освен германската влада, да му дојде на ум замислата да ги обедини маките на цензурата со маките на француските септемвриски закони [од 1835 година], што претпоставуваат слобода на печатот! Слично на тоа како што во римскиот Пантеон можеле да се најдат боговите на сите нации, така и во Светото Римско Царство на германската нација можат да се најдат гревовите на сите државни форми. Дека овој еклектизам ќе достигне досега уште невидени размери е загарантирано особено од политичко-естетското гурманство на еден германски крал [Фридрих Вилхелм IV], кој сака да ги игра сите улоги на кралската власт, како феудалната така и бирократската, како апсолутната така и уставната, како автократската така и демократската, ако не во лицето на народот, тогаш во своето сопствено лице, ако не за народот, тогаш за самиот себе. Германија, таа беда на политичката современост, вообличена во својот посебен свет, нема да може да ги разбие специфично германските ограничувања, без да ги разбие општите ограничувања на политичката современост.
Не е радикалната револуција утописка мечта за Германија, не е општочовечката еманципација, туку поскоро делумната, само политичката револуција, револуцијата што ги остава негибнати самите темели на зградата. Врз што се заснова делумната, само политичка револуција? Врз тоа дека дел од граѓанското општество се еманципира себеси и воспоставува сеопшто владеење, врз тоа дека определена класа, тргнувајќи од својата посебна положба презема еманципација на сето општество. Таа класа го ослободува целото општество, но само под тој услов ако се претпостави дека целото општество се наоѓа во положбата на таа класа, т.е. да има, на пример, пари и образование, или да може по желба да се здобие со нив.
Ниедна класа на граѓанското општество не може да ја игра таа улога без да го возбуди за момент ентузијазмот во себе и во масите. Тоа е оној момент кога дадена класа се збратимува и се слева со целото општество, кога неа ја заменуваат со општеството, ја примаат и ја признаваат во својство на свој општ претставник; оној момент кога сопствените претензии и права на таа класа навистина претставуваат права и претензии на самото општество, кога таа по себе претставува општествена глава и општествено срце. Само во името на општите права на општеството одделна класа може да претендира на општо владеење. За стекнувањето на таа положба на ослободител, значи, за политичкото искористување на сите сфери на општеството за интересите на својата сопствена сфера, не е доволна само револуционерна енергија и духовно чувство на сопствено достоинство. Да се совпаднат револуцијата на народот и еманципацијата на одделна класа на граѓанството општество една со друга, за да се смета еден сталеж како сталеж на целото општество - за тоа, од друга страна, сите недостатоци на општеството мора да бидат концентрирани во некоја друга класа; за тоа определен сталеж мора да биде олицетворение на општите пречки, отелотворување на за нив општа пречка; за тоа одредена општествена сфера мора да се смета за општопризнато злосторство во однос на целото општество, така што ослободувањето од оваа сфера истапува во вид на општо самоослободување. За да биде еден сталеж par excellence [по дефиниција] сталеж-ослободител, друг сталеж мора да биде напротив, очигледно, сталеж-поробувач. Негативното - општото значење на француското благородништво и француското свештенство го обуслови позитивното - општото значење на онаа класа што непосредно граничеше со нив и им се спротивставуваше - буржоазијата.
Но кај никоја посебна класа во Германија нема не само доследност, острина, смелост, беспоштедност, што неа би ја означило како негативен претставник на општеството. Во исто толкав степен кај ниеден сталеж ја нема и онаа душевна широчина што се идентификува, барем само за миг, со душата на народот, онаа вдахновеност што ја воодушевува материјалната сила за политичко насилство, онаа револуционерна храброст што во лицето на противникот му го фрла дрското предизвикување: јас сум ништо, но морам да бидам сè. Напротив, основата на германскиот морал и чесност, не само на одделни личности туку и класи, ја сочинува оној здружен егоизам што ја брани својата ограниченост и дозволува и другите наспроти него да ја бранат својата ограниченост. Затоа односот помеѓу различните сфери на германското општество не е драмски, туку епски. Секоја од нив почнува да се спознава себеси и да се сместува со сите свои посебни барања редум со другите не тогаш кога ја угнетуваат, туку тогаш кога временските односи создаваат, без какво било содејство од нејзина страна, таква општествена сфера што стои подолу од неа, која таа, од своја страна, може да ја угнетува. Дури моралното чувство за сопственото достоинство на германската буржоазија е засновано само врз свеста за тоа дека таа е општ претставник на филистерската просечност на сите други класи. Затоа не само германските кралеви стапуваат на престолот mal-à-propos [не в час]; секоја сфера на граѓанското општество го доживува својот пораз пред да стигне да ја прослави својата победа, таа востановува свои сопствени пречки пред да стигне да ја совлада пред неа поставената пречка, ја пројавува својата бездушна суштина пред да може да ја пројави својата великодушна суштина - така што дури можноста да се изигра голема улога секогаш се покажува веќе помината пред да се стигне таа можност да се здогледа и секоја класа, штотуку ја започнала борбата со класата што стои погоре од неа, веќе се наоѓа вовлечена во борба со класата што стои подолу од неа. Затоа власта на кнезовите се наоѓа во борба со кралската, бирократот - во борба со благородништвото, буржујот - во борба со нив сите заедно, додека пролетерот веќе ја започнува борбата против буржујот. Буржоазијата уште не се осмелува да ја формулира, од своја гледна точка, мислата за еманципација, кога развитокот на општествените услови, а исто така и напредокот на политичката теорија веќе ја прогласуваат самата гледна точка застарена или барем проблематична.
Во Франција е доволно да бидеш нешто за да сакаш да бидеш сè. Во Германија треба да бидеш ништо ако не сакаш да се откажеш од сè. Во Франција делумната еманципација е основа на општата. Во Германија општата еманципација е conditio sine qua non [неопходен услов] на секоја делумна. Во Франција слободата во сета своја целост мора да биде породена од стварниот процес на постепеното ослободување, во Германија - од неможноста на таков постепен процес. Во Франција секоја класа на народот е политички идеалист и пред сè се чувствува не како посебна класа, туку како претставник на општествените потреби воопшто. Затоа улогата на ослободител доследно преминува во движење полно со драматизам на различни класи од францускиот народ, додека најпосле не дојде ред на онаа класа што ќе ја оствари општествената слобода, без веќе да ја ограничува со определени услови, што се наоѓаат надвор од човекот и сепак се создадени од човечкото општество, туку, напротив, ги организира сите услови за човечкото постоење, тргнувајќи од општествената слобода како неопходна претпоставка. Напротив, во Германија, каде што практичниот живот е исто толку лишен од духовна содржина колку што духовниот живот е лишен од врска со практиката, ниедна класа на граѓанското општество досега не чувствува ниту потреба за општа еманципација, ниту способност за неа, додека на тоа не ја принудат нејзината непосредна положба, материјалната нужност, нејзините сопствени синџири.
Значи, во што се состои позитивната можност за германска еманципација?
Одговор: Во формирањето на класа, окована со радикални синџири, таква класа на граѓанското општество која не е класа на граѓанското општество; таков сталеж кој по себе претставува распаѓање на сите сталежи; таква сфера која има универзален карактер поради нејзините универзални страдања и не претендира на никакво посебно право, бидејќи над неа тежи не посебна бесправност, туку бесправноста воопшто, којашто повеќе не може да се повикува на историско право, туку само на човечко право, којашто не се наоѓа во еднострана противречност со последиците што произлегуваат од германскиот државен поредок, туку во сестрана противречност со неговите претпоставки; најпосле, таква сфера која не може да се еманципира себеси без да се еманципира од сите други сфери на општеството и, заедно со тоа, без да ги еманципира сите други сфери на општеството, со еден збор, таква сфера што претставува целосна загуба на човекот и, значи, може да се прероди само преку целосната преродба на човекот. Тој резултат од распаѓањето на општеството, како посебен сталеж, е пролетаријатот.
Пролетаријатот настанува во Германија како резултат на индустрискиот развиток што започнува да си прави пат; зашто не стихијно настанатата, туку вештачки создадената сиромаштија, не механички свитканата под тежината на општеството човечка маса, туку масата потисната од забрзаниот процес на неговото распаѓање, главно од распаѓањето на средниот сталеж - ете што го формира пролетаријатот, иако постепено, како само по себе разбирливо, редовите на пролетаријатот се пополнуваат и од стихијно настанатата сиромаштија и христијанско-германскиот крепоснички сталеж.
Објавувајќи го распаѓањето на постојниот светски поредок, пролетаријатот само ја открива тајната на своето сопствено битие, бидејќи тој и е фактичко распаѓање на тој светски поредок. Кога пролетаријатот бара негација на приватната сопственост, тогаш тој само го издига во принцип на општеството она што општеството го издигна како свој принцип, што веќе е отелотворено во него, во пролетаријатот, без оглед на неговото содејство како негативен резултат на општеството. Пролетерот во однос на светот што настанува има исто онакво право какво што има германскиот крал во однос на веќе настанатиот свет, кога тој го нарекува народот свој народ, слично на тоа како што коњот го нарекува свој коњ. Прогласувајќи го народот за своја приватна сопственост, кралот го изразува само тој факт дека приватниот сопственик е крал.
Како што филозофијата го наоѓа во пролетаријатот своето материјално оружје така и пролетаријатот го наоѓа во филозофијата своето духовно оружје и штом громот на мислата темелно ќе удри во таа негибната народна почва, ќе се изврши еманципацијата на Германците во луѓе.
Да го резимираме резултатот:
Единствено практично можно ослободување на Германија е ослободувањето од позициите на онаа теорија што за повисока суштина на човекот го прогласува самиот човек. Еманципацијата од средновековието во Германија е можна само како истовремена еманципација и од делумните победи над средновековието. Никакво ропство не може да биде уништено во Германија без да биде уништено секакво ропство. Темелната Германија не може да изврши револуција без да ја започне револуцијата од самиот темел. Еманципацијата на Германецот е еманципација на човекот. Глава на таа еманципација е филозофијата, нејзино срце - пролетаријатот. Филозофијата не може да биде остварена без укинување на пролетаријатот, пролетаријатот не може да се укине себеси без остварување на филозофијата.
Кога ќе созреат сите внатрешни услови, денот на германското воскреснување од мртвите ќе биде објавен преку гласот на галскиот петел.
Забелешки на преведувачот
[1] Преведувачот за македонското издание Марксовата реченица "Sie ist das Opium des Volkes", намерно или ненамерно, ја преведе со „религијата е опиум за народот“. Ваквиот превод сериозно ја променува смислата на пораката што Маркс сакал да ја пренесе. Ако се каже дека религијата е опиум за народот, се имплицира дека има некои субјекти (според вообичаеното толкување: свештениците во служба на владејачката класа) кои свесно и намерно го лажат народот со цел тој да не се буни против поредокот. Од друга страна, ако се каже дека религијата е опиум на народот, тогаш тоа имплицира дека народот е тој кој се самозалажува, кој во религијата наоѓа утеха, прибежиште, издишка од проблемите со кои се соочува во реалниот живот.
[2] Како што посочува и самиот наслов на оваа статија, Маркс планираше таа да биде вовед во еден поопсежен труд во кој би се занимавал со критика на Хегеловата филозофија на правото. Сепак, Маркс се откажа од оваа намера и до таков труд не дојде.
[3] Шејлок е главен лик на Шекспировата драма „Венецијанскиот трговец“.
[4] Маркс тука мисли на Анахарсис, кого Старите Грци го вбројувале во групата на седумте грчки мудреци.