Целите и задачите на демократскиот социјализам

Декларација на Социјалистичката Интернационала
усвоена на нејзиниот Прв конгрес одржан во
Франкфурт на Мајна, 30 јуни-3 јули 1951 година


Напишано: 1951
Извор: Socialist International
Превод и техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: октомври 2009


1. Од 19-от век наваму, капитализмот разви исклучителни производни сили. Тој го направи тоа по цена на исклучување на големото мнозинство граѓани од влијанието врз производството. Тој ги постави правата на сопственоста пред правата на човекот. Тој создаде нова класа на наемни работници без сопственост или социјални права. Тој ја заостри борбата помеѓу класите.

Иако светот содржи ресурси кои би можеле да се искористат за да се обезбеди достоен живот за секого, капитализмот е неспособен да ги задоволи елементарните потреби на светското население. Тој покажа дека не може да функционира без разорни кризи и масовна невработеност. Тој создаде социјална несигурност и очебијни контрасти помеѓу богатите и сиромашните. Тој посегна по империјалистичката експанзија и колонијалната експлоатација, правејќи ги на таков начин судирите помеѓу народите и расите уште поогорчени. Во некои земји моќни капиталистички групи помогнаа варваризмот на минатото повторно да ја подигне својата глава во обликот на фашизмот и нацизмот.

2. Социјализмот се роди во Европа како протестно движење против болестите инхерентни на капиталистичкото општество. Бидејќи наемните работници најмногу страдаа од капитализмот, социјализмот прво се разви како движење на наемните работници. Оттогаш, сè повеќе и повеќе граѓани – професионални и административни работници, фармери и риболовци, занаетчии и ситни продавачи, уметници и научници – почнуваат да разбираат дека социјализмот им се обраќа на сите луѓе кои веруваат дека експлоатацијата од човек на човек мора да биде укината.

3. Социјализмот се стреми да ги ослободи народите од зависноста од малцинството што ги поседува или контролира средствата за производство. Тој се стреми да ја стави економската власт во рацете на народот како целина и да создаде заедница во која слободни луѓе ќе работат заедно како рамноправни.

4. Социјализмот стана главна сила во светските работи. Тој премина од пропаганда во практика. Во некои земји темелите на едно социјалистичко општество веќе се поставени. Таму злата на капитализмот исчезнуваат, а заедницата развива нов ентузијазам. Принципите на социјализмот ја докажуваат својата вредност во акција.

5. Во многу земји неконтролираниот капитализам и’ отстапува место на економијата во која државната интервенција и колективната сопственост го ограничуваат делокругот на приватните капиталисти. Сè повеќе луѓе ја разбираат потребата од планирање. Социјалното осигурување, синдикализмот и индустриската демократија освојуваат нови позиции. Овој развој во голема мера е резултат на долгите години борба на социјалистите и синдикалистите. Насекаде каде социјализмот е силен, преземени се важни чекори кон создавање нов општествен поредок.

6. Во последните години народите во недоволно развиените области од светот во социјализмот гледаат вредна помош во борбата за национална слобода и повисок животен стандард. Таму се развиваат разни облици на демократски социјализам под притисок на различните околности. Главните непријатели на социјализмот во овие области се паразитската експлоатација од страна на домашните финансиски олигарси и колонијалната експлоатација од страна на странските капиталисти. Социјалистите се борат за политичка и економска демократија, се стремат да го подигнат животниот стандард на масите преку земјишна реформа и индустријализација, ширење на јавната сопственост и развој на производни и потрошувачки задруги.

7. Во меѓувреме, како што напредува социјализмот во целиот свет, се појавија нови сили кои го загрозуваат движењето кон слобода и социјална правда. Од Болшевичката револуција во Русија, комунизмот го подели меѓународното работничко движење и го врати назад со декади остварувањето на социјализмот во многу земји.

8. Комунизмот лажно тврди дека е дел од социјалистичката традиција. Всушност, тој ја искриви таа традиција до непрепознатливост. Тој создаде ригидна теологија која е некомпатибилна со критичкиот дух на марксизмот.

9. Додека социјалистите се стремат да остварат слобода и правда преку отстранување на експлоатацијата што ги дели луѓето во капитализмот, комунизмот се стреми да ги заостри тие класни поделби само со цел да воспостави диктатура на една единствена партија.

10. Меѓународниот комунизам е средство на еден нов империјализам. Насекаде каде што дошол на власт ја уништил слободата или можноста да се стекне слобода. Тој се темели врз милитаристичка бирократија и терористичка полиција. Создавајќи очебијна контраст на богатство и привилегии, тој создаде ново класно општество. Присилниот труд игра важна улога во неговата економска организација.

11. Социјализмот е меѓународно движење што не бара ригидна униформност во пристапот. Без разлика дали социјалистите ќе ја градат својата верба врз марксистичките или други методи на анализа на општеството, дали тие се инспирирани од религиозни или хуманитарни причини, сите тие се стремат кон иста цел – систем на социјална правда, подобро живеење, слобода и светски мир.

12. Напредокот на науката и техничките вештини му дадоа на човекот зголемена моќ и да си го подобри својот живот и да се уништи себеси. Поради оваа причина производството не може да се остави на играта на економскиот либерализам, туку мора систематски да се планира за човечките потреби.

13. Остварувањето на социјализмот не е неизбежно. Тоа бара личен придонес од сите свои следбеници. За разлика од тоталитарниот метод, тоа не му наметнува пасивна улога на народот. Напротив, не може да успее без суштинско и активно учество на народот. Тој е демократија во неговиот највисок облик.

Политичка демократија

1. Социјалистите се стремат да изградат ново општество во слобода и преку демократски средства.

2. Без слобода не може да има социјализам. Социјализмот може да се оствари само преку демократија. Демократијата може целосно да се оствари само преку социјализмот.

3. Демократијата е владеење на народот, од народот, за народот. Таа мора да обезбеди:

а. Право на секој човек на приватен живот, заштитен од арбитрарната инвазија на државата.
    б. Политички слободи како слобода на мислата, изразувањето, образованието, организирањето и вероисповедта.
    в. Претставување на народот преку слободни избори при општо, еднакво и тајно гласачко право.
    г. Владеење на мнозинството и почитување на правата на малцинството.
    д. Еднаквост пред законот за сите граѓани, без разлика на раѓање, пол, јазик, верување и боја на кожата.
    ѓ. Право на културна автономија за групите со сопствен јазик.
    е. Независен судски систем; секој човек мора да има право на јавно судење пред непристрасен суд со почитување на правата што му ги дава законот.

4. Социјалистите секогаш се бореле за правата на човекот. Општата декларација за правата на човекот која беше усвоена од Генералното собрание на Обединетите Нации мора да стане делотворна во секоја земја.

5. Демократијата бара право на постоење на повеќе од една партија и право на опозиција. Но демократијата има право и должност да се штити себеси против оние кои ги искористуваат нејзините можности само со цел да ја уништат. Одбраната на политичката демократија е витален интерес на народот. Нејзиното зачувување е услов за остварување на економска и социјална демократија.

6. Политиките втемелени врз заштитата на капиталистичките интереси не можат да ја развијат силата и единството потребни за одбрана на демократијата од тоталитарниот напад. Демократијата единствено може да биде одбранета со активно учество на работниците, чија судбина зависи од нејзиниот опстанок.

7. Социјалистите ја изразуваат својата солидарност со сите народи што страдаат под диктатура, без разлика дали фашистичка или комунистичка, во нивните напори да стекнат слобода.

8. Секоја диктатура, каква и да е, претставува опасност за слободата на сите народи и, оттука, за мирот во светот. Секаде каде што има незауздана експлоатација на принуден труд, без разлика дали во услови на приватен профит или политичка диктатура, постои опасност по животниот и моралниот стандард на сите народи.

Економска демократија

1. Социјализмот се стреми да го замени капитализмот со систем во кој јавниот интерес има предност пред интересот на приватниот профит. Непосредни економски цели на социјалистичката политика се полна вработеност, поголемо производство, растечки животен стандард, социјална сигурност и праведна распределба на приходите и сопственоста.

2. Со цел остварување на овие цели производството мора да биде планирано во интерес на народот како целина.

Таквото планирање е некомпатибилно со концентрацијата на економска моќ во рацете на малкумина. Тоа бара ефективна демократска контрола над економијата.

Поради тоа, демократскиот социјализам стои во остра спротивставеност и во однос на капиталистичкото планирање и во однос на секој облик на тоталитарно планирање; последниве ја исклучуваат јавната контрола над производството и праведната распределба на неговите резултати.

3. Социјалистичкото планирање може да се оствари на различни начини. Структурата на дадената земја мора да го одреди опфатот на јавната сопственост и облиците на планирање кои ќе се применат.

4. Јавната сопственост може да стекне облик на национализација на постојните приватни концерни, општински или регионални претпријатија, потрошувачки или производни задруги.

Овие различни облици на јавна сопственост не треба да се сметаат за цели сами по себе, туку за средства за контрола на основните индустрии и услуги од кои зависи економскиот живот и благосостојбата на заедницата, за рационализација на неефикасните индустрии или за да се спречат приватните монополи и картели да ја експлоатираат јавноста.

5. Социјалистичкото планирање не претпоставува јавна сопственост на сите средства за производство. Тоа е компатибилно со постоењето на приватна сопственост во важни области, како на пример, во земјоделието, занаетчиството, малопродажбата и малите и средни индустрии. Државата мора да ги спречи приватните сопственици да ја злоупотребат својата моќ. Може и треба да им помогне да придонесат кон зголеменото производство и благосостојба во рамките на една планска економија.

6. Синдикатите и организациите на произведувачите и потрошувачите се неопходни елементи на демократското општество; никогаш не смее да се дозволи да дегенерираат во орудија на некоја централна бирократија или во ригиден корпоративен систем. Таквите економски организации треба да учествуваат во обликувањето на општата економска политика без узурпирање на уставните овластувања на парламентот.

7. Социјалистичкото планирање не значи дека сите економски одлуки се концентрирани во рацете на владата или на централните власти. Економската моќ треба да биде децентрализирана секаде каде што тоа е компатибилно со целите на планирањето.

8. Сите граѓани треба да го спречат развојот на бирократијата во јавната и приватната индустрија преку учество во процесот на производство [одлучување?] преку своите организации или преку лична иницијатива. Работниците мора да бидат демократски вклучени со управувањето на својата индустрија.

9. Демократскиот социјализам се стреми кон ширење на личната слобода врз основа на економската и социјалната сигурност и растечкиот просперитет.

Социјална демократија и културен напредок

1. Додека водечки принцип на капитализмот е приватниот профит, водечки принцип на социјализмот е задоволувањето на човековите потреби.

2. Основните човекови потреби мора да бидат првиот приоритет при распределбата на плодовите од производството; ова не смее да го лиши поединецот од поттикот да работи во согласност со своите способности. Социјалистите го прифаќаат како саморазбирливо правото на поединецот да биде награден според својот труд. Но, тие веруваат дека постојат и други поттици, како гордоста од добро-извршената работа, солидарноста и тимскиот дух, кои можат да бидат зацврстени кога луѓето работат за заедничкиот интерес.

3. Социјализмот не се залага само за основните политички права, туку и за економски и социјални права. Помеѓу тие права се:

правото на работа;
    правото на здравствена заштита и заштита при бременост;
    право на одмор;
    право на економска сигурност за граѓаните кои не можат да работат поради старост, инвалидитет или невработеност;
    право на децата на социјална заштита, а на младите на образование во согласност со нивните способности;
    право на соодветно живеалиште.

4. Социјалистите се стремат да ја укинат секоја законска, економска и политичка дискриминација помеѓу половите, помеѓу општествените групи, помеѓу градот и селото, помеѓу регионалните и помеѓу расните групи.

5. Социјализмот значи многу повеќе од нов економски и општествен систем. Економскиот и општествениот напредок имаат морална вредност во онаа мера во која служат за ослободување и развивање на човековата личност.

6. Социјалистите се спротивставуваат на капитализмот не само поради тоа што тој е расипнички во економски поглед и ги држи масите настрана од нивните материјални права, туку пред сè поради тоа што го предизвикува нивното чувство на праведност. Тие се противат на тоталитаризмот во секој облик бидејќи го навредува човековото достоинство.

7. Социјализмот се бори за ослободување на луѓето од стравовите и вознемирувањето од кои сите облици на политичка и економска несигурност се нераздвојни. Ова ослободување ќе го отвори патот кон духовен развиток на луѓето свесни за своите одговорности и кон културна еволуција на комплетни личности. Социјализмот е моќен фактор во унапредувањето на овој културен развиток.

8. Социјализмот се залага да им се дадат на луѓето сите средства за да го подигнат своето културно ниво и да се поттикнат креативните стремежи на човековиот дух. Богатствата на уметноста и науката мора да станат достапни за сите луѓе.

Меѓународна демократија

1. Социјалистичкото движење од почетокот е меѓународно движење.

2. Демократскиот социјализам е интернационален, бидејќи се стреми кон ослободување на сите луѓе од секој облик на економско, духовно и политичко ропство.

3. Демократскиот социјализам е интернационален, бидејќи разбира дека никоја нација не може да ги реши своите економски и општествени проблеми изолирано.

4. Апсолутната национална сувереност мора да биде надмината.

5. Новото светско општество кон кое се стремат социјалистите може да се развие плодоносно во мир само ако е втемелено врз доброволна соработка помеѓу нациите. Поради тоа, демократијата мора да се воспостави на меѓународно ниво при меѓународно владеење на правото што ги гарантира националната слобода и правата на човекот.

6. Демократскиот социјализам го смета основањето на Обединетите Нации за важен чекор кон една меѓународна заедница; тоа бара стриктна примена на принципите на неговата Повелба.

7. Демократскиот социјализам го отфрла секој облик на империјализам. Тој се бори против угнетувањето или експлоатацијата на кој било народ.

8. Негативниот анти-империјализам не е доволен. Големи области од светот страдаат од екстремна сиромаштија, неписменост и болести. Сиромаштијата во еден дел од светот е закана за просперитетот во другите делови. Сиромаштијата е пречка за развојот на демократијата. Демократијата, просперитетот и мирот бараат прераспределба на светското богатство и зголемување на продуктивноста на недоволно развиените области. Сите народи имаат интерес да се подигнат материјалните и културните стандарди во овие области. Демократскиот социјализам мора да го инспирира економскиот, општествениот и културниот развој на овие области за тие да не станат жртви на нови облици на угнетување.

9. Демократските социјалисти го разбираат одржувањето на светскиот мир како врвна задача на нашето време. Мирот може да биде осигуран само преку систем на колективна безбедност. Тоа ќе создаде услови за меѓународно разоружување.

10. Борбата за зачувување на мирот е нераздвојно врзана за борбата за слобода. Заканата по независноста на слободните народи е таа што е директно одговорна за опасноста од војна во наше време.

Социјалистите мора да работат за свет на мир и слобода, за свет во кој експлоатацијата и поробувањето на човек од човек и на народ од народ е непозната, за свет во кој развитокот на индивидуалната личност е основа за плодниот развој на човештвото. Тие апелираат на солидарноста на сите работни луѓе во борбата за оваа голема цел.


марксистичка интернет архива