Предраг Враницки

Државата и партијата во социјализмот


Напишано: 1967
Извор: Arhiva Praxisa
Објавено: "Praxis" (Zagreb), "Praxis" 1967, 5-6
Превод: Здравко Савески, од хрватски јазик
HTML Markup: Здравко Савески
Онлајн верзија: септември 2008


Оваа тема спаѓа помеѓу оние темелни прашања на социјализмот околу кои во текот на овој век неброено пати е расправано, околу кои постоеја и постојат остри контроверзи и суштински различни гледишта на одделни марксисти, комунисти, па и на цели движења. Мислам дека по себе е разбирливо дека со оглед на ширината на оваа проблематика во оваа прилика не сакам да дадам ниту историски приказ на сите овие дискусии, полемики и контроверзи, ниту да го „утврдувам“ точниот став на основачите на марксизмот итн., туку, во врска со конкретните искуства на социјалистичкото движење во овој век, а особено на нашето југословенско, да назначам некои понатамошни проблеми и можни решенија.

Со оглед на излезната точка на оваа проблематика, да го спомнеме најкратко само ова: познато е дека од Маркс и Енгелс натаму, вклучувајќи тука голем број најзначајни марксисти (Ленин, Грамши, Лукач, Тито итн.), основните тези во врска со поставеното прашање за државата и партијата во социјализмот беа: прво, државата мора да одумира во социјализмот и, второ, партијата е авангарда и водечка политичка сила и во социјализмот, но не и тутор над работничката класа, не „носител“ на новото општествено уредување, социјализмот, што може и треба да биде самата класа.

Историскиот контекст и перспективата од кои, особено Маркс и Енгелс, го согледуваа и теоретски го решаваа овој проблем, беа таквата констелација на работничкото движење во светот, а особено во Европа, што Маркс и Енгелс претпоставуваа, прво, дека социјализмот ќе победи во прв ред во најразвиените капиталистички земји, што потоа со силината на социјалистичкиот процес би делувало кон преобразба и во останатите послабо развиени земји. При таква констелација, се разбира, државата како одредена сила го губи своето политичко и воено значење, па и процесот на одумирање би можел многу побрзо и побезболно да напредува; второ, тие овој проблем го согледуваа и од потемелен, филозофско-хуманистички аспект, кој, само по формулациите, донекаде се губи во подоцнежните списи, но сепак им е, за оној што ја разбира смислата на нивните дела, основа без која нивната мисла воопшто не може до крај да се разбере. А тоа гледиште, кое тие многупати јасно го истакнаа, е дека кај сите парцијални органи на општеството, особено кај органите на сила, кои го надоместуваат човекот како поединец и општеството во целина, се работи за форми на отуѓеност на човекот, групата, класата. Бидејќи државата и партијата се такви неопходни историски форми и за самиот пролетаријат, револуцијата не може наеднаш да ги докине, но мора да го иницира, што е нејзин најдлабок и најрешавачки историски чин, процесот на нивно одумирање.

Тоа беа, во најкратки црти, теоретските и практично-политичките рамки за разбирање на нивните значајни мисли за овој проблем. (Се разбира, овде мораме да изоставиме и некои други претпоставки и околности кои го објаснуваат овој став).

Познато ни е дека процесот на создавање на социјализмот досега одеше по друг пат, дека се одвиваше на други историски подрачја од она што го претпоставуваа основачите на марксизмот. Меѓутоа, иако тој процес започна во неразвиената Русија, со слаби демократски и граѓански традиции, Ленин никогаш ниту теоретски ниту практично (колку што беше можно во тие невозможни денови и години на граѓанска војна) не се откажуваше од концепцијата на одумирање на државата, остварување на самоуправност на работниот човек и демократизам во партијата, толерирање на поединечната или групната опозиција околу одделни, често и решавачки прашања. И во таквите случаи само преку силата на аргументите и стекнатото мнозинство во партијата ги спроведуваше своите концепции.

Дури ерата на сталинизмот доведе некои, веќе во претходниот период присутни процеси и концепции (мислам на етатистичко-бирократските и недемократските) до крајни консеквенци и принципи. Не можеме да навлегуваме во анализа на генезата на овие концепции, зашто тоа не ни е задача, туку само да констатираме дека сталинскиот период во овој период се карактеризира со тезата, прво, дека класната борба во социјализмот не стивнува, туку јакнее и дека поради тие причини како и поради капиталистичкото опкружување, потребно е државата во социјализмот да јакне, а не да одумира; и второ, дека партијата како свесна авангарда на пролетаријатот мора да биде „монолитна“, што во реалноста значеше дека принципот на демократски централизам се здобиваше со сè посилни обележја на централизам, а сè помалку на демократизам, дека, конечно, и во партијата и во општеството, врз основа на политичкиот монопол над средствата за јавна комуникација преовладуваат административните и насилни методи.

Во овој период во рамките на социјалдемократијата веќе во целост преовладува тезата за парламентаризам. Политичкото согледување на целиот проблем, вербата во можноста од остварување на социјализмот „одозгора“, т.е. преку буржоаската држава - до денес останува кредо на социјалдемократијата. Ова го нагласуваме само затоа што речиси никогаш не се гледа важната заедничка компонента на социјалдемократската и сталинистичката концепција: и двете остануваат суштински на планот на политичкото. Ова е еден од моментите кој во ова излагање сакам особено да го нагласам, особено поради некои прашања кои следат.

Ако се обидеме да го карактеризираме социјализмот од овие последни неколку децении, особено од крајот на дваесеттите години, можеме да ја констатираме изразената доминација на политичката сфера на животот, што имаше реперкусии не само врз карактерот на општествените односи и врз положбата на поединецот во социјалистичките земји, туку, мислам, и врз концепцијата на борбата за социјализам кај комунистичките партии во западните земји.

За оваа доминација на политичката сфера во социјализмот, па дури и кога би се работело и за доминација на политичката сфера заснована на широки демократски принципи, што не е случај, нема никакво оправдание, ако, се разбира, тргнуваме од изворните марксистички позиции. За Маркс државата и партијата се или апстрактна или парцијална заедница, па никогаш не можат да ја заменат општествената заедница во целина. За Маркс, исто така, овие форми не можат никогаш да ја заменат класата во целина. Затоа, за марксизмот е важно прашање на социјализмот не доминацијата на оваа или онаа парцијална сфера на животот, туку избивањето во прв план на „општествената сфера“, таква промена на општествените односи во кои работниот човек нема да се однесува кон некој друг (на пример, државата), туку кон самиот себе и кон другите како управувачи. Со еден збор, смислата на оваа концепција и на историската намера е структуирање на севкупната заедница врз самоуправниот принцип. Тоа е единствениот принцип кој значи коренито надминување на старите историски структури, наемните односи, политичкото и економското отуѓување, политичкиот и кој било друг фетишизам, доминацијата на парцијалното и привилегираното.

Со оглед на ова историско искуство, да го наречеме социјално искуство, треба веднаш да нагласиме дека социјализмот го започна своето историско патување речиси без никакви такви традиции. Основните искуства беа или од политичка природа, при што главно беа концентрирани во политичката авангарда - партијата, или општествено-економски, претежно во смисла на борбата за скратување на работниот ден, подобри услови за живот, повисоки надници итн. Искуства во врска со промените на самите општествени односи уште во периодот на капитализмот не постоеја, ниту до денес е направен обид да се направи нешто позначајно во тој правец.

Сето тоа резултираше со теориска инсуфициенција на основните револуционерни сили на современата историја. Работничката класа досега ниту во една земја не беше свесна за својата историска задача, па ниту теориски ниту акциски не беше способна како класа да наметне покоренита промена на производните и општествените односи веќе на самите почетоци од развојот на социјализмот. За тоа, се разбира, не беше свесна ниту политичката авангарда на работничката класа, која (освен во исклучителни случаи, и тоа не целата авангарда) како политичка организација ја продолжи својата главна дејност во политичката сфера и преку политички средства ги насочуваше социјалистичките процеси. Тоа како последица имаше јакнење и доминација на политичката сфера на општеството - државата и партијата - а се потиснуваше и често целосно се занемаруваше преобликувањето на општествените односи во правец на самоуправност на работните луѓе.

Не треба да се биде особено луциден за да се увиде дека поради сите овие причини основната противречност во развојот на социјализмот мора да се пројави во тие две противречни концепции и тенденции на развој: во тенденцијата на доминација на политичката сфера и политичкиот монопол на управување со општеството и во тенденцијата на надминување на бирократско-политичкото управување со општеството и воспоставување на самоуправни односи, на асоцијации на слободните производители, како што претпоставуваше Маркс. Меѓутоа, со оглед на тоа дека во социјализмот барем во основа е докината сопственоста над средствата за производство, при таква општествена структура во наемниот однос мораат да се најдат освен работничката класа и речиси сите други групации, така што наведените антагонизми мораат да ги опфаќаат речиси сите сфери на таквото социјалистичко општество. Исто така е јасно дека тие некаде ќе се пројавуваат преку конкретни реагирања на практичните проблеми на претпријатието или политиката, некаде во теоретските или уметнички согледувања на егзистенцијалниот проблем на современиот човек.

Оваа севкупна проблематика како и прикажаниот историски процес и искуства нужно оставија трага врз современите процеси на борбата за социјализам и во капиталистичките и во социјалистичките земји. Што се однесува до капиталистичките земји, познато е дека постои извесна криза на класично-политичката борба на комунистичките и социјалистичките партии. Во некои земји, секако и во најсилните и највлијателните, таков тип на организација и политика речиси и да не постои. Во другите, пак, се прави обид оваа криза да се реши сè уште само на ниво на политиката, преку создавање на пошироки социјалистички фронтови и слично. Се поставува прашањето: не постојат ли пред социјалистичките сили и други, историски порелевантни можности за мобилизација и делување во работничката класа и во останатите работнички групации на општеството? Не постојат ли можности за подготвување на оние општествени преобразби кои ниту најмалку не се исцрпуваат со заземањето на власта и национализација на средствата за производство? Имено, не е ли, се разбира, во современите услови на развиена западна демократија, првенствена задача на социјалистичките сили веќе денес да ја започнат борбата за организирање на работните луѓе како самоуправувачи, да ги поставуваат темелите на онаа „асоцијација на слободни производители“, т.е. темелите на самоуправниот социјализам што им е главна историска перспектива и задача. Со тоа би се видело дека борбата не се исцрпува во политичките мобилизации на масите, во политичките акции, па ниту во разните социјално-хуманитарни, туку дека постои уште еден потемелен стратум на општествената егзистенција чие преобликување далеку порешавачки делува врз останатите сфери на општествениот живот.

Колку ваквите совети или комисии на работниците во производството, просветата, администрацијата итн. би имале непосредно влијание, контрола над производството, организацијата на работата, распределбата - во целост е историско прашање. Буржоазијата, некаде порано а некаде подоцна, со институцијата на приватната сопственост веќе имаше развиени производствени односи во крилото на феудалното општество. Развојот на модерното општество пружа можности работничката класа со своите сојузници да започне со создавањето на оние формации кои еднаш ќе бидат способни управувањето со општеството да го преземат во свои раце. На тоа, мислам, современите социјалистички сили во тие земји ги тера и фактот на сè посилниот развој на технолошкиот процес (автоматизација и др.) што ќе доведе до понатамошно скратување на работниот ден, нова организација на образованието и културата, унапредување на културното и образовното ниво и постепено докинување на досегашната основна поделба на трудот. Социјалистичките сили би се покажале историски навистина инсуфициентни кога во перспективата на таквите општествени преобразби кормилото би му го препуштиле на другите општествени сили.

Што се однесува до социјалистичките земји, посочените противречја и антагонизми веќе се на дофат, а некаде и во полн замав. Веќе ја спомнав карактеристиката на досегашниот развој на социјализмот: доминација и монопол на политичката сфера, која во мнозинство од случаите прерасна во типично етатистичко-бирократски монопол и доминација. Во таква ситуација пред социјалистичките сили стојат неколку задачи:

прво, да се спознае дека самоуправувањето на работниот човек не е некаква далечна фаза од развојот на социјализмот (според некои, етапа на комунизмот), туку суштина и смисла на револуционерната преобразба, зачеток на новата историска епоха и перманентна социјалистичка револуционерна задача;

второ, дека сите политички или технократски мерки на организирање и управување со социјализмот, колку и да се успешни, не ја докинуваат положбата на работниот човек како објект, како оној со кого се управува. Филозофски изразено, политичкото и економското отуѓување преку ваквите процеси не се надминува и така не се постигнува посакуваното ослободување на човекот во социјализмот;

трето, дека една нова историска ренесанса, која веќе со социјализмот се очекува, не може да се постигне преку пренагласување на централизмот во политичката сфера и во самата партија, туку обратно - преку демократизација; не само што филозофските, уметничките, научните и културните процеси не можат да потпаѓаат под надлежност на политичката сфера, туку, секако, и самата политичка сфера мора да се конституира на демократски начин во социјализмот.

Во врска со овие прашања, уште неколку забелешки за нашите сопствени, југословенски проблеми, потешкотии и дилеми. Не треба посебно да се нагласува дека концепцијата на самоуправувањето, значи, и одумирањето на државата, во основа победи барем кај најсвесниот дел од работните луѓе во нашата земја, секако и кодификувана во најзначајните државни и политички акти, во Уставот и Програмата на СКЈ.

Во контекст на овие прилично сложени општествени и политички прашања и прилики, од посебен интерес, особено со оглед на темата на рефератот, е проблемот на партијата во склоп на развојот на самоуправниот социјализам.

Во врска со самоуправувањето пред сè една мала дигресија. Постојат одредени критичари од лево (на пример, во Четвртата интернационала) кои сметаат дека ова што постои во Југославија е речиси „илузија на самоуправувањето“, сè додека останува на ниво на претпријатијата. Без оглед што може да се покаже дека не им се познати корените на нашите современи процеси, треба веднаш да се забележи дека е илузија таквото мислење кое претпоставува дека југословенските марксисти не гледаат дека ова е само еден од чекорите од остварувањето на историската програма и дека не сфаќаат дека структуирањето на севкупната заедница врз самоуправниот принцип е основната визија и нитка водилка на акцијата на најсвесните сили на нашето општество. Токму оваа околност ја одредува сосема новата, историски досега непостоечка положба, смисла и интенции на владејачката партија.

Секоја комунистичка или социјалистичка партија која не ги инаугурира процесите на самоуправување (ако тие не се започнати преку непосредна акција на работничката класа) нужно влијае, во тој период, на петрификување на етатистичките односи, го продлабочува расцепот помеѓу етатистичко-политичките и останатите работни слоеви на општеството, го зауздува замавот и ја ограничува непосредната акција и креативноста на општествените сили. Одредени стагнации и деформации се нужна последици на ваквиот развој како и противречностите за кои стана збор.

Во обратниот случај нужно настануваат проблеми во развојот не само на самоуправната заедница, туку и на положбата, функцијата на самата политичка организација. Инаугурирајќи процес на структуирање на севкупната заедница врз самоуправниот принцип - партијата исто така инаугурира и одумирање на парцијалната власт, на доминацијата на политичката сфера и на политичкиот монопол. Иако и оваа наша ситуација сè уште е преодна во претходно наведената смисла, кога новиот процес сè уште не е завршен, а старите структури одумреа, во секој случај прашањето на партијата (кај нас на СКЈ) како вистинска авангарда на тие нови процеси мора да се постави со својата острина.

Основното прашање на овој историски момент стана: да се претвори партијата од досегашна владејачка политичка сила и нејзините организации како обични трансмисии во интелектуално-идејно и организациски способен предводник на посочениот самоуправен процес.

Самоуправните процеси без јакнење на демократизмот, демократското донесување одлуки, судирот на мислењето и интересите, формирањето мнозинство и малцинство околу речиси секое поважно прашање - невозможни се. Уште помалку е можно постоењето на авангарда на тие процеси, ако и нејзиниот внатрешен живот не се темели врз истиот тој принцип. Авангардата на таквиот процес не може да биде позакржлавена, поплашлива, понетолерантна и понеспособна да излезе од одредени идејни судири и контроверзи од онаа средина на која би требало да и’ биде авангарда. Во врска со тоа сакам да истакнам барем три прашања кои се наметнуваат:

Првото е тезата дека ваквиот демократизам на партискиот развој е невозможен без постоење на повеќе партии. Теза наизглед плаузибилна, но историски потполно апстрактна. Таа е историски несоодветна на ваквиот развој каков што е нашиот југословенски поради повеќе причини: во прв ред судирите на партиите се одвиваат поради борба за власт на одредени групации, класи итн. Во општеството кое инаугурира самоуправни процеси, не е прашањето на власта на оваа или онаа политичка партија, туку всушност одумирањето на таквата власт, надминување на доминацијата на политичката сфера на општеството. Од тоа многу јасно следи дека таквите политички судири и аспирации нужно повторно би ја јакнеле политичката сфера на општеството. Префрлањето на тежиштето при решавањето на темелните прашања врз политичката сфера, со сите оние инструменти, техники и пропратни акции кои ги налага таквата борба, побрзо би водело кон јакнење на бирократските, а не на самоуправните сили. На самоуправната заедница не и’ е во никаков интерес „множењето“ на политиката и политичарите кон што таквата борба би водела и конечно (иако со ова не се исцрпени сите аргументи) во нашата југословенска заедница, опасноста од националистички деформации и сеништа преку ваквите процеси би биле далеку засилени, што исто така не е ниту малку пожелно.

Некој би можел да забележи и ќе забележи дека овие опасности и недостатоци на ваквиот процес можат да постојат, но дека тие обезбедуваат слобода на изразувањето, можност за слободно определување и докинување на политичкиот и општествениот монопол на една партија што секогаш може да биде основа и причина за најразлични деформации и несоцијалистички постапки. Во овие приговори исто така има вистина, а постојат и историски искуства на кои тие и се однесуваат. Иако овој приговор ја испушта од вид сосема новата и специфична општествена реалност за која сега станува збор, т.е. реалноста на самоуправувањето, треба и за нив и тоа како да се води сметка во овие периоди на реорганизирање на партијата. Особено поради тоа што, според моето мислење, е можно овие прашања да се решат, а да се избегнат наведените опасности и недостатоци.

Второ, нашата наведена ситуација наметнува низа организациски прашања за кои веќе доста е расправано при што некои основни интенции и ставови по дискусиите се зацртани, па не би имал нешто посебно да придодадам.

Трето, суштинско прашање е, кое следи од сето досега кажано, прашањето на понатамошната демократизација и на партијата и на општеството во целина. Ако сметаме дека решавањето на ова прашање е несоодветно преку повеќепартискиот систем поради причината која ја наведов, мораме да го решаваме во овој склоп: партијата - самоуправното општество (уште поточно: развивањето, изградбата на самоуправна социјалистичка заедница).

Како што веќе е кажано, партијата во тој процес не може да заостанува зад општеството, зашто во теориски, мисловен и акциски поглед би се нашла на опашката на случувањата, па лесно би станала и кочница на тој процес. Меѓутоа, демократизмот во партијата не може да значи само можност и нужност за влијание на сите органи на партијата врз одлуките и политиката на партијата, не само можност и право на свое мислење во текот на донесување на одлуките, туку и право, почитувајќи го мислењето на мнозинството, и понатаму јавно и внатрепартиски да се залага за одреден став, кога некој длабоко е убеден во исправноста на својот став. Сè дотогаш додека праксата не го демантираат мнозинството или поединецот или групата. За партијата во ваквиот историски момент е од непроценливо значење да има членови кои со најголема сериозност, со длабочината на анализата и со комунистичка заинтересираност ќе осветлуваат одредени проблеми на општеството и на развојот на социјализмот и кои ќе имаат одредени, што подобро втемелени мислења. Во такви околности не може од дотичниот член, кој целосно стои зад одредени анализи, да се бара едноставно да се одрекне од нив, затоа што мнозинството во одреден момент не се согласува со нив. Тоа воедно е и единствениот пат и начин марксизмот во целост да се стекне со онаа интелектуална димензија за која, на пример, сталинизмот направи сè за да ја дискредитира.

Понатамошен услов за ваквиот демократски процес е и докинувањето на монополот над масовните комуникации, овозможување на создавањето на слободно јавно мислење, овозможувањето во одредени контроверзи секој социјалистички став да може да дојде до израз. Иако и во овој случај се направени првите чекори, тие ниту малку не се доволни за процесите што следат.

Мислам дека овие прашања се решавачки за што поуспешен развој на оној историски процес кој го инаугурира нашата земја и кој навестува едно суштински ново човештво. Со нивното нерешавање би западнале во поостри противречности, би го кочеле побрзото преструктуирање на општеството врз самоуправниот принцип што би можело да доведе до акти кои за посестраниот социјалистички развој и понатамошно ослободување на личноста во никој случај не би биле пожелни.


марксистичка интернет архива