Назим Хикмет

Предавник


Напишано: јули 1962
Извор: Nazım Hikmet “Son Şiirleri (1959-1963)”, “Yapı Kredi Yayınları”, İstanbul, 2012.
Препев: Хактан Исмаил
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: април 2012


            „Назим Хикмет сè уште продолжува со предавството негово.
                Половична колонија сме на американскиот империјализам, рече Хикмет.
                И понатаму продолжува со предавството Назим Хикмет.“
                Во еден весник од Анкара излезе ова,
                во три реда и со катран црно кое блеска,
                во еден весник од Анкара, покрај сликата на адмиралот Вилијамсон
                        се смешка на 66 сантиметри квадратни, устата до уши му стигнува на американскиот адмирал.
                        120 милиони лири во нашиот буџет донираше Америка, 120 милиони лири.

            „Половична колонија сме на американскиот империјализам, рече Хикмет.
                И понатаму продолжува да биде предавник, Назим Хикмет.“

            Да, јас сум предавник, ако вие сте патриоти, ако вие сте татковински бранители,
                        јас сум душман татковински, јас сум предавник.

            Ако татковината се вашите чифлизи,
                ако во вашите сефови и во вашите банкарски сметки е патриотизмот,
                ако татковината е умирање од глад покрај патот,
                ако татковината е трепет во студот како пес и растрепереност како од маларија во текот на летото,
                ако цицањето на нашата крв во вашите фабрики е патриотизам,
                ако патриотизмот се канџите на нашите газди,
                ако патриотизмот е образование со копје, ако патриотизмот е полициското ѓубре,
                ако вашите трошоци и вашите плати се патриотизмот,
                ако патриотизмот се американските бази, американските бомби и американските проектили,
                ако патриотизмот не е ослободување од смрдливото ни наше незнаење и темнина,
                        тогаш јас сум предавник.
                Напишете во три реда болдирано со катран црно кое блеска:
                Назим Хикмет сè уште продолжува да биде предавник!

                                                                                                    Јули 1962


Тематска архива за поезија и проза

марксистичка интернет архива