Четврта глава

Производство на релативниот вишок на вредност

I. Поим на релативниот вишок на вредноста

Кога работниот ден е одреден, вишокот на трудот може да биде зголемен само ако се смалува потребниот труд, а ова се постигнува само – не земајќи ги во обѕир смалувањето на надниците под вредноста – со смалување на вредноста на трудот, значи, со снижување на цената на средствата потребни за живот. Стр. 291-293. Ова може да се постигне пак само со зголемување на производствената сила на трудот, со пресврт во самиот начин на производство.

Вишокот на вредноста којашто се произведува со продолжување на работниот ден е апсолутен, а оној кој се произведува со скратување на потребното работно време е релативен вишок на вредноста. Стр. 295.

Да би се смалила вредноста на трудот, мора порастот на производствената сила да ги опфати оние индустриски гранки чии производи ја одредуваат вредноста на работната сила – вообичаени животни производи и замена за нив и нивните суровини итн. Доказ: како конкуренцијата доведува до одраз на зголемената продуктивноста на производствената сила во намалувањето на цените на стоките. Стр. 296-299.

Вредноста на стоката стои во обратен однос кон производствената сила на трудот, а исто така вредноста на работната сила, бидејќи таа се одредува со цената на стоката. Спротивно, релативниот вишок на вредност стои во прав однос кон производствената сила на трудот. Стр. 299.

Капиталистот не го интересира апсолутната вредност на стоката, туку само скриениот вишок вредност во неа. Остварувањето на вишокот на вредноста вклучува надополнување на вложената вредност. Како спрема стр. 299 истиот процес на зголемување на производствената сила ја смалува вредноста на стоката, а го зголемува во неа содржениот вишок на вредноста, јасно е зошто капиталистот, кој мисли само на производство на разменски вредности, постојано се стреми да ја смали разменската вредност на стоката. Спореди Quesnay. Стр. 300.

Според тоа, заштедата на труд по пат на развој на производствената сила воопшто нема за цел скратување на работниот ден. – Тој може да биде дури продолжен. Затоа е можно кај економисти од типот на еден MacCulloch, Ure сениор и разни други, на една страница да се прочита дека работникот треба да биде благодарен на капиталистот за развитокот на производствените сили, а на следната страница дека таа благодарност тој треба да ја докаже со тоа што во иднина ќе работи 15 наместо 10 часови. Овој развој на производствените сили има за цел само да го скрати потребниот труд и да го зголеми трудот за капиталистот. Стр. 301.

II. Кооперација

Според стр. 288 за капиталистичкото производство е потребен индивидуален капитал доволно голем истовремено да вработи поголем број работници; дури кога тој е потполно ослободен од работење, применувачот на трудот станува прав капиталист. Дејствувањето на поголем работници во исто време на исто поле на трудот, за производство на иста стока, под команда на ист капиталист, ја прави историски и идејно почетната точка на капиталистичкото производство. Стр. 302.

Во прво време, значи, само квантитативна разлика кон поранешната состојба кога еден работодавец вработува помалку работници. Но, сепак, веднаш една промена. Веќе зголемениот број работници гарантира оној што ги применува да добива навистина просечен труд, што не е случај кај ситниот занаетчија, кој затоа сепак мора да плаќа просечна вредност на трудот; во ситната работилница [оттаму] се компензира нееднаквоста за општеството, но не и за поединечниот мајстор. Законот за оплодување на вредноста воопшто се остварува, значи, за поединечниот производител потполно дури кога тој ќе произведува како капиталист, кога става во движење истовремено повеќе работници, значи од самиот почеток на просечниот општествен труд. Стр. 303-304.

А понатаму: економијата на средствата за производство која произлегува од самото работење на големо, помалото пренесување на вредноста на постојаните делови на капиталот на производот, што произлегува од самото негово заедничко трошење во процесот на трудот од многу работници. Така средствата за работа добиваат општествен карактер пред да го добијат самиот процес на трудот (досега простата истовременост на исти процеси). Стр. 305.

Економијата на средствата за производство тука треба да се разгледува само во толку во колку таа ги поевтинува стоките и со тоа ја намалува вредноста на трудот [работната сила]. Колку таа го менува односот на вишокот на вредноста спрема вложениот вкупен капитал (п + пр), се разгледува дури во третата книга. Ова одвојување е сосема во духот на капиталистичкото производство; бидејќи тоа доведува до тоа условите за работа да се појавуваат спрема работникот самостојно, поради тоа и нивната економија изгледа како посебна операција за која тој [работникот] ништо не мисли и затоа е одвоена од методот со помош на кој се зголемува продуктивноста на работната сила која капиталот.

Обликот на трудот во којшто многу луѓе во истиот процес на производство или заемно поврзани процеси на производство работат по план паралелно и заедно се вика кооперација. Стр. 306. (Concours de forces. Destutt de Tracy.)

Механички збир на силите на поединечни работници битно се разликува од механичката можност на силата која се развива кога многу раце заеднички делуваат во иста неподелена операција (дигање на некој товар итн.). Кооперацијата однапред создава продуктивна сила која сама по себе и за себе е масовна сила.

Значи, кај мнозината работници самиот општествен контакт создава натпреварувачки занес, кој ја зголемува индивидуалната производност на поединецот, така што 12 работници во еден заеднички работен ден од 144 часа произведуваат поголем производ отколку 12 работници во 12 одвоени или еден работник во 12 сукцесивни работни дни. Стр. 307.

Иако многу работници работат исто или работат од ист вид, индивидуалното работење на секој поединец може сепак да претставува разни фази од процесот на трудот (синџир од луѓе кои едни на други нешто додаваат), при што кооперацијата пак заштедува труд. Исто така ако зградата се почнува истовремено од разни страни. Комбинираниот или вкупен работник има раце и очи и напред и одзади, и на некој начин е секаде присутен. Стр. 308.

Во комплицираните работни процеси кооперацијата овозможува одредени процеси да се разделат, да се извршуваат истовремено и со тоа да се скрати времето за создавање на (вкупниот) целиот производ. Стр. 308.

Во многу области на производството постојат критични моменти, кога се потребни многу работници: на пример, жетва, лов на харинги итн. тука помага само кооперација. Стр. 309.

Кооперацијата, од една страна, го проширува полето на трудот и затоа настанува потреба за работи каде постои голем просторен континуитет на полето на работење (исушување мочуришта, градење патишта итн.; градење насипи), од друга страна, таа ја стеснува концентрацијата на работниците на едно место и со тоа ги смалува трошоците. Стр. 310.

Во сите овие форми кооперацијата е специфична производствена сила на комбинираниот работен ден, општествена производствена сила на трудот. Тоа произлегува од самата кооперација. Во планската соработка со други, работникот ги брише своите индивидуални граници и ја развива моќта на својот труд.

Но, наемните работници не можат да соработуваат а да во исто време не ги употребува не можат да соработуваат и во исто време да не ги употребува, плаќа и снабдува со средства за работа еден ист капиталист. Обемот на кооперацијата зависи, значи, од тоа колку капитал има капиталистот. Условот за постоење на извесна висина на капитал за да сопственикот стане капиталист станува сега материјален услов за преобразување на многу распрснати и независни индивидуални работи во комбиниран општествен процес на трудот.

Исто така командата на капиталот над трудот, од сега само формална последица на односот меѓу капиталистот и работниците, сега [станува] неопходен услов за самиот процес на трудот; капиталистот всушност ја претставува таа комбинација во процесот на трудот. Управувањето со процесот на трудот станува во кооперацијата функција на капиталот, и со тоа истото добива специфични одредби. Стр. 312.

Во согласност со целта на капиталистичкото производство (најголемо можно самооплодување на капиталот), ова управување истовремено е и функција на најголемата можна експлоатација на општествениот процес на трудот и оттаму условено со неминовен антагонизам меѓу експлоататорите и експлоатираните. Понатаму, контрола на правилната употреба на средствата за работа. Најпосле, поврзаноста на функциите на поединечните работници лежи надвор од нив, во капиталот, така што нивното сопствено единство истапува пред нив како авторитет на капиталистот, како туѓа волја. Така капиталистичкото управување е двострано (1. општествен процес на трудот за создавање на еден производ и 2. процес на оплодување на еден капитал), а по својот облик деспотско. Овој деспотизам ги развива сега своите посебни облици: капиталистот, откако, прво сам се ослободи од работата, сега го пренесува под надзорот на организирана банда офицери и подофицери, кои и самите се наемни работници на капиталистот. Економистите ги вбројуваат овие трошоци за надзор во ропството за faux frais [лажни трошоци], во капиталистичкото производство тие го поистоветуваат управувањето, доколку е условено со експлоатирање, поточно со истата функција, доколку произлегува од суштината на општествениот процес на трудот. Стр. 313-314.

Врховното заповедништво во индустријата станува атрибут на капиталот, како што во феудализмот заповедништвото во војната и судството било атрибут на земјишната сопственост. Стр. 314.

Капиталистот купува 100 поединечни работни сили и за тоа добива комбинирана работна сила од 100. Комбинираната работна сила на стоте тој не ја плаќа. Со стапувањето во комбинираниот процес на трудот, работниците не припаѓаат повеќе на себе, стануваат едно тело со капиталот. Така општествената производствена сила на трудот изгледа како иманентна производствена сила на капиталот. Стр. 315.

Пример кооперацијата кај старите Египќани итн. Стр. 315.

Примитивната кооперација во почетоците на културата кај ловечките народи, номади или во индиската општина се базирала на: 1. заедничката сопственост на условите за производство и 2. на самоникнатата поврзаност на поединецот со племето и првобитната заедница. – Спорадичната (овде-онде) кооперација во Стариот век, Средниот век и во современите колонии се базира на директната власт и сила, посебно во ропството. – Капиталистичката кооперација, напротив, претпоставува слободен наемен работник. Историски, таа се појавува во директна спротивност спрема селанското стопанство и независниот занаетчиски труд (без разлика дали е тој цеховски или не) и притоа како облик својствен на капиталистичкиот процес на производство, по кој тој и историски се одликува. Тоа е прва промена која се случува во процесот на трудот кога тој ќе се потчини на капиталот. На тој начин тука истовремено настапуваат: 1. капиталистичкиот начин на производство како историска нужност за претворање на трудот во општествен процес, а потоа 2. овој општествен облик на процесот на трудот како метод на капиталот со зголемувањето на неговата (трудовата) производствена сила да го експлоатира со поголем профит. Стр. 317.

Кооперацијата, колку што е досега разгледувана, во својот прост облик, се поклопува со производството од поголем размер, но таа не прави цврст карактеристичен облик на некоја посебна епоха на капиталистичкото производство и таа постои уште и денес секаде каде капиталот оперира во голем размер, а каде поделбата на трудот и машинеријата не играат некоја значајна улога. Така, бидејќи кооперацијата е основен облик на целото капиталистичко стопанство, нејзиниот прост облик се јавува или сам, или како посебен облик покрај нејзините развиени облици. Стр. 318.

III. Поделбата на трудот и мануфактурата

Мануфактурата е класична форма на кооперација базирана на поделбата на трудот, а преовладува околу 1550 до 1770. Таа настанува:

1. или со собирање на разни занаети, од кои секој врши една делумна операција (пример, мануфактура на кочиите), при што соодветниот занаетчија многу бргу ја губи способноста да го работи целиот свој занает, но затоа пак во толку посовршено го работи својот дел од занаетот; при што процесот, значи, се претвора во поделба на вкупната операција на нејзини посебни делови. Стр. 318, 319;

2. или повеќе занаетчии кои работат иста или еднородна работа бидуваат обединети во една иста фабрика и поединечните операции, наместо да ги изведува еден работник, една по друга постепено се раздвојуваат, па разни работници ги извршуваат истовремено (игли итн.). Наместо да биде дело на еден занаетчија, сега производот е дело на групата занаетчии, од кои секој извршува само една делумна операција. Стр. 319, 320.

Во двата случаи нејзин резултат е: производствен механизам чии органи се луѓе. Работата останува занаетска; секоја делумна работа низ која поминува производот мора да биде извршена рачно, значи секоја вистинска научна анализа на процесот на производството е исклучена. Токму поради занаетчискиот карактер, секој поединечен работник исто така станува прикован за една делумна функција. Стр. 321.

Со ова се штеди во однос на занаетчијата, а со пренесувањето на идната генерација уште повеќе се зголемува. Со тоа мануфактурната поделба на трудот соодветствува на стремежите во поранешните општества занаетите да се направат наследни – касти, еснафи. Стр. 322.

Подразделувањето на алатите се приспособува на разните парцијални работи – 500 видови чекани во Бирмингем. Стр. 323, 324.

Набљудувана од гледиштето на целокупниот свој механизам, мануфактурата има две страни: или е просто механичко составување на поединечните делумни производи (часовници), или редица поврзани процеси во една работилница (игли).

Во мануфактурата секоја група работници ги додава на другата нејзините суровини. Оттаму основен услов секоја група да произведе во одредено време одредено количество; значи настануваат сосема поинаков континуитет, правилност, еднообразност и интензитет на трудот отколку што е дури и во кооперацијата. Значи, тука веќе настанува технолошкиот закон на процесот на производството: трудот да биде општествено потребен труд. Стр. 329.

Нееднаквоста на времето потребно за одредени операции условува разни групи работници да имаат различна јачина и број (при миењето букви 4 леача и 2 прекршувача на 1 полирач). Мануфактурата, значи, создава математички постојан однос за квантитативен обем на одредени органи на вкупниот работник, и производството може да биде проширено само ако се вработи многукратна вкупна група. Покрај тоа, осамостојувањето на некои функции – контрола, пренос на производите од една во друга просторија итн. – станува доходовно дури откога ќе се постигне одреден обем на производство. Стр. 329, 330.

Доаѓа и до спојување на разни мануфактури во една збирна мануфактура, но сè уште недостасува вистинското технолошко единство, кое настанува дури со машинството. Стр. 331.

Многу рано во мануфактурата спорадично се појавуваат машини – воденици, рударски млинови итн., но само како споредни средства. Главна машина на мануфактурата е комбинираниот вкупен работник, кој има многу повеќе совршенство отколку стариот поединечен работник, кој работи занаетчиски со сите несовршенства, кои нужно се развиваат кај парцијалниот работник, манифестирајќи се како совршенство. Стр. 333. Мануфактурата ги развива разликите меѓу овие парцијални работници, квалификувани и неквалификувани, дури и една целосна хиерархија меѓу работниците. Стр. 334.

Поделба на трудот: 1. општа (на земјоделие, индустрија, бродарство итн.), 2. посебна (на видови и подвидови), 3. поединечна (во работилницата). Општествената поделба на трудот поаѓа исто така од разни појдовни точки. 1. Во рамките на фамилијата и племето самородна поделба според полот и староста, покрај тоа ропство по насилен начин кон соседот, што ја проширува. Стр. 335. 2. Различни заедници создаваат, според можностите, климата, степенот на културата, различни производи, и тие се разменуваат таму каде што овие заедници доаѓаат во контакт. Размената со странски заедници, исто така, е едно од главните средства за разбивање на самородната поврзаност на сопствената заедница по пат на понатамошниот развој на самородната поделба на трудот. Стр. 336.

Мануфактурната поделба на трудот претпоставува, значи, од една страна, извесен степен на развиеност на општествената поделба на трудот, а од друга страна, таа понатаму ја развива – тоа е територијална поделба на трудот. Стр. 337, 338.

Меѓутоа, меѓу општествената и мануфактурната поделба на трудот сепак постои разлика во тоа што првата произведува стоки, додека во другата парцијалниот работник не произведува стоки. Оттаму кај општествената поделба на трудот концентрација и организација, а кај мануфактурната поделба на трудот распарченост и неред во конкуренцијата. Стр. 339 – 341.

За старата организација на индиските општини. Стр. 341 – 342. Еснаф. Стр. 343/344. Додека кај сите овие постои поделба на работата во општеството, мануфактурната поделба на работата е специфична творба на капиталистичкиот начин на производство.

Како и во кооперацијата и во мануфактурата дејствувачкото работно тело е формата на егзистенција на капиталот. Производствената сила која произлегува од комбинирањето на работите се јавува поради тоа како производствена сила на капиталот. Но, додека кооперација во целост не го менува начинот на работењето на поединецот, мануфактурата го револуционира, а кооперацијата го осакатува; неспособен за самостојно производство, тој уште само е припадник на капиталистичката работилница. Духовните сили на работата од страната на мнозинството се губат, како би се зголемила нивната сила на страната на еден. Плод на мануфактурната поделба на работата е тоа што духовните сили на процесот на работењето се спротивставуваат на работниците како туѓа сопственост и сила која владее со нив. Овој процес на раздвојување, кој почнува уште во кооперацијата, се развива во мануфактурата, завршува во крупната индустрија, која науката ја одвојува од работата како независна сила на производството и ја принудува да му служи на капиталот. Стр. 346.

Докази, стр. 347.

Мануфактурата, од една страна, одредена организација на општествениот труд, од друга страна, е само посебен метод за создавање на релативен вишок на вредност. Стр. 350. Нејзиното историско значење е на истото место.

Препреки за развој на мануфактурата дури и за време на нејзиниот класичен период: ограниченост на бројот на неквалификуваните работници поради преовладувањето на квалификуваните; ограниченост на трудот на жената и децата поради отпорот на мажите, инсистирачкото чување на законите на чиракувањето до крајност, дури и таму каде што тоа е излишно; постојана непослушност на работниците, бидејќи вкупниот работник уште нема свој скелет независен од работниците; лечење на работниците. Стр. 353, 354.

Освен тоа, таа самата не била во состојба да го покрене целокупното општествено производство, па дури ни да овладее со него. Нејзината тесна техничка база се спротивставила со потребите на производството кои таа самата ги создала. Машината станала потребна, и мануфактурата се научила да ја прави. Стр. 355.

IV. Машините и крупната индустрија

А) Машината сама по себе

Пресврт во начинот на производството, кој во мануфактурата поаѓа од работната сила, тука поаѓа од средствата за работа.

Секоја развиена машинерија се состои од: 1. погонска машина, 2. трансмисионен механизам, 3. машини алатки. Стр. 357.

Индустриската револуција во 18-ти век почнува од машините алатки. Нејзина карактеристика е да биде алатка – во повеќе или помалку изменет облик – од човекот пренесена на машината и од неа придвижувана во својата функција. Дали таа движечка сила е човечка или природна, засега е сеедно. Специфичната разлика е во тоа што човекот може да се служи само со своите сопствени органи, додека машината може да употреби, во одредени граници, онолку алатки колку се бара. (Предилката 1, [машината за предење] Џени 12 – 18 вретена.)

Сè додека кај предилницата револуцијата не го зафатила педалото, силата, туку вретеното – во почетокот сè уште човекот бил истовремено и движечка сила и надгледувач. Напротив, дури револуцијата на машината алатлика го направи потребно довршувањето на парната машина, а потоа и ја доврши. Стр. 359/360, понатаму стр. 361/362.

Два типа машини во крупната индустрија: или 1. кооперација на машини од ист вид (разбој на пареа, машина за изработка на коверти, која ја обединува работата на низа парцијални работници со комбинирање на различни алатки), тука веќе постои технолошко единство преку трансмисијата на движечката сила – или 2. систем на машини, комбинација на парцијални машини алатлики (предење). Таа наоѓа спонтана основа во поделбата на трудот во мануфактурата. Но, веднаш битна разлика. Во мануфактурата секоја делумна операција мора да биде приспособена на работникот, тоа тука повеќе не е потребно, процесот на трудот може да биде објективно поделен на составни делови, кои потоа се извршуваат со машини врз основа на науката односно на искуствата базирани на неа. – Тука количинскиот однос на парцијалните групи работници се повторува како однос на одредени групи на машини. Стр. 363/366.

И во двата случаја фабриката претставува само огромен автомат (кој, впрочем, дури во најново време) и тоа е негов соодветен облик, стр. 367, а негов најсовршен облик е автоматот кај градежните машини, кој ја отстрани занаетчиската и мануфактурната основа на крупната индустрија и дури со тоа даде совршен облик на машинеријата. Стр. 369 – 379.

Поврзаност на револуционирањето на одредени гранки до комуникациски средства. Стр. 370.

Во мануфактурата комбинацијата на работниците е субјективна, тука имаме објективен механички производствен организам, кој работникот го наоѓа готов и кој може да функционира само во рамките на заедничкиот труд; кооперативниот карактер на процесот на трудот сега е техничка неопходност. Стр. 372.

Производствените сили кои настануваат од кооперацијата и поделбата на трудот не го чинат капиталот ништо; природните сили, пареата, водата исто така ништо. Исто така ни силите кои ги открива науката. Но, тие можат да бидат остварени само со помош на соодветен апарат, кој може да се создаде само со големи трошоци; исто така и машините алатлики многу повеќе отколку старите алати. Но, овие машини имаат многу подолг век и многу пошироко поле на производство отколку алатот и затоа му пренесуваат на производот сразмерно многу помал дел од вредноста отколку алатите и оттука е бесплатната услуга која ја прави машината (и која не се појавува повторно во вредноста на производот) многу поголема отколку кај алатот. Стр. 374, 375/376.

Поевтинувањето по пат на концентрација на производството во крупната индустрија е многу поголемо отколку во мануфактурата. Стр. 375.

Цените на готовите стоки докажуваат колку многу машината го поевтинила производството и дека делот од вредноста, кој доаѓа од средствата за работа, релативно расте, но апсолутно опаѓа. Продуктивноста на машините се мери со степенот во кој тие ја заменуваат човечката работна сила. Пример на стр. 377 – 379.

Да земеме дека еден плуг на пареа заменува 150 работници со годишна наемнина од 3.000 фунти – оваа годишна наемнина не го претставува сиот труд кој тие го извршиле, туку само потребниот труд – тие покрај тоа извршуваат и вишок труд. Напротив, ако парниот плуг чини 3.000 фунти, тогаш тоа е паричен израз на целиот труд содржан во него и машината чини исто толку колку и работната сила која таа ја заменила, така што во неа претставениот човечки труд секогаш е помал од оној којшто го заменила. Стр. 380.

Како средство за поевтинување на производството машината мора да чини помалку труд отколку што заменува. Но, за капиталот нејзината вредност мора да биде помала отколку вредноста на работната сила која ја заменува. Оттука во Америка може да се исплаќаат машините кои во Англија се неисплатливи (на пример, дробилките за камен). Оттука, како последица на одредени законски ограничувања, може одеднаш да се појават машините кои порано на капиталот не му се исплаќале. Стр. 380/381.

Б) Присвојување на работната сила со помош на машините


Бидејќи машината сама има сила која ја движи опаѓа вредноста на мускулната сила. – Трудот на жените и децата, моментално зголемување на бројот на наемните работници со вклучување на членовите од семејството кои дотогаш не биле наемни работници. Со тоа вредноста на трудот на човечката работна сила е расподелена на целото семејство, значи е обезвредена. – Да би живеело едно семејство, сега наместо еден, мора четворица да му даваат на капиталот не само потребен труд туку и вишок на труд. Така, паралелно со материјалот за експлоатација, се проширува и степенот на експлоатацијата. Стр. 383.

Порано продавањето и купувањето на работната сила беше однос на слободни лица, сега се купуваат и малолетни или полумалолетни лица, работникот сега си ги продава жената и детето, станува трговец со робови. Примери на стр. 384/385.

Физичко пропаѓање – смртноста кај работничките деца, стр. 386, и кај индустрискиот начин на работа во земјоделието. (Ганг-систем [т.е. систем на работни групи]). Стр. 387.

Морално пропаѓање. Стр. 389. Одредби за школување и отпорот на фабрикантите. Стр. 390.

Влегување на жените и децата во фабриката дефинитивно го скршува отпорот кој го даваат машките работници на капиталистичкото деспотство. Стр. 391.

Иако машината го скратува потребното работно време за производство на еден предмет, таа во рацете на капиталот станува силно средство за продолжување на работниот ден далеку преку неговите нормални граници. Тоа создава, од една страна, нови услови, кои тоа му го овозможуваат на капиталот, а од друга страна, и нови мотиви за тоа.

Машината е способна за постојано движење, а ограничена е само со слабоста и ограниченоста на човечката работна сила што ‘и асистира. Машина која со 20-часовно работење на ден се истроши за 7½ години, голта во корист на капиталистот исто толку часови вишок на труд, но за половина пократко време, колку и онаа која со десетчасовно работно време ќе се истроши за 15 години. Стр. 393.

Ризикот од морална дотраеност на машините – со заменување притоа се смалува. Стр. 394.

Понатаму, се впива поголемо количество труд без зголемување на улогата во згради и машини, значи со продолжувањето на работниот ден не само што расте вишокот на вредноста, туку и трошоците потребни за неговото остварување релативно се намалуваат. Ова е во толку поважно во колку што фиксниот дел од капиталот има претежно поголема улога, како што е случај во крупната индустрија. Стр. 395.

Во првиот период од развојот на машината, кога таа има карактер на монопол, профитите се огромни, па оттука и неизгаснувачката жед, жед за неизмерно продолжување на работниот ден. Со општото воведување на машините се губи оваа монополска добивка и се остварува законот дека вишокот на вредноста не настанува од трудот кој што машината го заменила, туку од трудот кој таа го употребува, значи од променливиот капитал. – Но, овој кај машинскиот начин на работење неопходно се намалува поради големите вложувања во постојан капитал. Значи, во капиталистичката примена на машините лежи внатрешната противречност: при дадена маса капитал тој го зголемува едниот фактор на вишокот на вредноста – неговата стапка, со тоа што другиот – бројот на работниците, се намалува. Штом вредноста на машински произведените стоки станува вредност според која се управува општествената вредност на таа стока, се појавува оваа противречност и пак присилува на продолжување на работниот ден. Стр. 397.

Но, во исто време, со ослободување на непотребните работници, како и со вклучувањето на жените и децата, машината создава непотребно работничко население, кое мора да трпи капиталот да му наметнува закони. Така тоа ги руши сите морални и природни граници на работниот ден. Оттука и парадокс се јавува што најсилното средство за скратување на работниот ден станува најсигурно средство за преобразување на целиот живот на работникот и неговото семејство во работно време на располагање за оплодување на капиталот. Стр. 398.

Веќе видовме како на тоа доаѓа општествената реакција со утврдување на нормален работен ден, а на таа основа сега се развива интензификацијата на трудот. Стр. 399.

На почетокот со забрзувањето на машините, засилуван е интензитетот на трудот паралелно со продолжувањето на времето. Но, наскоро е достигната точката на која едно со друго се исклучуваат. Но, поинаку е со ограничувањето. Сега може да расте интензитетот, така што за 10 часа се добива онолку труд колку што инаку со 12 часа или повеќе, и сега поинтензивниот работен ден се смета како потенциран (степенуван), а трудот се мери не само според должината на времето, туку и според неговиот интензитет. Стр. 400. Така, значи, за 5 часа потребен труд и 5 часа вишок труд може да се постигне ист вишок на вредност како и за 6 часа потребен труд и 6 часа вишок труд со помал интензитет. Стр. 400.

Како трудот се интензивира? Во мануфактурата е докажано (белешка 159), на пример грнчарството итн., дека и самото скратување на работниот ден е доволно за да продуктивноста се зголеми огромно. Кај машинското работење во тоа долго се сомневало. Но, доказот на R. Gardner. Стр. 401/402.

Штом скратувањето на работниот ден е закон, машината станува средство за да од работникот се исцеди поинтензивен труд, било со помош на поголема брзина (на машините), или со помал број работници во однос кон машините. Примери на стр. 403-407. Дека со тоа расте збогатувањето и проширувањето на фабриката, докажано е на стр. 407-409.

В) Фабриката како целина во класичен облик


Во фабриката машината обезбедува целисходно движење на алатите; значи квалитативните разлики во трудот, кои се развиле во мануфактурата, тука се отстранети, работниците се помалку или повеќе нивелирени, во краен случај се разликуваат по старост и пол. Поделбата на трудот тука е расподелба на работници по специфични машини. Тука само се дели меѓу главни работници, кои навистина работат на машините алатлики, и додавачи (овие само кај автоматската предилка, ретко ја предилката на погон од пареа, а уште помалку кај усовршениот разбој на пареа), покрај тоа надгледувачите, инженерите и ложачите, механичарите, заварувачите итн., на фабриката само однадвор придодадена класа. Стр. 411/412.

Нужност за прилагодување на работниците на непрекинливо движење на некој автомат наметнува приучување од млад, но никако повеќе како во мануфактурата – еден работник да биде цел живот врзан за една делумна функција. Крај една иста машина може и да се менуваат лицата (систем на смени), а поради лесно приучување може работниците да бидат преместувани од еден вид машина на друг. Помошниот труд е или многу едноставен или сè повеќе преминува на машината. Сепак, мануфактурната поделба на трудот во почетокот традиционално се провлекува и станува дури посилно средство на капиталот за експлоатација. Работникот останува низ цел живот дел на парцијалната машина. Стр. 413.

На секое капиталистичко производство, доколку тоа не е само процес на трудот, туку воедно е и процес на оплодување на капиталот, заедничко е тоа што не го употребува работникот средството за трудот, туку обратно, средството за работа го употребува работникот, но дури преку машината ова пресвртување станува технолошки опиплива стварност. Со своето преобразување во автомат, средството за работа истапува спрема работникот во самиот процес на трудот како капитал, како мртов труд кој господари со живиот труд и го ишмукува. Исто така и духовните сили на производствениот процес како сили на капиталот над трудот... Парцијалната умешност на индивидуалниот, опустошен машински работник исчезнува како споредна ситница пред науката, неизмерните природни сили и општествениот масовен труд, кои се персонифицирани во машинскиот систем. Стр. 414, 415.

Касарнска дисциплина во фабриката, фабрички кодекс. Стр. 416.

Физички услови на фабриката. Стр. 417/418.

В‘ или Г) Борба на работниците против фабричкиот систем и машините

Оваа борба која постои откако постои капиталистички однос, се појавува како револт против машините како материјална основа на капиталистичкиот начин на производство. Машините за ткаење ленти и ширити. Стр. 419. Лудити.[1] Стр. 420. Дури подоцна работниците прават разлика меѓу материјалното средство за производство и општествениот облик на неговата експлоатација.

За време на мануфактурата подобрената поделба на трудот повеќе е средство да се заменат потенцијалните работници. Стр. 421. (Екскурс за земјоделието. Протерување од земјата. Стр. 422) Со машината работникот, меѓутоа, навистина е истиснат, машината директно му конкурира. Рачни ткајачи. Стр. 423. Исто Индија. Стр. 424. Ова делување е непрекинливо, бидејќи машината постојано зафаќа нови области на производството. Осамостоениот и отуѓен облик, кој капиталистичкиот начин на производство му го дава на средството за работа наспроти работникот, се развива преку машината во потполна спротивност. Оттаму сега најпрво револтот на работниците против инструментите за работа. Стр. 424.

Детали за истиснувањето на работниците од страна на машината. Стр. 425 – 426. Машината – средство со цел преку истиснување на работниците да се скрши отпорот кај работниците кој го водат против капиталот. Стр. 427, 428.

Либералната економија тврди дека машината, која ги истиснува работниците, истовремено ослободува капитал кој може да ги вработи тие работници. Напротив: секое воведување машини врзува капитал, го смалува неговиот променлив дел, а го зголемува постојаниот, значи може само да ја ограничи способноста на капиталот да вработува. Всушност – а тоа го мислат и овие апологети – на тој начин не се ослободува капитал, туку се ослободуваат животните средства од истиснатите работници, работникот останува без животни средства, што апологетот го изразува така што машината ослободува животни средства за работникот. Стр. 429.

Понатаму ова развиено (многу добро за “Fortnightly” [државите во кои се произведува памук]) стр. 431 – 432. Антагонизмите коишто се неразделни од капиталистичката примена на машините не постојат за апологетот, бидејќи тие не потекнуваат од самата машина, туку од нејзината капиталистичка примена. Стр. 432.

Со проширувањето на производството со помош на машини директно и индиректно со тоа е можно и зголемување на досегашниот број на работници: рудари, робови во државите каде се произведува памук итн. Наспроти тоа, поради фабриките за волнени ткаенини овците ги истиснуваат Шкотите и Ирците. Стр. 433/434.

Машинскиот труд ја зголемува општествената поделба на трудот многу повеќе отколку што тоа го направила мануфактурата. Стр. 435.

В“ или Д) Машините и вишокот на вредноста

Првиот резултат од машините е зголемување на вишокот на вредноста и истовремено на масата производи, која го претставува (вишокот на вредноста), и од која капиталистичката класа и нејзините паразити се хранат – значи зголемување на бројот на капиталистите; нова потреба за луксуз и во исто време за средства со кои таа се задоволува. Производството на луксузни предмети расте, исто така и сообраќајни средства (но тие во развиените земји апсорбираат малку работна сила) (доказ стр. 436.), на крајот, расте класата слуги, модерни куќни робови, за која материјал испорачува отпуштањето. Стр. 437.

Статистика.

Економски противречности. Стр. 437.

Можност за апсолутен пораст на трудот во една стопанска гранка како последица од машините и модалитетите на овој процес. Стр. 439/440.

Огромна еластичност, способност за ненадеен, скоковит развиток на крупната индустрија до висок степен. Стр. 441. Ретроактивно дејство на земјите произведувачи на суровини. Иселувањето како последица на истиснувањето на работниците. Меѓународна поделба на трудот на индустриски и земјоделски земји – периодичност на кризите и просперитетот. Стр. 442. Префрлување на работниците таму-ваму во овој процес на проширување. Стр. 444.

Историски податоци за ова стр. 445/449.

Тука за потиснувањето на кооперацијата и мануфактурата со машини и меѓустепени, стр. 450 – 451, и за промената на индустриските гранки кои не работат на фабрички начин во духот на крупната индустрија – домашното работење како надворешно одделение на фабриката. Стр. 452. Во домашната работа и модерната мануфактура експлоатацијата е уште побезобѕирна отколку во вистинска фабрика. Стр. 453. Примери: лондонските печатници. Стр. 453. Книгоподвезувачници, сортирници на крпи. Стр. 454. Фурни за печење цигли. Стр. 455. Современата мануфактура во целост. Стр. 456. Домашната работа: ткаење на чипки. Стр. 457 – 459. Плетење слама. Стр. 460. Премин на фабрички начин на производство при достигнатите крајни граници на искористување: Изработка на конфекција со машини за шиење. Стр. 462 – 466. Забрзување на овој премин со проширување на принудните фабрички закони кои го укинуваат дотогашното влечкање засновано на неограничената експлоатација. Стр. 467. Примери: грнчарството. Стр. 468. Понатаму, дејство на фабричките закони врз нередовното работење, до кое доаѓа поради неуредните навики на работниците, како и поради сезоните и модата. Стр. 470. Претерано работење покрај безделничење како последица на сезоните во куќното работење и мануфактурата. Стр. 471.

Здравствени одредби во фабричките закони. Стр. 473. Одредби за воспитувањето. Стр. 476.

Отпуштање на работниците само поради возраста, штом одраснат и повеќе не одговараат за работата и не можат повеќе да живеат од детска наемнина, а не се оспособиле ни за каква било друга работа. Стр. 477.

Укинувањето на mysteries [т.е. на занаети во чии тајни можел да навлезе само оној кој бил во нив професионално упатен] и традиционалното закостување на мануфактурата и занаетите од страна на крупната индустрија, која го преобразува процесот на производството во свесна примена на природните сили. Оттаму, наспроти сите поранешни форми, единствено таа е револуционерна. Стр. 479. Но, како капиталистичка форма таа за работникот ја задржува окаменетата поделба на трудот, а бидејќи крупната индустрија секојдневно ја менува својата основа, работникот од тоа пропаѓа. Од друга страна, токму оттаму, од оваа неопходност за менување на активноста на еден ист работник, барање за негова најголема можна сестраност се појавува и можноста за општествена револуција. Стр. 480 – 481.

Потреба да се прошири фабричкото законодавство на сите нефабрички гранки на стопанството. Стр. 482 и понатаму. Законот од 1867. Стр. 485. Рудниците, белешка 486 и понатаму.

Дејство на фабричките закони во правец на конкуренцијата, преобразување на фабричкиот начин на производство, а со тоа на класичниот облик на капиталистичко производство, во општ начин на производство, заострување на нему својствените противречности, созревање на елементите за рушење на старото и елементи за создавање на ново општество. Стр. 486 – 493.

Земјоделие. Туку истиснувањето поради машините е уште понагласено. Заменување на селанецот со наемен работник. Уништување на селската куќна мануфактура. Заострување на спротивностите меѓу селото и градот. Делење и слабеење на земјоделските работници, додека градските работници се концентрираат; оттаму наемнината на земјоделските работници на минимум. Истовремено ограбување на земјата: круна на капиталистичкиот начин на производство – цедење на изворите на секое богатство: земјата и работниците. Стр. 493 – 496.

V. Понатамошни истражувања за произведувањето на вишокот на вредност[2]


Фусноти

[1] Лудити – учесници во работничкото движење во Англија во втората половина на 18 и почетокот на 19 век, кое поради неразвиената свест на пролетаријатот имал карактер на заговор против машините. (Зборот „лудити“ потекнува од името на легендарниот работнички водач Нед Лад, кој, се претпоставува, прв го скршил разбојот за чорапи, како одговор на самоволието на својот газда.) Движењето на лудитите претставувало израз на протест кај работните маси против капиталистичката експлоатација.

[2] Тука ракописот се прекинува.


Содржина

Маркс-Енгелсова интернет архива