Никола Јонков Вапцаров
Песни за една земја
Напишани:
1937-1938
Извор:
Никола
Вапцаров „Песни за татковината:
собрани стихови“
Објавено:
„Мисла“ (Скопје)
1986.
Превод:
Блаже Ристовски, од бугарски јазик
Техничка
обработка: Драган Митревски, Здравко
Савески
Онлајн
верзија:
февруари
2010.
Што беше за мене ти?
—
Ништо. —
Една загубена земја
на рицари и на плата.
Што беше за мене ти?
Огниште
што диво се опива
од блесок на ками;
од шлагери
од страст,
љубомора
и псалми.
Ти за мене сега си судба.
Ти си писанија моја.
Неразделен учесник сум ти
во борба за слобода твоја.
И сега горам, сега се радувам
на секој твој успех боен
и верувам во твојта сила млада —
ја влеав в неа силата своја;
се борам сега до победата
в митралески гнезда скрит
низ улиците на Толедо
и пред ѕидот на Мадрид.
Еден работник, со блуза сина,
пронижан до мене спружен
и под капата искината
без запир му топла крв струи.
Тоа мојта крв е, која
тревожно му в жили клока,
и го знам јас — пријателот тој е
од ланкаширските котли,
кај што двајца со лопати
работевме на печка општа
и немаше ѕид што може
копнеж младешки да сопре. . .
Спиј, мој другар, спиј ти мирно
под знамиња в крв што темнат. —
Твојта крв во мојта мине
и после во цела земја.
И сега таа крв си тече
во фабрики, од град во градот,
ги бранува, ги движи, влече
селата во строј параден —
на упорната надежност,
на трудот и на смелоста,
на сурова неизбежност,
на крвавата слобода.
И дига денес барикади,
во жилите лее кураж,
вришти безумна од радост:
„Мадрид е наш!
Мадрид е наш!"
Светот е наш! Не бој се, друже!
И секој молекулен дел
е наш.
Под небото јужно
ти спиј
и веруј,
веруј во нас!
СОН
— Лори, не спиеш
ли?
Ме слушаш ли, Лори?
„Потивко! Скриј си глава! Вон
на педа од нас се, не зборуј!“
— Лори, сонев толку убав сон! . . .
Чекај. . . како почнуваше? . . . Вака. . .
Војната свршена ... Ме разбираш, нели?
И сè е веќе во нашата рака,
нели така, Лори?
Пак работев во фабрика. А таа
божем истата, сè истите машини,
но им светнале деловите — злато!
И ставите им се некако посилни.
Во заводот, Лори, ти си надзирателот
и велиш: „Денес триста винта сакам!“
„Добро, Лори, одлично, пријателе!“
И доволни се смееме двата.
А надвор е толку сводот ширен! . . .
Блешти небо, и воздухот блешти!
И дишиш, дишиш слободно и мирно!
И сам не веруваш дека тоа ти си. —
Го погледна Лори в очи другиот
(тие беа толку детски денес),
се насмевна и рече, божем луто:
„Ти каков мечтател си, Фернандес!“
На исток гаснат ѕвездите. А мракот
отстапува во паника,
Сигнал за бој!
Почнуваше атака . . .
ПЕСНА НА ДРУГАРОТ
Ти не ќе се вратиш, Фернандес —
денес оган митралески ве смете.
Во полето вие како пес
неуморно непокорен ветер.
Трубен знак. И по сигналот пак
сè е тивко, несфатливо тивко. . .
Во окопот дреме синкав мрак,
а во гради шиба бесен виор.
Со прстите рие земја некој,
после куса, хистерична смеа. . .
Некој грабна бомба рачна, чека,
заотвора и пак ја запре неа.
По сигналот ти излета прв.
Се чу близу митралески бес.
Се залула. . . на челото крв. . .
Нема да се вратиш, Фернандес.
Ја зедовме стрмнината денес.
Се врежавме во синџирот нивен.
Колку радосен ќе беше, Фернандес,
Сал така . . . да можеш да се дигнеш.
ПЕСНА НА ЖЕНАТА
Денес демне напнат спокој
во куќата наша мала.
Стивна бојот, мили мој,
а те нема да се вратиш.
И те молев, плачев јас,
зошто тогаш не ме слушна?
Тргна. Во собата вчас
стана тивко и задушно.
Сал моето кутро срце
чув немирно како бие,
ги подадов двете раце —
да те најдат сакав тие. . .
Љубоморам, Фернандес,
го мразам дури јас тој збор
„Слобода“ што така денес
безумно те свлече тој.
Можеби си прав ти, нели,
може, сакан мој, си прав.
Ама мене сè ме боли
и ми тежи, тежи пак
таа страшна пустош само
легната во нашата соба.
Тропна нашта дворна порта. —
Нема да се вратиш. Знам.
ПИСМО
Адресата:
Сењора
Франческа Лаборе
ХУЕСКА
Мајко,
Фернандес е убиен!
Фернандес е зариен
во земјата!
Фернандес
го нема денес!
Фернандес
е в полињата
пред ѕидините
на Мадрид.
Тој ми беше толку добар,
зошто го убија тие?!
И по смртта негова
зарем бојот ќе им стивне?
Мајко, само тебе можам
мојта жал да ти ја речам.
Знаеш како е во војна,
колку многу солзи течат.
Во нечии гледаш очи
и утеха бараш во нив,
но и таму жал се точи
и солзи се врели ронат. . .
Може брат е умрен негде,
може сакан и’ е паднат,
може некоја шрапнела
и’ однела красна младост.
Може како мене тажна
напразно и таа чека,
но земјата пуста влажна
го држи во преграб мека. . .
Мајко, немој да го кориш
што отиде да се бие.
Фернандес си добро стори.
Мислам, грешиме сал ние.
Тој сал од нас виде јасно
една вистина на светот —
подобро да умреш чесно,
место вечно да те гнетат.
Леб си имавме. И само
еден доста и за двата.
Но за синот иден, мамо,
ќеше ли да стигне пак?
После, има друго. Тоа
малку тешко се разбира.
Одат. Се бијат. А зошто?
Само лебот ли ги збира?
Ги закопаа денес стоте
што ги согази блиндажот.
Со очи го видов сето,
но не можам да ти кажам
колку чудно беше тоа,
бар за мене колку туѓо,
во некаква светлост нова
огреани видов луѓе.
Јас ги видов, вмиг ги гледав:
низ штиците на ковчегот,
низ ковчежни штици редум
тие раце си протегаат.
Се слеваат во смртта сите,
в еден човек се слеваат
и им горат во очите
пламења на среќна смрт. . .
Веднаш разбрав дека тој
сепак требаше да иде.
Милиот, ми падна в бој,
нема веќе да го видам.
Мајко, Фернандес е убиен!
Фернандес го нема, мамо!
Фернандес си лежи зариен!
Поплачи за младоста му.
Но пред стариот ти молчи!
Таа болка ќе го сништи.
Скришум негде ти поплачи
и не кажуј ништо, ништо. . .
Ако некако е тажен,
ако некако тој сети,
добри сме си, ти му кажи,
и чекаме прво дете.
Ти кажи му: „Долорес
детски приказни си учи.
И прашаат со Фернандес
внук ли сакаш или внучка“.
Друго да ти пишам, пак
жал ќе биде, мајко моја.
Многу поздрав: ќерка твоја
Долорес Марија Гоја.
Архива за
Шпанската граѓанска војна и револуција
Тематска
архива за поезија и проза
марксистичка
интернет архива