Нестор Махно

Први мај: симбол на една нова ера во животот и борбата на работниците


Првпат објавено“Дело труда”, бр. 36, 1928, 2-3 стр.
Извор: Nestor Makhno Archive
Техничка обработка и корекции: Здравко Савески
Онлајн верзија: април 2015


Во социјалистичкиот свет, Први Мај се смета за Празник на трудот. Ова е погрешен опис што толку има навлезено во животите на работниците што во многу држави овој ден навистина се прославува како таков. Всушност, Први Мај воопшто не е празник за работниците. Не, работниците не треба да останат во нивните работилници или во полињата на тој датум. На тој датум, работниците од целиот свет треба да се соберат заедно во секое село, секој град, и да организираат масовни протести, а не да го одбележат овој датум како што државничките социјалисти, особено болшевиците, го замислиле тоа, туку да се земе мерка на својата сила и да ги проценат можностите за директна вооружена борба против скапаниот, кукавички, поробувачки поредок, вкоренет во насилство и фалшливост. Најлесно е за сите работници да се соберат на тој историски датум, веќе дел од календарот, и најзгодно за нив да ја искажат својата колективна волја, како и да се вклучат во заедничка дискусија за сè што е поврзано со суштинските прашања за сегашноста и за иднината.

Пред четириесет години, американските работници од Чикаго и неговите предградија се собраа на Први Мај. Таму тие слушаа обраќања од многу социјалистички говорници, а особено од анархистички говорници, каде тие ги проголтаа слободарските идеи и отворено застанаа на страната на анархистите.

Тој ден тие американски работници се обидоа, преку самоорганизирање, да дадат израз на нивниот протест против неправедниот поредок на Државата и Капиталот на сопствениците. Тоа е она што американските слободарци [Август] Спис, [Алберт] Парсонс и други го зборуваа. Токму во тој момент, овој протест беше прекинат со провокации од страна на платениците на Капиталот и заврши со масакрот на невооружени работници, сето тоа проследено со апсењето и убиството на Спис, Парсонс и други другари.

Работниците од Чикаго и околината не се собраа да го прослават Први Мај како празник. Тие се собраа да ги решат, заеднички, проблемите на нивните животи и нивните борби.

Денес, исто така, онаму кадешто работниците се ослободија од раководството на буржоазијата и од социјалдемократијата поврзана со неа (меншевичка или болшевичка, тоа не прави никаква разлика), или барем се обиделе да го сторат тоа, тие го сметаат Први Мај како пригода да се соберат заедно, кога тие ќе се грижат самите за своите работи и ќе размислуваат за прашањата на нивната еманципација. Преку овие аспирации, тие даваат израз на нивната солидарност и сеќавање на Чикашките маченици. Така тие чувствуваат дека Први Мај не може да биде празник за нив. Значи, и покрај тврдењата на „професионалните социјалисти“, кои се стремат да го портретираат како Гозба на трудот, Први Мај не смее да биде ништо такво за свесните работници.

Први Мај е симбол на една нова ера во животот и борбата на работниците, ера што секоја година им нуди на работниците свежи, сè потешки решавачки битки против буржоазијата, за слободата и независноста искорната од нив, за нивниот социјален идеал.


Архива за Први мај

Анархистичка тематска архива

марксистичка интернет архива