Миодраг Арсовски — Болто

Борбениот пат на Карадачкиот партизански одред


Извор: Мара Нацева и др. (ур.) „Куманово и Кумановско во НОБ 1941-1942“, Куманово, 1979, 625-632 стр.
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: ноември 2014


Во својот реферат „Борбениот пат на Карадачкиот партизански одред" ќе се обидам да ги прикажам активностите на одредот од зборното место „Менкова колиба" па сè до првиот и неговиот единствен судир со бугарскиот фашистички окупатор во реонот на селото Белановце, Кумановско.

По формирањето на Воениот штаб во Куманово, настана период на интензивни подготовки за оруженото востание во Куманово. Во гој интензивен подготвителен период дејностите главно се одвиваа на собирање оружје и муниција, изјаснување на членовите на КПЈ и СКОЈ за излегување во партизани и придобивање на луѓе — симпатизери за првите одреди, организирање вежби за да се согледа подготвеноста на идните борци, акциите за создавање бази и врски на теренот и да се види расположението на населението и неговата готовност да ја помагаат борбата, организирање групи во врска со испитување на теренот и објектите за евентуални диверзантски акции и други активности со една единствена цел — што поуспешни подготовки за оружената борба против бугарскиот фашистички окупатор.

На 9 октомври 1941 година Месниот комитет на КПЈ за Куманово и Воениот штаб добија директива од Покраинскиот воен штаб за Македонија да исфрлат партизански одред на теренот и оружената акција против окупаторот да започне на 11 октомври. „Делегатот на ЦК на КПЈ Драган Павловиќ, во септември 1941 година, по суспензијата на Шарловото раководство, назначи нов ПК на КПЈ за Македонија и формира Покраински штаб. Новиот ПК на КПЈ за Македонија и Покраинскиот штаб цврсто и одлучно застанаа на курсот на КПЈ, на курсот за востанието и веднаш по своето формирање интензивно пристапија на организирање вооружена борба во Македонија. Тоа донесе одлука до 11 октомври да се формираат осум до десет партизански одреди со околу 300—400 борци. Но оваа одлука поради многу кусо време и заради тоа што уште немавме изградена соодветна организација и тактика за водење на партизанска борба според специфичните услови на Вардарскиот дел на Македонија — не успеавме да ја реализираме. Покрај Скопскиот и Прилепскиот одред кои беа порано формирани, се формираа само уште два одреди во Куманово".[1] Но наместо на 11, првите кумановски партизански одреди излегоа на 12 октомври 1941 година, иако беа готови да излезат на денот за кој беше дадена директивата од највисокото партиско и воено раководство на Македонија.

На 12 октомври 1941 година, доцна вечерта и при многу лоши временски услови, борците на Карадачкиот партизански одред се најдоа на зборното место во колибата на имотот од семејството Менкови — позната како „Менкова колиба", неколку километри јужно од Куманово. Начинот на излегувањето и доаѓањето на зборното место се одвиваше според однапред изготвениот план, така што борците на одредот во мали групи и поединечно од одредени места во градот по најкус пат и во најголема конспиративност доаѓаа во „Менкова колиба". Во доцните вечерни часови се собраа сите 15-мина души кои беа предвидени во Карадачкиот партизански одред и тоа:

1. Боро Илиев Менков, берберски работник, член на КПЈ, командант на одредот;

2. Перо Миланов Георгиевски — Чичо, шивачки работник, член на КПЈ, политички комесар на одредот;

3. Киро Тодоров Бурназовски, металски работник, член на КПЈ;

4. Аритон Сибинов Димковски — Тонко, столарски работник, член на КПЈ;

5. Магдалена Јорданова Антова, шивачка работничка, член на СКОЈ;

6. Наце Кралев Ивановски — Буѓони, металски работник, член на СКОЈ;

7. Бајрам Расимов Шабани, ковачки работник, член на СКОЈ;

8. Благој Петков Думановски — Пецкалија, трговски службеник, член на КПЈ;

9. Славко Миланов Георгиевски — самарџија, член на СКОЈ;

10. Бојан Петрушев Секирарски, шивачки работник, член на КПЈ;

11. Перо Илиев Менков, чевларски работник, член на КПЈ;

12. Алириза Рамизов Јусуфи, работник, член на СКОЈ;

13. Евица Георгиевска — Кипра, тутунска работничка, член на КПЈ;

14. Коста Илиев Јовчевски, мелнички работник, симпатизер и

15. Бојан Величков Милковски, тутунски работник, симпатизер.

Од припадниците на Карадачкиот партизански одред, осуммина беа членови на КПЈ, петмина членови на СКОЈ и двајца симпатизери на движењето. По национален состав 12 Македонци, 2 Албанци и 1 Хрват, додека по социјален состав сите беа работници.

На зборното место пред построените борци, членот на Воениот штаб Дејан Алексиќ зборуваше за значењето на формирањето на партизанските одреди, за целите на борбата и вековниот сон на југословенските народи да бидат слободни и независни, за борбите што се водеа во другите краишта на Југославија и дека акциите на кумановските партизани претставуваат зачетоци на вооружената борба против фашистичкиот окупатор во Македонија. Откако им беше соопштена наредбата за раководството, припадниците на одредот положија партизанска заклетва и се изврши распределба на оружјето што дотогаш се наоѓаше во скривницата на самата колиба. Скривницата изготвена по налог на Партијата во летото 1941 година, беше изработена од Ефта Менкова и нејзиниот најмлад син Киро Менков. Скривницата се простираше низ сета внатрешна површина на колибата на длабочина од околу 2 метри, покриена со царевковина и одозгора со земја. Карадачкиот партизански одред беше снабден со еден пушкомитралез, 7 пушки, 6 бомби, 7 фишеци, експлозив две ленти и еден полнач за пушкомитралезот, 1.050 куршуми, 7 ранци, 10 капсули, фитил, карта на Србија и пропаганден материјал.[2]

На 12 октомври, некаде пред полноќ, Карадачкиот партизански одред се упатува во правец на карадачкиот терен со задача да го разгори востанието во овој дел на Кумановскиот крај, чие население претежно е од албанска припадност и да го покрене во ослободителната борба, да создаде партизански бази, да организира диверзантски акции на железничката пруга Скопје — Куманово и други акции на објектите што ги користеше окупаторот и по можност да воспостави врска со српските партизани за одделни заеднички акции. Една од најголеми задачи на одредот беше — развивање и зајакнување на братството и единството на народите и народностите на овој плански и шумовит крај, што можеше успешно да послужи за водење партизанска борба. Преку Кумановското Поле, потоа патот за село Романовце и железничката пруга, одредот се упати во правецот на селото Лопате, Слупчане и Руница и на 13 октомври пристигнува во реонот на селото Белановце. Борците на одредот се сместија во една стара и напуштена воденица, во подножјето на самото село. Одлуката на раководството беше одредот привремено да остане во воденицата сè додека не се воспостават првите бази и врски во селото, борците да се одмораат од долгиот и тежок пат бидејќи маршираа цела ноќ, а потоа да го продолжат својот борбен пат во другите карадачки села.

Во Белановската воденица, Карадачкиот партизански одред престојуваше на 13 октомври па сè до раните утрински часови на 14 октомври, кога беше нападнат од страна на бугарската фашистичка војска и полиција. Во продолжение ќе се задржам на поедини активности на одредот во времето до неговиот прв судир со бугарскиот фашистички окупатор. Една од првите задачи беше обидот за воспоставување партизански бази во селото. За таа цел се одлучи командантот Боро Менков и борците Бајрам Шабани и Бојан Секирарски да појдат во селото Белановце и воспостават контакт со селанецот Шефкет Шабани, со кого Боро Менков служел воен рок во бившата југословенска војска во Вараждин во 1939 година, за да ги направат првите обиди за создавање база на Карадачкиот терен. Оваа акција за создавање на прва партизанска база во овој крај заврши со неуспех, бидејќи таткото на Шефкет Шабани, од страна на бугарската власт беше поставен за кмет во Белановце. Поради тоа изговорот за посетата беше дека дошле во селото да се снабдат со дрва за своите семејства. Единствено што можеа да се договорат со Шефкет беше тоа тој во одредено време и место да донесе храна и да поднесе усмен извештај за состојбата во селото, но и ова заврши неуспешно. Сепак значајно е да се укаже на разговорот на Боро Менков со Шефкет надвор од куќата, непосредно пред заминувањето. Боро го потсетува Шефкета на дискусиите водени за време на отслужување воениот рок, дека дошло време кога народот со оружје ќе треба да се бори против ненародниот режим, како и тоа дека по преземање власта од страна на работничката класа, секој народ и народност ќе има свои национални и социјални права. Последните зборови на Боро Менков беа: „Дојде тој момент и затоа се дигнавме на оружено востание".[3]

Значајно место во активноста на Карадачкиот партизански одред претставува и партиското советување одржано на 13 октомври во самата воденица. На советувањето, на кое покрај комунистите и скоевците во одредот присуствуваа и останатите борци, беше анализиран маршот на Карадачкиот партизански одред од зборното место до селото Белановце, при што е укажано не само на позитивните страни, туку и на пројавените грешки и недостатоци. По партиското советување, припадниците на Карадачкиот одред го проучуваа пропагандниот материјал со кој беше снабден одредот. Материјалот се проучуваше главно во групи, што всушност претставуваше и прв политички час на одредот. Пропагандниот материјал се состоеше од две мали брошури, што по одлука на раководството на Кумановската партиска организација и Воениот штаб беа напишани во периодот пред исфрлување на првите кумановски партизански одреди и печатени во партиската техника во Куманово, на циклостил во одреден број примероци. Едната брошура има политички карактер, пишувана врз основа на Билтенот на ВШ на НОВ и ПОЈ и во неа беа изнесени целите на задачите на оружената борба против фашистичките окупатори. Нејзината цел беше да ги подготви командниот кадар и борците за оружената борба и за нивното политичко дејствување среде народот во објаснување линијата па НОБ. Другата брошура беше од воен карактер и во неа се зборуваше за тактиката и искуствата од партизанскиот начин на војување, а се користени и делови од книгата „Како се калеше челикот" од Н. Островски и за Кина од Фјодор Махин и тоа одделни фрагменти во кои се зборува за искуствата од борбите на партизанските одреди во Кина и на советските партизани за време на Граѓанската војна во Русија. Ова беа главно активностите што беа организирани на 13 октомври, за време додека Карадачкиот партизански одред престојуваше во воденицата, за да утредента го продолжи патот кон Карадаг. На Карадачкиот партизански одред му претстоеше голема и значајна работа со населението на овој терен. Беше замислено да се организираат собири во одделни села и да се објаснува линијата на НОБ и зошто партизаните се кренаа на оружена борба, да се создаваат партизански бази и др.

Но рано наутро на 14 октомври 1941 година, кога одредот се подготвуваше да го продолжи својот борбен пат во правецот на селото Стража, предаден од домашните предавници, беше нападнат од бугарската окупаторска војска и полиција под команда на поручникот Љубомир Цеков. Во продолжение на рефератов ја поместувам и изјавата на тогашниот кмет во село Белановце Мемет Шабани — Мето, дадена при сослушувањето од органите на власта непосредно по ослободувањето на нашата земја.[4]

„Тоа беше есента четириесет и првата година, кога падна првиот снег. Дојдоа кај мене тројца кумановци, едниот од нив служел војска со син ми. Син ми кажа дека тој се вика Боро Менков, бербер од Куманово. Со него беа еден Турчин и еден православен. Кога нив ги испратив, кај мене дојде Азем Ферат и ми вели дека тие се партизани. Ние тргнавме по нив и видовме дека влегоа во воденицата на Казим. Јас тогаш му реков на синот на Азем Амзо, кој тргна со нас, да внимаваат на воденицата. а јас со Зафир служителот заминав за Куманово. Во Куманово му кажав сè на бугарскиот началник и тој ми рече дека ќе прати со мене 30 војници и полицајци и така во квечерината ние со камиони дојдовме во Белановце. Во селото, бидејќи командантот не сакаше да ги раздели луѓето, јас како кмет ги сместив на спиење во куќата на Азем. Војската спиеше до кај зори, а потоа тргна накај воденицата. Со нив бевме јас, Рамадан Имер, полјакот од Руѓинце, Петре шумарот и Ариф, син му на Азем. Штом се приближивме до воденицата, бугарскиот поручник го испрати Рамадана и еден полицаец да испитаат дали се тука комитите. Тие по неколку минути јавија дека се тука. И јас тогаш им кажав, бидејќи го познавам теренот, каде да се распоредат. Еден полицаец зазеде позиција на едно ритче од каде ја гледаше целата воденица. Штом се зазори поручникот даде наредба за огин право во воденицата, која беше стара, покриена со папрат, а ѕидовите од штици. Во воденицата беа околу 17 души, кои по половина час беа ликвидирани: од нив седум беа мртви, а другите беа заробени, од нив двајца тешко ранети. Тројца успеаја да побегнат, но беа фатени во селото Стража. Јас ги видов оние тројца што беа кај мене, сите беа убиени, а за Боро берберот Петре шумарот велеше дека лично го знаел и дека тој им бил глава на тие комунисти. Со нив беа и две жени — едната убиена, а другата заробена.

По извесно време бев повикан кај управителот на Кумановската околија и тој за награда ми даде 6.000 лева, а командантот на војската во Куманово со уште 4.000. Управителот ми рече и понатаму да се интересирам за такви банди доколку се појават, зашто тие сакаат да крадат и да работат против нашата држава" ...

Од изјавата на кметот и по сеќавањето на учесниците, очигледно е дека Карадачкиот партизански одред, предаден, беше опколен и изненаден од непријателот кој пукаше речиси од сите страни со разновидно и многу подобро оружје. Борбата беше нерамноправна, бидејќи бугарскиот окупатор беше помногуброен и подобро вооружен. Одредот иако изненаден, ја прифаќа борбата и одговара на непријателскиот оган. Никој од припадниците на одредот не се поколебаа, но сето тоа беше недоволно да му се пружи отпор на непријателот. Оружјето на одредот беше малубројно, а муницијата во најголем дел влажна и неупотреблива.

Во овој нерамноправен и жесток судир ги дадоа своите животи седуммина припадници на Карадачкиот партизански одред, додека останатите осум души беа заробени од страна на бугарскиот фашистички окупатор. Внатре во воденицата паднаа Магдалена Антова, прва жена борец во Македонија загината во текот на НОБ, Киро Бурназовски, Аритон Димковски — Тонко и Бајрам Шабани. Командантот на одредот Боро Менков, при обидот да излезе за да ја извиди ситуацијата и можноста за евентуално пробивање, беше смртно погоден пред самиот влез на воденицата. При првите непријателски куршуми Славко Георгиевски, Алириза Јусуфи и Бојан Милковски успеаја по долината на планинскиот поток да се оддалечат од воденицата, но нешто подоцна беа фатени во селото Стража. Внатре во воденицата беше тешко ранет во нозете Бојан Секирарски. Политичкиот комесар Перо Георгиевски — Чичо, излегувајќи од воденицата и засолнувајќи се зад нејзините буки со цел да го извиди теренот, беше тешко ранет во градите и стомакот, но подоцна при спроведување на заробените партизани, оставен кај воденицата, подлегнал на задобиените рани.

Кога од воденицата престана пукањето, бугарските војници и полиција влегоа во неа, при што беа заробени Наце Ивановски — Буѓони, Благој Думановски — Пецкалија, Перо Менков, Коста Јовчевски, Евица Георгиевска — Кипра и тешко ранетиот Бојан Секирарски. Над заробените борци, врзани и собрани на земја, окупаторот спроведе голема тортура. При тоа на ѕверски начин беше убиен Наце Ивановски — Буѓони, но окупаторот не продолжи со стрелање на останатите заробени партизани бидејќи се надеваше дека ќе успее да добие податоци за движењето и за активноста на кумановските комунисти. Заробените борци, окупаторот ги спроведе во една селска куќа во Белановце, каде што продолжи сослушувањето и малтретирањето. Бугарскиот окупатор сакаше да дознае дали има уште партизани, но не добија никаков одговор, иако се закануваше дека ќе ги обеси заробените борци.

Од селото Белановце заробените борци од одредот беа спроведени во Куманово и сместени во воениот затвор на старата градска касарна, во која се наоѓаше бугарскиот окупаторски гарнизон. Во затворот единствено не беше спроведен тешко ранетиот Бојан Секирарски, туку тој беше спроведен во Градската болница во Куманово. Во полноќ на 15 октомври од касарната вржани со јаже се спроведени во Околиското управление во градот. До 21 октомври 1941 година заврши иследувањето на заробените партизани од првите кумановски партизански одреди. На тој ден тие беа префрлени во Областната дирекција на Државната сигурност во Скопје. Заробените борци во Карадачкиот партизански одред биле сместени во ќелијата бр. 80. На 28 октомври се одведени во зградата на Обласниот воен прек суд и по иследувањето беа префрлени во Централниот политички затвор во Скопје. Во раните утрински часови на 14 ноември заробените партизани од Карадачкиот одред беа префрлени во Куманово на судење.

На 15 октомври 1941 година, беа изведени пред бугарскиот окупаторски Воен суд во Куманово и осудени на смрт и разни временски казни до 15 години строг затвор. На смрт со бесење, а со право на жалба, се осудени: Евица Георгиевска - Кипра, Благој Думановски - Пецкалија, Бојан Милковски, Коста Јовчевски и Славко Георгиевски, додека Перо Менков и Алириза Јусуфи на 15 години строг затвор и 200.000 лева.[5] На 30 јануари 1942 година, смртната казна им беше заменета со доживотна робија. По изречените пресуди, осудените борци на Карадачкиот партизански одред беа спроведени на издржување казни во Централниот затвор во Скопје и по затворите во Бугарија.


Белешки на авторот

[1] Цветко Узуновски: Белешки за националната и социјалноослободителната борба на македонскиот народ: стр. 41-52. „Историја“, год. XIII, бр. 1, Скопје, 1977.

[2] Податоци за наоружување на одредот се користени од Обвинителниот акт на бугарскиот Воен прек суд, покренат против заробените борци од Карадачкиот партизански одред. Во обвинителниот акт бугарските окупаторски власти бројчано го прикажуваат оружјето и сè што беше запленето непосредно по борбата кај белановската воденица. Оригиналот се наоѓа во Архивот на Македонија - Скопје.

[3] Бојан Секирарски: Сеќавања, Историски музеј - Куманово.

[4] Јован Павловски, Судењата како последен пораз, „Полог“, Тетово, јануари 1977, стр. 115-116.

[5] Распоред до началникот на Службата на државната сигурност - Скопје, од 16 ноември 1941 година. Документот во оригинал на бугарски јазик е објавен во книгата „Зад железните решетки“ од Благој Думановски  Пецкалија, печатена во Куманово 1972 година во печатницата „Просвета“. Оригиналот се наоѓа во Архивот на Македонија - Скопје.


Литература

1. Реконструкција на Кумановската партиска организација и СКОЈ, организирана 1957 година од страна на Историското одделение при ЦК КПМ (сеќавања на Бојан Секирарски и Дејан Алексиќ).

2. Реконструкција на Кумановската партиска организација и СКОЈ, организирана 1977 година (сеќавања на Коста Јовчевски и Алириза Јусуфи).


Македонска тематска архива

марксистичка интернет архива