Хауард Зин

Народна историја на САД

Глава 16

Народна војна?

(извадок)

[Бомбардирањето на Хирошима и Нагасаки и нужноста од него]


Напишано: 1980
Извор: Howard Zinn, А People’s History of the United States, 1492-Present, pp. 393-397. (електронско издание)
Превод: Здравко Стојкоски
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: јуни 2015


...

Имаше голема основа за поддршка на она што потоа се претвори во најтешкото бомбардирање на цивили преземено во една војна: воздушните напади врз германските и јапонските градови. Некој може да тврди дека оваа широка народна поддршка е резултат на сфаќањето дека се работеше за „народна војна“. Но, ако „народна војна“ значи војна на луѓето кои се нападнати – односно, одбранбена војна која се води од хумани причини, а не за привилегиите на одредена елита; војна против малкумина, а не против мнозинството - тогаш тактиката на тотални воздушни напади против населението на Германија и Јапонија го уништува таквото разбирање.

Италија бомбардираше градови за време на Етиопската војна; Италија и Германија бомбардираа цивили во Шпанската војна; на почетокот на Втората светска војна германски авиони фрлија бомби врз Ротердам во Холандија, Ковентри во Англија и на други места. Рузвелт го опиша ова како „нечовечки варваризам, кој длабоко ја шокира совеста на човештвото“.

Овие германски бомбардирања беа многу мали споредени со британските и американските бомбардирања на германските градови. Во јануари 1943 година, сојузниците се сретнаа во Казабланка и се согласија на воздушни напади од големи размери со цел „отстранување и уништување на германскиот воен, индустриски и економски систем, како и поткопување на моралот на германскиот народ до точка до која нивниот капацитет за вооружен отпор ќе биде фатално ослабен“. На тој начин, започна бомбардирање на германските градови до презаситеност, со илјадници авионски напади врз Келн, Есен, Франкфурт, Хамбург. Англичаните напаѓаа навечер без никаков изговор дека целат на „воени“ цели, а Американците преку ден и глумеа прецизност, но поради бомбардирањето од големи височини тоа беше невозможно. Кулминација на овој терор беше бомбардирањето на Дрезден во почетокот на 1945 година во кое огромната топлина генерирана од бомбите создаде вакуум во кој огнот брзо се прошири во пожар кој го опфати целиот град. Повеќе од 100.000 луѓе загинаа во Дрезден. (Винстон Черчил во неговите воени мемоари во врска со овој инцидент се ограничи на следната изјава: „Во вториот месец извршивме тежок напад на Дрезден, во тоа време центарот на комуникациите на германскиот Источен фронт“). Стратегијата на бомбардирање до презаситеност продолжи со бомбардирањето на јапонските градови, со цел да се уништи моралот на цивилното население; едно ноќно огнено бомбардирање на Токио одзеде 80.000 животи. Тогаш, на 6 август 1945 година, се појави осамениот американски авион на небото над Хирошима, фрлајќи ја првата атомска бомба, оставајќи можеби 100.000 мртви Јапонци и десетици илјади кои дополнително починаа како последица на радиоактивното зрачење. Дванаесет пилоти на американската морнарица беа убиени во текот на бомбардирањето во затворот во Хирошима, факт кој, според историчарот Мартин Шервин („Уништен свет“), официјално никогаш не беше признат од страна на американската влада. Три дена подоцна, беше фрлена втората атомска бомба врз градот Нагасаки, која однесе околу 50.000 животи. Оправдувањето за ваквите злосторства беше најдено во тврдењето дека тоа брзо ќе и’ стави крај на војната, со што не би имало потреба од копнена инвазија врз Јапонија. Според владата, таквата инвазија би чинела огромен број американски животи – еден милион, според државниот секретар Барнс, а пола милион, според Труман, бројка која му била дадена од страна на генералот Џорџ Маршал. (Неколку години подоцна кога беа објавени документите од Проектот Менхетн - проектот за изработка на атомската бомба - тие покажаа дека Маршал ги предупредил Јапонците во врска со бомбите, со цел да бидат евакуирани луѓето, а да бидат погодени само воени цели). Овие проценки во врска со жртвите од инвазијата не беа реалистични и се чини беа извлечени со цел да се оправдаат бомбите, кои, како стануваа познати нивните ефекти, ужасуваа сè поголем број луѓе. До крајот на август 1945 година, Јапонија се наоѓаше во очајна состојба и беше готова да се предаде. Воениот аналитичар на „Њујорк Тајмс“, Хансон Болдвин, кратко време по војната, напиша:

„Во воена смисла, непријателот беше во стратегиски безнадежна позиција уште во моментот кога беше објавено Потсдамското барање за безусловна капитулација, на 26 јули.“

Токму таква беше ситуацијата кога ги збришавме Хирошима и Нагасаки.

Беше ли неопходно да го направиме тоа? Никој не може да биде целосно категоричен по ова прашање, но, со голема сигурност, може да се каже дека одговорот е негативен.

Одборот за стратегиското истражување на бомбардирањата, кој беше воспоставен од САД во 1944 година за да се проучат резултатите од воздушните напади во текот на војната, по капитулацијата на Јапонија интервјуираше стотици јапонски цивили и воени лидери. Во неговиот извештај објавен по војната се вели:

„Врз основа на деталното истражување на сите факти и поткрепено со сведочењата на преживеаните јапонски водачи вклучени во настаните, истрагата, со голема веројатност, смета дека Јапонија ќе капитулираше пред 1 ноември, а сигурно пред 31 декември 1945 година, дури и во случај атомските бомби да не беа фрлени, Русија да не се вклучеше во војната, па дури и ако копнената инвазија воопшто не беше планирана и предвидена.“

Но, можеа ли американските водачи да го знаат ова во август 1945 година? Одговорот е сигурно да. Јапонската тајна шифра беше пробиена и јапонските пораки беа пресретнувани. Се знаеше дека Јапонците имаат испратено инструкции до нивниот амбасадор во Москва да работи на мировни преговори со Сојузниците. Јапонските водачи започнаа да зборуваат за капитулација една година претходно, а во јуни 1945 година и Императорот лично започна да сугерира дека треба да се размислува за алтернативи на стратегијата за војна до крај. На 13 јули министерот за надворешни работи, Шигенори Того, го извести неговиот амбасадор во Москва дека: „Безусловната капитулација претставува единствена пречка за мирот...“. После исцрпното проучување на релевантните историски документи, Мартин Шервин заклучува: „Пробивајќи ја јапонската шифра пред војната, американското разузнавање беше во можност - а тоа и го направи – да ја препрати оваа порака до Претседателот, но сепак, тоа немаше ефект врз напорите за приведување на војната до крај“. Само ако Американците не инсистираа на безусловна капитулација - односно ако беа подготвени да прифатат еден услов за капитулација, а тоа е Императорот, кој е света личност за Јапонците, да го задржи престолот – Јапонците би се согласиле да ја прекинат војната.

Зошто Соединетите Американски Држави не го презедоа тој мал чекор со кој би ги спасиле американските и јапонските животи? Дали тоа беше затоа што премногу пари и енергија беа инвестирани во атомската бомба, за сега таа да не биде фрлена? Генералот Лесли Гроувс, шефот на Проектот Менхетн, го опиша Труман како човек кој е на тобоган, кој пак е во премногу деликатна положба за да може да биде сопрен. Или, можеби, како што сугерираше британскиот научник П.М.С Блекет (во „Страв, војна и бомбата“), дека САД беа нестрпливи да ја фрлат бомбата пред Русите да влезат во војна со Јапонија?

Русите тајно се согласија дека ќе се вклучат во војната со Јапонија (официјално не беа во војна) деведесет дена откако ќе заврши војната во Европа. Таа заврши на 8 мај, па, според тоа, на 8 август Русите требаше да и’ објават војна на Јапонија. Но, дотогаш големата бомба веќе беше фрлена, а следниот ден беше фрлена уште една врз Нагасаки; по што Јапонците се предадоа на САД, а не на Русите и САД ја окупираа повоена Јапонија. Според зборовите на Блекет, фрлањето на бомбата беше „првата голема операција од дипломатската Студена војна со Русија...“. Со Блекет се согласува и американскиот историчар Гар Алперовиц, кој во делото „Атомска дипломатија“ цитира белешка од дневникот на американскиот секретар на морнарицата Џејмс Форестел, од 28 јули 1945 година, во која овој го опишува државниот секретар Џејмс Ф. Брнс како „најнестрплив да се заврши со јапонските работи, пред да се вклучат Русите“.

Труман изјави дека „светот ќе забележи дека првата атомска бомба беше фрлена врз Хирошима, како воена база. Тоа беше затоа што ние во првиот напад сакавме што е можно повеќе да избегнеме убивање на цивили“. Тоа беше бесмислена изјава. Тие 100.000 убиени во Хирошима, скоро сите, беа цивили.

Во извештајот на американскиот Одбор за стратегиско истражување на бомбардирањата се вели: „Хирошима и Нагасаки беа избрани како цели заради концентрацијата на активности и на население во нив“.

Фрлањето на втората бомба врз Нагасаки, се чини, однапред било планирано и досега никој не е во можност да објасни зошто таа воопшто беше фрлена. Дали затоа што се работеше за плутониумска бомба, за разлика од онаа во Хирошима која беше ураниумска. Дали убиените и озрачените во Нагасаки беа жртви на научен експеримент? Мартин Шервин вели дека меѓу жртвите од Нагасаки, најверојатно, имаше и американски воени заробеници. Тој забележува една порака од 31 јули, испратена од Главниот штаб на американските стратегиски воздушни сили во Гуам до Военото министерство:

„Извештаите кои доаѓаат од извори од воените заробеници, кои не се потврдени со фотографии, сугерираат за постоење на затворенички камп во кој се наоѓаат сојузнички војници, кој е лоциран една милја северно од центарот на градот Нагасаки. Дали ова влијае врз изборот на целта на Централната команда за првичната операција? Се бара итен одговор.“

Одговор: „Претходно определените цели од страна на Централната команда остануваат непроменети“.

Навистина, после тоа, војната заврши брзо. Италија веќе беше поразена. Потоа капитулира и Германија, кој беше скршена, првенствено, од страна на советската армија на Источниот фронт и со помош на сојузничките армии од запад. Сега и Јапонија се предаде. Фашистичките сили беа уништени.

Но, што се случи со фашизмот - како идеа и како реалност? Дали со тоа исчезнаа неговите основни елементи: милитаризмот, расизмот, империјализмот? Или можеби тие беа апсорбирани во веќе затруените коски на победниците? Револуционерот и пацифист, А. Ј. Масти, во 1941 година предвиде: „Проблемот после некоја војна е победникот. Имено, тој смета дека штотуку се докажало дека војната и насилството се исплаќаат. Кој нему сега ќе му одржи лекција?“

Победниците беа Советскиот Сојуз и Соединетите Американски Држави (како и Англија, Франција и националистичка Кина, но тие беа слаби). Овие две земји сега се фрлија на работа – без свастики, парадни маршеви или јавно деклариран расизам, но под маската на „социјализмот“, на едната страна, и на „демократијата“ на другата - да ги изградат нивните сопствени империи на влијание. Тие продолжија меѓусебно да се делат, да се натпреваруваат за светска доминација, да градат воени машинерии, многу поголеми од оние што ги изградија фашистичките земји и да ги контролираат судбините на многу повеќе земји отколку што беа во можност тоа да го направат Хитлер, Мусолини и Јапонија. Исто така, тие делуваа и врз контролата на сопственото население, секој со свои методи – сурови во Советскиот Сојуз и софистицирани во Соединетите Американски Држави – со цел да ја одржуваат сигурна нивната власт.

Војната не само што ги постави САД како доминантна сила во однос на поголемиот дел од светот, но, во исто време, таа создаде услови за ефикасна контрола дома. Невработеноста, економската криза и превирањата што следеа, а кои ги обележаа триесеттите и кои беа само делумно ублажени со мерките на Њу дил, беа пацифизирани и надминати како резултат на уште поголемите превирања предизвикани од војната. Војната донесе повисоки цени за земјоделците, повисоки плати, поголем просперитет што беше доволно еден значаен дел од населението да се сврти против бунтовите кои ги одбележаа триесеттите. Како што напиша Лоренс Витнер, „војната го обнови американскиот капитализам“. Најголемите придобивки беа во корпоративните профити, кои пораснаа од 6,4 милијарди долари во 1940 година на 10,8 милијарди во 1944. Но и работниците и земјоделците добиваа, доволно, колку да имаат чувство дека системот работи добро и за нив.

Владите научија една стара лекција: дека војната ги решава проблемите на контрола. Чарлс Е. Вилсон, претседателот на корпорацијата „Џенерал Електрик“, беше толку среќен со воената ситуација што предложи континуиран сојуз меѓу бизнисот и војската, со цел воспоставување „постојана воена економија“.

Подоцна, токму тоа и се случи. Кога, веднаш по војната, американската јавност, заситена од војната, изгледаше дека ја преферира демобилизацијата и разоружувањето, Трумановата администрација (Рузвелт почина во април 1945 година) работеше на создавање атмосфера на криза и студена војна. Точно, ривалството со Советскиот Сојуз беше реално – таа земја излезе од војната со својата економија во распад и со 20 милиони мртви луѓе, но правеше зачудувачки камбек, обновувајќи ја својата индустрија, повторно стекнувајќи воена сила. Сепак, Трумановата администрација го прикажуваше Советскиот Сојуз не како ривал, туку како непосредна закана.

...


Архива на Хауард Зин

марксистичка интернет архива