Напишано:
1964
Извор: Danko Grlić
"Zašto"
Објавено: "Naprijed"
(Zagreb), "Nolit" (Beograd), 1988.
Превод: Здравко Савески, од хрватски јазик
Техничка обработка: Здравко
Савески
Онлајн верзија: март 2006
Праксата е поим со најширока и најразновидна колоквијална употреба. Кога зборуваме за „праксата“ на лекарот, мислиме на сосема одредена работа во ограничен временски период; кога велиме дека бизнисменот е „практичен“, сметаме дека тој секогаш е вешт, снаодлив, остроумен; кога укажуваме на вредноста на нашата социјалистичка „пракса“, го истакнуваме историското искуство и ги валоризираме случувањата кои се одиграа во една цела земја, па и во целиот систем, а кога тврдиме дека треба да се престане апстрактно да се теоретизира и да се почне „практично“ да се делува, под тоа ги подразбираме сите практични активности во сферата на сензитивно-материјалната реалност наспроти оние во сферата на интелигибилната мисла.
Се чини дека оваа последната, „најапстрактна“ и „најопшта“, па поради тоа и „најфилозофска“ дистинкција, на некој начин стана решавачка во одредени тези на современото филозофско мислење.
И навистина, утврдувањето токму на тој однос кон теоријата е темелот на многу расправи за значењето и смислата на поимот на праксата. Така, често поврзаните поими „теорија“ и „пракса“ се спомнуваат како темелни дури и тогаш кога, од марксистичка позиција, постои обид за окарактеризирање на праксата како поширок, посеопфатен поим под кој може да се супримира и теоријата, тогаш кога се смета дека спецификумот на човечката пракса е токму во тоа што нејзе и' е иманентна теоријата. Значи, човечката пракса - според тоа мислење - секогаш е теоретска, а човечката теорија е незамислива без одредени „практични“ реперкусии, доколку навистина е „сериозна“ теорија т.е. мисла која тежнее кон реализација и доколку е изразена во координатите на одреден простор и време, а не празна спекулација на безделничарското мислење. Човечката пракса, така, се разликува од животинската токму поради тоа што е целисходна, планирана, однапред идеално замислена, значи, што претходно била и теоретска. При докажувањето на таквото тврдење често се наведуваат и познатите Марксови цитати од „Капиталот“, иако кај Маркс станува збор за анализа на поимот на трудот, а не на праксата, иако, значи, предмет на Марксовата забелешка е еден несомнено потесен поим, кој, во најдобар случај, може да биде само дел од општочовечката пракса: „Ние го претпоставуваме трудот во обликот каков што е својствен само за човекот. Пајакот врши дејствија слични на оние на ткајачот, а со своето саќе пчелата понекогаш го засрамува човекот градител. Но она што однапред го одвојува и најлошиот градител од најдобрата пчела е тоа што тој својата градба ја изработи во својата глава пред да ја изгради во реалноста. На крајот од процесот на трудот произлегува резултат каков што на почетокот од процесот веќе постоеше во работниковата замисла, значи идеално. Тој не постигнува само промена на обликот на природните работи, тој во нив воедно ја остварува и својата цел која што му е позната, која како закон го одредува неговиот modus operandi и на која тој мора да ја потчини својата волја. (Маркс, „Капиталот“, том 1, глава 7). Таа Марксова теза, проширена на другите подрачја, апсолутизирана, еднострано толкувана како основна карактеристика на целокупната човечка пракса, често доведуваше до тоа кај некои теоретичари и несвесно релацијата теоретско - практично, идеално - материјално, замислено - реализирано, да стане темелна и препондерантна за дефиницијата на категоријата на праксата.[1]
Меѓутоа, без оглед на тоа дали праксата ја вклучува или не теоријата - или и праксата и теоријата можат да се сфатат преку нешто трето, имено според она што го одредува и начинот на можноста за воспоставување на самата таа релација - се поставува прашањето дали праксата воопшто може да се одреди само во смисла на својот однос (иманентен или трансцендентен) кон теоријата?
Одредениот поим понекогаш можеби не може да се фиксира и до крај да се протолкува само преку позитивно изнесување на нему иманентната содржина (дури и ако претпоставиме дека „теориската пракса“ или „практичната теорија“ навистина е неговата вистинска содржина), па е исклучително важно за лоцирањето на неговиот опсег и за сфаќањето на неговата смисла да се одреди и негативно кон она што навистина му се спротивставува како негов противпоим. Значи, што е спротивставено на човечката пракса?
Доколку овој централен поим на Марксовата мисла сакаме да го одредиме на негативен начин според Марксовите суштински одредници (иако не секогаш и според некои негови сопствени опсервации и случајни дистинкции во кои на некои места дури и' ја спротивставува праксата на теоријата[2]), мислам дека би можеле да утврдиме дека на човечката пракса и' е спротивставено сето она што е пасивно, чисто медитативно, нетворечко, она што е прилагодување на светот, покорување пред неговата природна, па дури и општествена даденост. Вистинската човечка пракса, значи, не е помирување со самите „факти“, со објективната стварност, со нејзините закономерности, со моралните или идеолошките императиви или воспоставени норми, со нешто хетерономно, со она што човекот секогаш го става во втор план, пред што човекот е пион на вишите сили, без разлика дали тие се духовни или материјални. Со самото тоа човечката пракса - наспроти животинското прилагодување - би можеле да ја дефинираме како реално менување на светот, менување кое што е историски релевантно како активен зафат во самата структура на реалноста. Значи, човечката пракса не е различна од животинската според тоа - или барем не само според тоа - што е секогаш и теоретска, туку првенствено според тоа што го менува светот и не останува во него; што светот секогаш - епистемолошки кажано - е нејзин предмет, нејзин објект и таа не е едноставно објект или резултанта на светот или природата; што се создава самата себеси и што не е создадена поради одредени, за неа трансцендентни услови; што не е само - да се изразиме со терминологијата на стариот Спиноза - natura naturata, туку и natura naturans. Значи, праксата - поедноставно кажано - која со право го носи тоа име, секогаш е творечка пракса. Таа воопшто не е идејна или реална состојба, туку непрекинат, жив процес на менување и преобликување. Но тој процес не е процес за некогаш да заврши во мирување, тој не е процес со цел да престане да биде процес, па дури ниту поради таквата фактичка „несовршеност“ на современата реалност, која што би сакала да заврши во бесконфликтна „совршеност“. Таа не се стреми кон никаков краен или конечен „резултат“, кон никаков блажен живот на овој или на оној свет, во рајот или во ветената земја. Идната пракса кон која е отворена и кон која нè води современата пракса повторно ќе биде менување во иднината. Според тоа, таа пракса во целост никогаш нема да ја задоволи „вистинската“ човечка природа и верувањето во таквата конкретна, целосно неотуѓена природа и самото е некој вид митолошко отуѓување. Поради тоа, праксата е негација на она есхатолошко гледиште кое води кон крајот на светот, крајот на историјата и крајот на можноста за „вечен“ развој на самата таа човечка природа т.е. на нејзината и на општествената дефинитивна „стабилизација“.
Секако дека дефинирањето на човечката пракса - т.е. на праксата која што е достојна да биде човечка - како менување на нешто што сè уште е содржински недоволно одредено, па нужно имплицира прашања - за да се избегне баналниот релативизам - околу квалитетот, целта и смислата на тоа менување. Па сепак, и без поблиското одредување, без дистинкциите - кои, на пример, наспроти чисто природните промени, би можеле да се побараат и на подрачјето на историски релевантното менување, значи, менување кое што во себе го носи и поимот на прогресот - дури и ваквото „празно“ одредување на праксата како менување може да има некои сосема конкретни реперкусии во идејната и сетилно-реалната сфера на човековото делување.
Така, основен позив на човекот, негова конститутивна карактеристика и негова мисија (и како теоретичар и како практичар во потесна смисла) станува - да останеме само во рамките на некои идејни реперкусии на вака сфатената пракса - повеќе не пасивното прифаќање на сето она што некогаш и некаде е утврдено како правилно, никое „пресадување“ на претходните теоретски поставки во наше време или само нивното „разработување“ во „нашите специфични услови“, никое „применување“ на некои вечни принципи во нашата реалност, туку револуционерното менување на самите тие принципи. Имено, човекот не може како, на пример, филозофот, да има амбиција да го менува светот ако истовремено не ги менува и своите сопствени идеи и принципи, па поради тоа е незаобиколив услов - за да се конституира како човек - неговото активно, сопствено, постојано ангажирање за да се извојуваат можности за секогаш ново, сè попрогресивно, нестандардно мислење и делување. Праксата така престанува да биде некое инертно инсистирање на нешто што постои, на некој status quo ante, па и некакво самозадоволно егзистирање во минатото или сегашното, туку внатре во неа се случува таков човечки пробив во сите сфери на реалната и идејната стварност што го трансцендентира постојното и во себе носи елементи на проекции во сè уште реално непостоечкото, во идното. Поради тоа, ваквата човечка пракса не може резигнирано да биде ставена под некоја општа капа, под шемата на некои надчовечки сили или материјални услови, туку значи самосвест во врска со тоа дека ја овозможува егзистенцијата на тие сили и ги создава тие услови и го менува човекот, субјектот на реалните историски промени кои водат од „царството на нужноста“ во никогаш доволно слободното и никогаш доволно ослободеното „царство на слободата“. Така, праксата е спротивставена на сè застоено, догматско, вкалапено, статично, еднаш за секогаш утврдено, фиксно, стандардно, на сето она што се вкопало во минатото и останало хипостазирано. Од таа гледна точка, догматската пракса всушност воопшто и не може да биде пракса, затоа тоа е - всушност - contradictio in adiecto, нерешлива противречност што може само условно да се употребува, за појасно да може да се одреди противпоимот на таа конструкција, имено, антидогматската пракса или едноставно праксата. Зашто шемата и догмата, постојаното истакнување на истите принципи, „верното“ придржување кон сето она што некогаш беше прогласено за вистина и не е ништо друго освен сурогат за практичната немоќ. Поради тоа, стриктната врзаност за некои некогаш искажани тези (па биле тие и т.н. темелни тези) не може да биде соодветно на самата смисла на тој поим, квинтесенција на сето она што Маркс го подразбираше под човечка пракса.
Токму и затоа е најапсурдно во името на самиот Маркс упорно да се инсистира до подробности на сето она што Маркс кога било и во која било прилика го рекол или напишал. Зашто сè - искажано со не знам каква свежина, револуционерен полет и интелектуална сила - може еден ден да стане догма. А можеби токму денес повеќе од кога било се негирани основните историски претпоставки за каква било догма, кои, во некои историски услови имаа свое релативно оправдување како, често додуша симплицистички изразена, но ефикасна парола, како повик за непосредна акција. Токму затоа - зашто тие историски претпоставки денес се така јасно негирани - често се наоѓаме во парадоксална ситуација и одредени догматичари секогаш „во принцип“ да се согласуваат со тоа дека Марксовата мисла не е догма, дека е потребно таа мисла да се развива, а не да стагнира на некои претпоставки кои што се искажани во друго време и поради него. Затоа дури и закоравените протојереи на догмата понекогаш многу „решително“ и „радикално“ тврдат дека треба да се ослободиме од „цитатоманијата“ и талмудскиот приод кон Маркс, па така од сите страни упорно се повторува дека марксистичката мисла би требало непречено и широко да се развива. Па сепак - тоа, додуша, потешко ќе го признаат догматичарите (можеби само понекогаш во интимните моменти или во најтесен круг) - таа мисла некако доволно не се развива, таа мисла за менување на светот самата речиси не доживеа доволно промени (ако не ги сметаме сите оние промени кон полошо), се закорави, се повторува, изгуби на сила, свежина и живост. Сите оние - а ги нема во голем број - кои, како Плеханов, Р. Луксембург, Лукач, Фром, Маркузе, Хоркхајмер, Лефевр, Блох, Голдман, Колаковски, Косик и други - се обидоа, со помал или поголем успех, сепак некако самостојно да се развијат, од „официјалната“ марксистичка страна беа или целосно отфрлени или, во најмала рака, прогласени за сомнителни теоретичари, кои што се полни со „сериозни грешки“ и кои што постојано „свртуваат“ налево или надесно.
Затоа е потребно со сета острина да се постави прашањето: зошто е тоа така, зошто таа мисла на која сите сесрдно и' посакуваат да се развива, сепак на некој начин не оди многу напред или постојано застранува?
Навистина - како што кажавме - факт е дека во марксистичката филозофија (а и во некои хуманистички науки) преовладуваше структура на мислење која - и тоа како кај догматичарите така и кај оние што вербално се оградуваат од догматизмот - до степен на досадна фраза го нагласува само тоа дека, во согласност со општите промени во реалниот свет, треба да се развива и марксистичката мисла. Меѓутоа, истовремено штом некој собере храброст во врска со одреден проблем да каже некое макар за нијанса поинакво мислење од Маркс, ќе го опсипеме подготвено, во хор, унисоно, со погрдни или иронични изрази: тој го „поправа“ Маркс, познати ни се оние што го „дополнуваат“ Маркс, тие што себеси си го припишуваат правото да го „критикуваат“ Маркс, да бидат посовремени од него, тие примитивни [3] новатори, дрвеноглави апстрактни хуманисти, ренегати итн., итн. Сосема е сигурно дека никој разумен не може да тврди дека сè она што е ново воедно е и вредно и дека сè ново воедно значи и надминување на старото. Исто така - како што остроумно забележа Хегел - „да се следи сопственото убедување сигурно е повеќе од предавањето на авторитетот: но со свртувањето на 'сметањето за такво' (das Dafürhalten) врз основа на авторитетот во 'сметањето за такво' врз основа на сопственото мислење нужно не се менува неговата содржина и наместо заблудата не настапила вистината. Врз основа на авторитетот на другите или поради своето убедување да се остане во системот на мислење и предрасуди меѓусебно се разликува само според суетноста, која што му припаѓа на овој вториот начин.“ (Хегел „Феноменологија на духот“). Освен тоа често (а тоа најчесто е случај токму кога станува збор за Маркс) прашањето на авторитетот се поставува врз основа на премногу поедноставена дилема: или оригинална мисла или целосно признавање на авторитетот на другиот - како воопшто целата досегашна мисловна и стварна историја да се движеше само по рабовите на тие две крајности. Зашто ако не сме склони кон претерувања, доколку не сликаме сè со претерано сиромашна палета, отфрлајќи ги нијансите, доколку, значи, и самите во борбата против авторитетот не станеме жртви на „авторитетот“ на таквите неизбежни и незаобиколиви потреби за радикални одлуки - ќе мораме да признаеме дека алтернативата авторитет или сопствен став во тој најрадикален облик е само привидна антиномија. Имено, не постои таква земја, ни такво уредување, па ни таква идеолошка клима (а најмалку е тоа случај токму кај нас) во која во толкава мера би била задушена секоја трага од индивидуалитетот за личностите едноставно да мора да се претворат во најобични сиви извршители на секоја желба, мисла или премислување на авторитетот, во која би се претвориле во такви полтрони, поклоненици и обожаватели што до крај би ја изгубиле секоја посебност. Исто така, не постои ниту филозофија ниту воопшто каков било позначаен идеен потфат во историјата кој што, без оглед на сета своја револуционерност, би бил целосно лишен од авторитетот на традицијата. Па сепак - и покрај сето тоа - денес прашањето на авторитетот - па и на највисоките идејни авторитети - е проблем кој што стои отворен пред иднината на марксистичката филозофија. Зашто како - тоа е, се чини, сепак решавачкото прашање, на кое речиси секогаш се избегнува одговорот - воопшто да се развива марксистичката мисла (а не само да се разработува или школски да се систематизира и „дополнува“), ако не можеме во принцип да имаме поинакво, па и различно мислење во врска со некои прашања од она што го имаа класиците. Маркс - токму банално е да се повторува таа вистина која што денес ја признаваат и многу граѓански теоретичари - несомнено е еден од најголемите теоретичари, чиј ум, волја и талент често го трансцендентираат и хоризонтот на своето време, тој е грандиозна, генијална појава на светската историја. Но зарем ќе го исклучиме од историјата Маркс, зарем него, кој што поседуваше толку смисла и покажа така длабок увид во суштината на историското, ќе го прогласиме за човек надвор од времето и просторот, чија мисла никогаш и никаде не може да застари, чиј секој збор е неповредлив закон кој што ја надминува секоја историска и идејна стварност и кој што е задолжителен за сите времиња и за секој историски момент? Тоа е можно да се направи само ако хегелијански ја завршиме историјата, ако ги затвориме оние нови хоризонти на идејното и реалното историско движење, кои прв така радикално и смело ги отвори токму Маркс.
Во тој ист контекст на проблемот на апсолутните и вечни вистини можеме да го поставиме прашањето зошто - за по секоја цена да се одржи некоја речиси митолошка верба во сето она што го кажале класиците - многу често целосно се премолчува (или, во најдобар случај, се камуфлира преку разни „среќни“ формулации и двосмислени изрази) дека Ленин имаше навистина поинакво мислење од Маркс, а тој од Енгелс околу разни, често и важни прашања.[4]
Да се биде „верен“ на марксизмот-ленинизмот, таа за многумина и денес толку омилена девиза значи да се усвојат сите поставки на Маркс и Ленин, често целосно да се игнорира тоа дека нивното видување на одредени проблеми - особено на подрачјето на позитивните, научно утврдени тези (на пример, тенденцијата кон апсолутно осиромашување на работничката класа, која научно се изведува од тогашните податоци за постојаното опаѓање на животниот стандард на пролетаријатот) - навистина застарело и дека да се усвојуваат сите нивни поставки (и тоа не само зборовите, цитатите, туку и духот на некои нивни тези) денес воедно често значи да не се биде во можност да се сфатат некои важни карактеристики на современото социјалистичко и комунистичко движење, со други зборови, значи да не се биде марксист. Во дискусијата со ортодоксните догматичари - како што, на пример, се кинеските - навистина нема многу да постигнеме со тоа што само ќе се натегаме околу тоа кој остана повеќе „верен“, на пример, на Ленин - зашто кога-тогаш ќе се најдеме во парадоксалната ситуација по одредени прашања догматичарите да најдат кај него можеби и повеќе соодветни цитати - и тоа не само „извлечени“ и така фалсификувани цитати и ставови - отколку што ќе најдат творечките марксисти. Но зарем е доволно да се укаже дека Маркс и Ленин околу еден проблем мислеле поинаку отколку што ние денес мислиме, па тоа eo ipso да биде доказ дека ние не сме во право? Не е ли, впрочем, и тенденцијата за откривање на „вистинскиот“ Маркс, на „изворниот“ Маркс, исто така често оптоварена со таквото видување дека да се биде марксист денес значи единствено во самото Марксово или Лениново дело да се наоѓа потврда за сопствените тези. Ние, додуша, навистина можеме и кај Ленин да најдеме цела низа цитати за потребата, на пример, од коегзистенција и мирна соработка со земјите со различни социјални структури, само прашање е дали Кинезите исто така не би можеле да пронајдат исто толку или уште повеќе цитати за потребата од вооружена револуција, за постојани и незапирливи борби, кои Ленин, во услови на подготовка и избувнување на пролетерската револуција, во услови на породилни маки на првата социјалистичка земја и на странски интервенции, многу често - и со полно право - ги истакнуваше како незаобиколива претпоставка за создавање на социјалистичко општество. Меѓутоа, доколку нашата, условно да кажеме, „мисловна“ пракса нè напушти и некои координативни системи во кои тогаш мораше и единствено можеше да се мисли - доколку само тврдиме дека е „валкана клевета“ тоа дека ние кога било и каде било ја напуштивме мислата на класиците - тогаш не само што беспомошно и јалово ќе се вртиме во кругот на една шема, несоодветна на современата реалност, туку и често ќе мораме да покажеме - бидејќи тука понекогаш сме на теренот на минатото - дека токму догматичарите „имаат право“, дека тие се „поверни“ на класиците, поверни на духот на традицијата. Зашто догматската „пракса“ е верна - често поверна дури и од најверната религиозна „пракса“ - токму на минатото, зашто шематичноста на догматското мислење токму и се содржи во тоа што мислењето го остава на тој терен, што го остава статично, што според него е запрена мисловната и реалната историја врз непроменливи константи.
Отворено да му се погледне во очи на тој факт и да не се истакнува никаква слепа „верност“ како највисока доблест и никаква приврзаност кон традицијата на класиците како исклучива легитимизација за марксизмот или антимарксизмот, би било - ми се чини - една од првите (но не и единствени) претпоставки за она мислење кое сака во нашата епоха да се нарекува творечки-марксистичко. Денес, за жал, и помеѓу антидогматските тези плашливо и вешто се избегнуваат дискусиите во врска со тие проблеми, па преку разна градација на термините од оние крутите како што е „вероломно предавство“ до оние полибералните како што е „творечка промена“ сè повеќе се напластува еден начин на мислење кој само го замрачува, а не го отвора прашањето на односот кон традицијата. А навистина најпарадоксалното е што во различните варијанти „верноста“ останува основна категорија и доблест кај оние филозофи кои сметаат дека мислат на трагата на Маркс, кога таква верност кон учителот не покажаа ни оние стерилни филозофеми кои се врзуваат за затворени, до подробности разработени идеалистички системи, како што се новокантијанците, новохегелијанците и др. Меѓутоа, да му се импутираат на Маркс некои наши поставки, во смисла на разработување и дополнување на она што тој, наводно, дури беше жив не успеа (зашто беше и премногу зафатен), навистина не е работа која што може да се оквалификува како достојна за марксистичкиот мислител.
Но, за сето тоа постои еден магичен збор, која го става ad acta секој таков обид за менување, за сето тоа имаме магична формула, сигурна, проверена етикета, која што го оцрнува без поговор секој напор за творечко сопствено мислење. Тој збор е ревизионизмот. Пресаден и самиот од едно време кога навистина значеше обид за слабеење на суштинските револуционерни стремежи на масите, кога значеше отапување на борбената острица, капитулација пред горливите проблеми, идејна конфузија и стварно предавство на пролетаријатот, тој и денес исклучиво го задржа тоа пејоративно значење на лажно, изопачено приоѓање на современите проблеми. Па како и ние самите често да се плашиме - од која било страна - да не ни се припише тој атрибут, како и ние самите како поединци понекогаш сè уште да се плашиме дека би можеле да бидеме така оквалификувани.[5] Меѓутоа, тогаш воопшто не прашуваме дали денес е навистина негативно отворено да се каже, без какво и да е фарисејско снебивање, дека е потребно да се изврши и постојано да се врши стварна ревизија на некои поставки на класиците. Не е ли таквата ревизија императив на самиот овој историски момент за да се спаси самата основна хуманистичка срж на марксизмот и за во современи услови, како што тоа го направи Маркс во тогашните услови, да се создадат и за да се пренесат во новото време некои нови револуционерни вредности на социјалистичката, значи, на творечката пракса?
Но, да се ревидира нешто значи да се преземе „одговорност“ на самиот себе. А фактот дека поединецот па дури и целото општество би можело да биде упатено на самото себе, дека не би било сведливо на нешто друго, го раѓа стравот пред непознатото, кој што се пројавува во барањето поткрепа во сето она што беше, во поранешното мислење или во искуството на големите, во познатите уредувања и во идејното наследство. Така, често ќе се пронајдеме и „препознаеме“ и во она што воопшто не сме. Тоа е само малку променет теолошки однос и поучно покажува дека религиозниот, хетерономен човек може да се јави и надвор од религијата. Мислењето е тоа според кое токму она другото единствено може да ја гарантира нашата сопствена егзистенција, а тоа „другото“ секогаш е она повисокото, подоброто, посигурното, попровереното, тоа е онаа потпорна точка, онаа константа која што можеме да ја најдеме било кај бог, кај вистинската човечка природа или во историските детерминанти, во сето она што на своја душа и на свој ризик ќе го преземе сето она што всушност сме ние самите.
Статичноста на догматизмот и динамичноста и проверливоста на вистинската марксистичка пракса се огледа и во однос на функцијата и дострелот на критиката. Хиерархискиот распоред на поединците, статички утврден до минуциозност во рамките на одредено општество условува и прецизно одреден систем во чии рамки секогаш точно се знае кој, кого, каде, зошто и кога може да го „критизира“. Секој што на кој било начин би се обидел да го разниша и да го доведе во прашање тој конзервативен, сигурен ред, веднаш би наишол на токму неверојатно тврдоглав отпор. Таканаречената критика „одоздола“ (како во критиката воопшто некој да стои „горе“ и „долу“, како во критиката дискутантите да не мораат секогаш да бидат рамноправни) според тој систем може да допре, на пример, максимално до одредени директори, а сите повисоки раководители мораат да бидат подложени на критика само на уште повисоките раководители. Често целосно игнорирајќи го јавното мислење, сметајќи дека постојат некои што се „повикани“ да ги критикуваат сите повисоки форуми или раководители, еден - кај нас, на сета среќа, помал дел од тие раководители - сигурен во својата сакросанктност - некое време „либерално“ ќе дозволи критиката да тргне и „вертикално“ по таа имагинарна скала на критичари и критикувани. Но карактеристично е за таквиот „либерализам“ дека многу често се претвора во налудничавост, дека станува покрут догматизам од она што беше претходно - зашто самиот себеси си ја префрлува таа либералност и сопствена широкоградост, која на крајот, ете, и него го доведе до прашање, а која тој самиот претходно доброќудно ја одобри. Така набрзина почнува да се испитува биографијата на таквите критичари - зашто тоа секогаш било типично за догматичарите: не што, туку кој зборува - се свикуваат и конференции зад затворени врати, се заканува преку повикување на некои тајни документи, се зборува за заткулисни намери, валкани цели, се разобличува тој критичар како некој што некогаш бил непријател - а околу самото прашање кое го постави и појавата која што ја критикуваше во таа општа врева да не се каже ниту еден единствен збор. Не треба да се заборави дека сето тоа се навистина многу карактеристични, речиси суштински појави во рамките на догматизмот и дека воопшто не сме се ослободиле од догматските структури тогаш кога, на пример, ќе се ослободиме од догматскиот криминал кој луѓето со сопствено мислење ги одведуваше не само во интелектуална, туку и во физичка смрт. Имено, доколку во мисловната и реалната сфера, значи, во праксата, не се ослободиме од таквиот пристап на проблемите и на поединците, секогаш ќе постои можност „либералниот“ однос да се претвори во „дисциплинирано“ стегање, па и прогонување, привидниот и вербален хуманизам во отворен антихуманизам.
Антидогматскиот, значи, практичниот мислител често и кај нас (а уште повеќе во „праксата“ на некои други земји) ќе најде еден од основните мотиви и извори на размислувањето за културната атмосфера, за нашата уметничка и филозофска дејност токму во незадоволството од нејзините бледи, умртвени, стабилни, секогаш исти „практични“ ефекти на општоопштествен план. Не станува збор само за - често оправдано - незадоволство од овие или оние квалитети на одредено дело, туку пред сè за тоа дека тоа, без оглед на својот дострел, речиси со никого вистински не комуницира, врз никого не влијае, никого не го воодушевува, не го облагородува, не го очовечува, охрабрува, не го принудува да мисли, да се бори, да бара, да биде незадоволен од постојното, да не се залажува со тоа дека се исполнети, а со самото тоа и завршени сите барања, сите стремежи и сите надежи. Со други зборови: незадоволството се темели врз тоа што, да го парафразираме Маркс, мислата доволно не се стреми кон стварноста, а стварноста кон мислата т.е. што и филозофијата и уметноста и стварноста не живеат во праксата.
Сигурно дека во основа само квалитетната книжевност создава книжевна публика, квалитетните филозофски текстови - размислувања и дискусии за филозофијата. Па сепак, за жал постојат и некои други општи идејни, веќе добро вкалапени, „проверени“ регулативи, кои во многу што детерминираат една атмосфера во која речиси веќе не се забележува колку често се прифаќаат безбојни, а се отфрлаат или (што е полошо) целосно се премолчуваат квалитетните текстови. И кај нас имаше навистина значајни дела кои не беа, ниту во општото мртвило можеа да бидат, „настан“, иако тоа тие несомнено го заслужиле. Дали за тоа е виновен само писателот или и „праксата“ на вкалупени, сигурни, стабилни односи во која не треба ништо да се „нарушува“ и менува и низ кои со маки може да се пробие или добронамерно да биде пропуштен само некој „млад“ недоволно буден талент (кој веќе тогаш е обично по малку уморен и резигниран четириесетогодишник).
„Праксата“ на непроменливи односи, „праксата“ на точно омеѓени шеми во кои е пропишано до која мера и кон кого може да се биде критичен - често условува и екцеси, анархоидни бунтови, претенциозно и помпезно изразени осуди, на прв поглед неразбирливи пубертетски испади при која тогаш навистина нема ништо друго и не се гледа освен искривени слики, толку помрачени од бунтот поради бунт што преку тие очила единствено се гледа само сивилото во сивото. Таквите вербални, вреваторски, патетични повици, на кои од време на време сме сведоци и кај нас, преку ноќ стануваат сензација, за нив се зборува во сите кругови (освен во печатот и на јавните места) како за неверојатен феномен, па тој речиси детски бунт за пробивање на одредени и отповеќе за'рѓани вентили одеднаш станува реален проблем, иако можеби навистина не е ништо друго освен пукање на празни и за никого убиствени светлечки ракети, кои привидно силно блеснуваат, но и брзо и јалово гаснат. Но прашање е дали таквите екцеси, таквото шокирање на нашите културни кругови, кои тогаш обично се згрозуваат како пензионерки - во друга атмосфера, во клима во која, на пример, искажувањето на сопственото мислење би било нормална појава, а полтронското „согласување“ абнормална, и во која критериум за вреднување на писателите би биле нивните текстови - би можеле да бидат што било друго освен смешни, за никого релевантни, никому потребни, едноставно во ветер кажани изливи на некој незадоволен, револтиран, но изолиран и дури помалку неурамнотежен поединец. Но при - често оправданата - критика на таквите псевдокритичари сепак не треба да се заборави дека досега секогаш се покажувало дека инсистирањето на дисциплината и монолитноста по секоја цена, на таа форсирана „стега“ и присилна „согласност“ и еднообразност, може на општата идејна и општествена атмосфера да и' се нанесе повеќе штета од она што може да го направи незауздениот па дури и најекстремниот индивидуализам на поодделни „несфатени“ или „понижени и навредени“ интелектуалци.
Од цврстата, застоена, непроменлива сцена на постојното до вистински социјалистичка пракса нема да не доведе никој однадвор, никој одозгора ниту одоздола, никакви административни дозволи и од кои било форуми потврдени пропусници. За антидогматска т.е. социјалистичка односно творечка пракса, или, што е исто, едноставно за пракса во марксистичка смисла на тој збор, можеме да се избориме секогаш само одново ние самите т.е. само оној што има карактеристики на човек како творечко битие, на човек кој не може како човек да признае ништо човечко „над“ или „под“ себе. Во таа пракса ќе се вткае секој наш сопствен збор зад кој стои вистинско уверување за потребата од прогрес, секое наше дело кое што од динамично сфатениот жив живот на сегашноста е насочено кон реалната иднина, во новиот свет. Само така, негирајќи и рушејќи ги сите идејни и материјални константи, сета скиселена непроменливост, стабилност, малограѓанско самозадоволство со веќе постигнатото, навистина ќе можеме - како што од хоризонтите на својот свет така мајсторски го направи Маркс - дијалектички и современо да му зборуваме на современиот свет и немоќниот догматски шематизам да го претвориме во антидогматска пракса. Меѓутоа, при тоа не треба да се заборави - дека критичарите на минатата и творците на новата пракса воедно мораат да бидат и ковачи на таквото оружје кое секогаш одново и секогаш од нови хоризонти и самите ќе можат да бидат критикувани. Токму тоа е вистинската хуманистичка смисла на револуционерната пракса и таа не може никогаш, никаде, ниту во чие било име да запре. Поради тоа човекот, тоа конечно, смртно, немоќно битие, е „практично“ бесконечен, бесмртен и семоќен.
Фусноти
[1] Таквата теза, на пример, на подрачјето на уметничкото творештво, односно на уметничката „пракса“, во крајна линија би значела потврда на плотиновската и крочеанската концепција според која уметничкото дело всушност е довршено како внатрешна експресија. Тоа е готово како замислено, а сето останато - како што би рекол Плотин - е работа на робовите, а не на уметниците, целиот останат труд со конкретниот материјал е техничка работа која што не е пресудна за она есенцијалното во уметноста, туку е едноставно вештина, помалку или повеќе успешно остварување на идеалните концепции на уметникот. Меѓутоа, прашање е дали уметникот навистина го има своето уметничко дело најпрво во главата, па дури потоа го остварува или самата материја (на пример, бојата, пластичниот материјал и др.) на некој начин во текот на самиот труд ја одредува и суштинската структура на уметничкото дело. Оттука, тоа дело не му го должи својот конечен облик само на некој однапред замислен концепт, туку и на материјалот од кој што е создадено и кој со своите специфични закономерности го менува, а во уметничкото креирање често и го одредува севкупниот изглед, смисла и вредност на самото дело. Една иста глава, „замислена“ целосно идентично во идеалната шема, уметнички е сосема поинаква ако се „оствари“ во мермер или ако се „оствари“ во бронза или дрво.
[2] На пример: „Религијата на практичните потреби би можела, според својата суштина, да најде свое довршување само во праксата, а не во теоријата, зашто токму праксата е нејзина вистина.“ („Кон еврејското прашање“, "Rani radovi", 71 str.).
[3] Можеби би било психолошки интересно да се анализира колку често токму молчеливите и недоучени поединци сето она што е спротивно со нивното мислење го прогласуваат, по кратка постапка, за „примитивно“. Со самото тоа тврдење тие, имено, - а тоа е постојан комплекс на тие заостанати или едноставно дефектни поединци - сметаат дека станаа интелектуално надредени над своите неистомисленици. Тие се толку над своите критичари - кои, ете, се „примитивни“ - што воопшто не е потребно да ги побиваат нивните тези, тие се толку супериорни што не е потребно да се спуштаат на нивно ниво и да се занимаваат со тематиката која што ја третираат. Затоа од страна на некои навистина неквалификувани „теоретичари“ кои, можеби, според сопственото мислење, не доживеале доволен политички или општествен успех, така често во јавните и тајните извештаи можат да се прочитаат атрибутите: примитивно, неквалификувано, нестручно итн. - за тие известители сега да се рехабилитираат „барем“ како стручњаци, а и истовремено да го прикријат сопствениот интелектуален вакуум.
[4] Имено, мислам дека нема да кажеме дека, на пример, прашањето на светската револуција или на можноста од револуција во една земја е некое споредно прашање за марксизмот.
[5] Тој атрибут понекогаш им се припишува на поединци поради стравот дека оние истите догматичари - кои често како целина нè нарекуваат, или нè нарекуваа ревизионисти - ќе ни „замерат“ на и премногу „радикалните“ ставови и за на некој начин официјално да се оградиме од тие непријатни поединци чии поставки би можеле да се „искористат“ во кампањата против нас, а кои, на крајот, за нив никогаш никого - а тоа е веќе сериозен пропуст - не го прашале и не барале „повисоко“ одобрување. Во основата на таквото изопачено мислење се наоѓа гледиштето според кое сето она што се печати или што е јавно изговорено носи „официјално“ обележје. Како писателите и мислителите секогаш и во принцип да не мислат и да не искажуваат свои ставови - зашто ако само би „разработувале“ некои општи директиви, како би се нарекувале мислители - како секој нивни збор да има некој општодржавен карактер, кому му е потребен имприматурот на повисоките форуми, за можеби да нема „незгодни“ надворешно-политички реперкусии.