Трета глава

Производство на апсолутен вишок на вредноста

I. Процес на трудот и процес на оплодување на вредноста

Купувачот на работната сила ја троши оваа сила на тој начин што на продавачот му дава да работи. Тој труд да би создавал стока, тој пред сè создава употребна вредност и во таа смисла е независен од специфичниот однос меѓу капиталистот и работникот. Види опис на процесот на трудот како таков. Стр. 141 – 149.

Процесот на трудот на капиталистичка основа има две својства: 1. работникот работи под контрола на капиталистот, 2. производот е сопственост на капиталистот, бидејќи процесот на трудот е само процес меѓу две работи кои капиталистот ги купил: работната сила и средствата за производство. Стр. 150.

Но, капиталистот не сака употребна вредност поради неа самата, туку само како носител на разменски вредности, а посебно вишок на вредност. Трудот под овој услов, под којшто стоката била единство на употребна и разменска вредност, станува единство на процесот на производство и процесот на создавање вредности. Стр. 151.

Значи, треба да се испита количеството труд опредметено во производот.

На пример, предиво. Нека за производство на истото е потребно 10 фунти памук, да кажеме 10 шилинзи, и за средства за труд, кои се потрошени во предењето, тука кратко означени како вретена, да претставуваат 2 шилинзи. Така во производот се наоѓаат 12 шилинзи за средства за производство, т.е. штом производот 1. настанал вистинска употребна вредност, во случајов предиво, и 2. доколку во овие средства за труд било претставено само општествено потребното работно време. Колку на нив се додава со предачката работа?

Тука, значи, процесот на трудот се разликува од сосема друга страна; во вредноста на производот се трудот на производителот на памук, изработувачот на вретена итн. и предачот, како споредливи делови – квалитативно изедначени со општочовечкиот потребен труд кој создава вредност – значи само квантитативно различни и токму поради тоа квантитативно споредливи во временското траење, под претпоставка дека тоа е општествено потребно работно време, бидејќи само тоа создава вредност.

Да земеме дека дневната вредност на работната сила = 3 шилинзи и таа да биде претставена со 6 работни часови, на час да се изработуваат 1 и 2/3 фунти предиво, значи за 6 часови – 10 фунти предиво од 10 фунти памук (како горе), тогаш 3 шилинзи се – вредност додадена за 6 часови, а производот има вредност од 15 шилинзи (10 шилинзи + 2 шилинзи + 3 шилинзи) или 1 шилинг и 6 пенси по фунта предиво.

Но, тука нема вишок на вредноста. Тоа за капиталистот не е од никаква корист. (Вулгарно-економски тропотења. Стр. 157.)

Претпоставивме дека дневната вредност на работната сила изнесува 3 шилинзи, бидејќи во неа е опредметен ½ работен ден или 6 часови. Но, тоа што е потребно само половина работен ден работникот да се одржи во живот 24 часови, никако не го спречува да работи цел работен ден. Вредноста на работната сила и нејзиното создавање вредност се две различни големини. Нејзиното корисно својство беше само неопходен услов, но тоа што одлучи беше специфичната употребна вредност на работната сила: да биде извор на поголема разменска вредност, отколку што самата ја има. Стр. 159.

Работникот, значи, работи 12 часови, испредува 20 фунти памук = 20 шилинзи – и 4 шилинзи за вретена и трудот чини 3 шилинзи = 27 шилинзи. Но, во производот се опредметени 4 работни дена вретена и памук, 1 работен ден на предачот = 5 дена х 6 шилинзи = 30 шилинзи вредност на производот. Вишокот на вредност од три шилинзи е тука: парите се претворени во капитал. Стр. 160. Сите услови на проблемот се исполнети. (Детали стр. 160.)

Процесот на трудот кој создава вредност станува процес на оплодување на вредноста штом се продолжува преку точката до која се создава прост еквивалент за платената вредност на работната сила.

Процесот на создавање на вредноста се разликува од простиот работен процес со тоа што овој другиот се разгледува квалитативно, а првиот квантитативно и тоа само во колку го содржи општественото потребно работно време. Стр. 161. (Детали стр. 162.)

Како единство процесот на трудот и процесот на создавање на вредноста процесот на производство е производство на стоки; како единство процесот на трудот и процесот на оплодување на вредноста тој е процес на капиталистичко стоковно производство. Стр. 163.

Редукција на сложениот труд на едноставен. Стр. 163 – 165.

II. Постојан и променлив капитал

Процесот на трудот му додава на предметот на трудот нова вредност и истовремено ја пренесува вредноста на предметот на трудот на производот, значи ја одржува со едноставно додавање на нова вредност. Овој двостран резултат се постигнува вака: специфично корисниот, квалитативен карактер на трудот претвора една употребна вредност во друга употребна вредност и со тоа ја одржува вредноста; а апстрактниот општ квантитативен карактер на трудот, кој создава вредност, пак, додава вредност. Стр. 166.

На пример, продуктивноста на работата на предачите се зголемува за шестпати. Како корисен (квалитативен) труд, тој одржува во исто време шеспати толку средства за работа. Но, ја додава само онаа иста нова вредност како и досега, т.е. во секоја фунта предиво има само една шестина од порано додадената нова вредност. Како труд кој создава вредност, тој не создава повеќе отколку порано. Стр. 167. Обратно е ако производственоста на трудот на предачите остане иста, а вредноста на средствата за производство расте. Стр. 168.

Средствата за производство ја пренесуваат на производот само онаа вредност која тие ја губат. Стр. 169. Тоа се случува во различен степен. Јагленот, маслото итн. се трошат во потполност. Суровините добиваат нов облик. Орудијата, машините итн. ја пренесуваат вредноста постепено и во делови, а трошењето се пресметува според искуството. Стр. 169, 170. Притоа инструментот и понатаму останува потполно во процесот на производството. Тука значи истиот инструмент се пресметува во процесот на трудот во целост, а во процесот на оплодување на вредноста само во делови, така што разликата во двата процеси се рефлектира во материјалните фактори. Стр. 171. Обратно, суровината која дава отпадоци влегува во процесот на создавање на вредноста во целина, а делумно во процесот на трудот, бидејќи се појавува во производот намалена за отпадоците. Стр. 171.

Во никој случај средството за производство не може да пренесе повеќе разменска вредност отколку што ја имало – во процесот на производството тоа служи само како употребна вредност и затоа може да ја пренесе само онаа разменска вредност којашто средството за производство ја имало. Стр. 172.

Ова одржување на вредноста вреди многу за капиталистот, а не го чини ништо. Стр. 173.

Според тоа, одржаната вредност само повторно се појавува, таа веќе постоела, а само процесот на трудот ‘и додава нова вредност. И тоа во капиталистичкото производство на вишок на вредност, сувишокот на вредноста на производот преку вредноста на елементите употребени за создавање производ (средства за производство и работна сила). Стр. 175, 176.

Со ова се опишени облиците на егзистенција кои ги зазема првобитната капитал-вредност симнувајќи ја својата парична форма, при што се преобразува во чинител на процесот на трудот 1. со купување средства за труд и 2. со купување работна сила.

Капиталот вложен во средства за труд не ја менува, значи, големината на својата вредност во процесот на производството; него го нарекуваме постојан капитал.

Делот вложен во работна сила ја менува својата вредност, произведувајќи ја 1. својата сопствена вредност и 2. произведувајќи вишок на вредност – променлив капитал. Стр. 176.

Капиталот е постојан само во однос на овој специјален процес на производство во кој тој не се менува, може тој да се состои еден момент од повеќе друг момент од помалку средства за труд, а купените средства за труд можат во вредноста да растат или опаѓаат, но тоа не се одразува на процесот на производството. Стр. 177. Исто така може да се менува и процентуалниот однос во кој некој одреден капитал се дели на постојан и променлив, но во секој даден случај останува П постојано, а Пр променливо. Стр. 178.

III. Стапка на вишок на вредноста

К = 500 £. st. = (п/410) + (пр/90). На крајот на работниот процес, во кој пр е веќе претворен во работна сила, нека биде  (п/410) + (пр/90) + (в/90) = 590. Да претпоставиме дека п се состои од 312 за суровини, 44 за помошен материјал и 54 за употребени машини = 410. Вредноста на целата машинерија нека изнесува 1054. Ако таа би се сметала во целост, тогаш на двете страни би изнесувала за п = 1410, вишокот на вредноста и сега би останала 90. Стр. 179.

Бидејќи вредноста п само повторно се појавува во производот, добиената вредност на производот се разликува од произведената вредност во процесот, таа, значи, не е еднаква на п + пр + в, туку = пр + в. За процесот на оплодување на вредноста, значи, големината п е без влијание, значи п = 0. Стр. 180. Ова се случува и во пракса, како што тоа не се зема во обѕир во трговските пресметки, на пример, при пресметување на добивката на една земја од нејзината индустрија се одбиваат увезените суровини. Стр. 181. Во третата книга она што е потребно за односот на вишокот на вредност спрема целокупниот капитал.

Значи, стапката на вишокот на вредноста = в : пр, за горе 90 : 90 = 100%.

Работното време во кое работникот ја репродуцира вредноста на својата работна сила – во капиталистички или во други односи – е потребен труд; времето преку тоа, кое создава вишок на вредност за капиталистот – вишок на труд. Стр. 183, 184. Вишокот на вредноста е исцеден вишок на трудот и само обликот на неговото исцедување ја карактеризира разликата на разни општествени формации.

Пример за неправилното пресметување на п. Стр. 185 – 196. (Senior.)

Збирот на потребниот труд и вишокот на труд = работен ден.

IV. Работен ден

Потребното работно време е одредено. Вишокот на труд е променлив, но сепак во одредени граници. Тој никогаш не може да биде = 0, инаку престанува капиталистичкото производство. Од физички причини тој никогаш не може да достигне 24 часа, а на максималната граница постојано влијаат уште и морални причини. Но, овие ограничување се многу еластични. – Економско барање е работниот ден да не биде подолг отколку што е потребно работникот нормално да се троши. Но, што е нормално? Се доаѓа до антиномија и само сила може да одлучи. Оттука борбата помеѓу работничката класа и капиталистичката класа за нормален работен ден. Стр. 198 – 202.

Вишок на трудот во поранешните општествени епохи. Додека разменската вредност не постанала поважна од употребната вредност, вишокот на трудот бил умерен, на пример кај старите [односно, кај античките народи]: само таму каде што директно се произведува разменска вредност – злато и сребро,  вишокот на труд беше стравичен. Стр. 203. Така во робовладетелските држави на Америка до производство на маса памук за извоз. Така кулукот, на пример во Романија.

Кулукот е најдобро средство за споредување со капиталистичката експлоатација, бидејќи овој го утврдува и го покажува вишокот на труд како работно време кое треба да се изврши посебно. Règlement organique[1] во Влашка. Стр. 204 – 206.

Како што ова е позитивен израз на волчјата глад за вишок на вредноста, така се англиските работнички закони негативни изрази.

Работнички закони. Од 1850, стр. 207. 10½ часови и 7½ во саботата = 60 часови неделно. Профит на капиталистите со изигрување на законот. Стр. 208 – 211.  

Експлоатација во гранките кои со закон не се ограничени или дури подоцна се ограничени: тантелска индустрија, стр. 212; грнчарство, стр. 213; индустрија за кибрити, стр. 215; тапети, стр. 214-217; пекари, стр. 217-222; железничари, стр. 223; кројачка индустрија, стр. 223-225; ковачи, стр. 226; дневна и ноќна работа и смени; а) металургија и метална индустрија, стр. 227-236.

Овие факти докажуваат дека капиталот гледа на работникот само како на работна сила, чие цело време – е работно време, ако тоа било како е можно, и дека капиталистот ни најмалку не мисли на должината на животот на работникот. Стр. 236-238. Но нели е тоа спротивно токму на интересите на капиталистот? Како стои со заменувањето на брзо исцрпените работници? – Организираната трговија со робови во внатрешноста на САД го крена брзото исцрпување на робовите на степен на економски принцип; исто така и во Европа доведување работници од земјоделските краеви итн. Стр. 239. Poorhouse-supply [испорака на работна сила од домовите за сиромашни]. Стр. 240. Капиталистот го гледа само расположивиот вишок на население и го троши. Дали расата пропаѓа – après lui le déluge [после него потоп]. Капиталот е безобѕирен кон здравјето и траењето на животот на работникот секаде каде што општеството не го присилува на обѕир... А слободната конкуренција прави внатрешните закони на капиталистичкото производство да важат за поединечниот капиталист како надворешен присилен закон. Стр. 243.

Утврдувањето на нормалниот работен ден е резултат на борбата меѓу капиталистите и работниците која трае повеќе од стотина години.

Во почетокот законите се правени за да се продолжи работното време, сега за да се скрати. Стр. 244. Првиот “Statute of labourers” [работнички закон] 23 за Едвард III, 1349, под изговор дека чумата толку го десеткувала народот што секој мора да работи повеќе. Поради тоа максималната награда и границите на работниот ден се утврдени со закон. Во 1496 година под Хенри VII работниот ден на земјоделските работници и сите занаетчии (artificers) в лето – од март до септември – од 5 наутро до 7 и 8 навечер со 1 час, 1½ час и ½ час = 3 часови одмор. Во зима од 5 наутро до мрак. Овој закон не бил никогаш строго спроведен. Уште во 18-ти век, целата неделна работа не била на располагање на капиталистот (со исклучок за земјоделскиот работник). Види ја полемиката од тоа време. Стр. 248-251. Дури со крупната индустрија се успеало во тоа, и уште повеќе: таа ги срушила сите огради и го експлоатирала работникот на најбесрамен начин. Пролетаријатот се спротивставува штом се освестил. Пет закони од 1802-1833 номинално, бидејќи немало инспектори. Дури законот од 1833 год. утврдил во четири гранки на текстилната индустрија нормален работен ден: од 5:30 наутро до 8:30 навечер, за кое време млади лица од 13 до 18 години смееле да бидат вработени само 12 часови, и тоа со 1½ час одмор. Деца од 9 до 13 години само 8 часови, а ноќната работа за деца и млади лица е забранета. Стр. 253-255.

Системот на смени и неговата злоупотреба за изигрување на законот. Стр. 256. Најпосле законот од 1844-та, кој ги изедначува жените од сите возрасти со младите лица, детската работа е сведена на 6½ часови, системот на смени заузден. Но, наспроти тоа, законот важи и за деца од 8 години. – Во 1847 година најпосле е воведен закон за десетчасовно работно време за жени и млади лица. Стр. 259. Обиди на капиталистите против него. Стр. 260-268. Еден недостаток во законот од 1847. дал повод за компромисен закон од 1850, стр. 269, кој го утврдил работниот ден за млади лица и жени за 5 дена по 10½, еден ден 7½ = 60 часови неделно и тоа меѓу 6 и 6 часот. Додека законот од 1847. останал на сила за децата. – Исклучок индустријата за свила, види стр. 270. – Во 1853. и работното време за децата е ограничено на време од 6 до 6 часот. Стр. 272.

Printworks Act [Законот за печатница на катун] – 1845, не ограничува скоро ништо. Децата и жените можат да работат по 16 часови!

Белилници и фарбари 1860, фабриките за тантели 1861, грнчарниците и многу други гранки 1863 (под фабричкиот закон, за белилниците на слободен воздух и пекарниците издадени се во истата година специјални закони). Стр. 274.

Крупната индустрија, значи, најпрво создава потреба за ограничување на работното време, но подоцна се открива дека истото прекумерно работење ги освојува и сите други гранки. Стр. 277.

Понатаму, историјата покажува, посебно со воведувањето на женската и детската работа, дека поединечниот „слободен“ работник кон капиталистот е незаштитен и е подложен, така што од тоа се раѓа класната борба меѓу работниците и капиталистите. Стр. 278.

Во Франција дури во 1848 е донесен закон за 12-часовно работно време за сите работници и за сите гранки на трудот. (Види сепак стр. 253, белешката за францускиот закон за детското работење од 1841, кој вистински е применет дури во 1853 и тоа само во Северниот департман.) Во Белгија потполна „слобода на трудот“! Во Америка движење за осумчасовно работно време. Стр. 279.

Работникот, значи, излегува од процесот на производството потполно поинаков отколку што во него влегол. Работниот договор никако не бил акт на рамноправни партнери; времето кое му стои на располагање да го продаде својот труд е она за кое тој е принуден да го продаде, и само масовна опозиција на работниците им освојува државен закон, кој нив самите ги спречува доброволно во договор со капиталистот да се продаваат себе и своите поколенија во смрт и ропство. Наместо закитениот каталог на неприкосновени човекови права настапува скромната Magna charta[2] на фабричкото законодавство. Стр. 280 – 281.

V. Стапка и маса на вишок на вредноста

Со стапката воедно е дадена и неговата маса. Ако дневната вредност на работната сила е 3 шилинзи, а стапката на вишок на вредноста = 100%, тогаш неговата дневна маса = 3 шилинзи по еден работник.

1. Бидејќи променливиот капитал е паричен израз на сите работни сили кои капиталистот ги употребува истовремено, тогаш масата на вишок на вредноста кои тие ја произведуваат = променливиот капитал помножен со стапката на вишокот на вредноста. И двата фактори може да се менуваат и од тоа може да настанат разни комбинации. Масата на вишокот на вредноста може да расте и при опаѓање на променливиот капитал, ако стапката расте, значи ако се продолжува работниот ден. Стр. 282.

2. Овој пораст на стапката на вишок на вредност има своја апсолутна граница, бидејќи работниот ден никогаш не може да биде продолжен на целите 24 часови, значи вкупната вредност на дневниот производ на еден работник никогаш не може да биде = на вредност од 24 работни часови. Да се добие иста маса на вишок на вредност, може, значи, променливиот капитал да биде заменет со зголемена експлоатација на трудот само во рамките на овие граници. Ова е важно за објаснување на разни појави кои настануваат од противречните стремежи на капиталот: 1. да го редуцира променливиот капитал и бројот на вработените работници, и 2. сепак да произведува најголема маса на вишок на вредност. Стр. 283 – 284.

3. Масата на вредност и вишок на вредност која ја произведуваат различни капитали, под одредена вредност и еднаков степен на експлоатација на работната сила, се однесуваат директно како големини со променливи составни делови на тие капитали. Стр. 285. Ова привидно противречи на сите факти.

Во одредено општество и во одреден работен ден вишокот на вредноста може да се зголемува само со зголемување на бројот на работниците, т.е. населението; ако е одреден бројот на работниците – само со продолжување на работниот ден. Ова сепак важи само за апсолутниот вишок на вредноста.

Сега се покажува дека не може да биде секоја сума пари претворена во капитал, дека постои еден минимум: цената на чинењето на поединечната работна сила и потребните средства за работа. Да би можел и сам да живее како работник, би морал со стапката на вишокот на вредност од 50% веќе да има два работника и покрај тоа пак ништо не би заштедил. Дури и со 8 сè уште е ситен мајстор. Затоа во средниот век, по пат на ограничување на бројот на помошниците коишто еден мајстор можел да ги држи, луѓето се спречувани да не се претворат од занаетчии во капиталисти. Минимумот потребно богатство да настане вистински капиталист се менува во разни периоди и производствени гранки. Стр. 288.

Капиталот се развил во заповедништво над трудот и затоа се грижи да се работи добро и интензивно. Тој, понатаму, го присилува работникот да изврши повеќе работа отколку што е потребно за негово одржување – и во испумпувањето на вишокот на вредноста ги надминува сите поранешни производствени системи кои постоеле со директно присилна работа.

Капиталот го презема трудот со одредени технички услови и во почетокот не ги менува. Оттаму, ако процесот на производство се гледа како процес на труд, работникот се однесува спрема средствата за производство не како спрема капитал, туку како спрема средства за свое целисходно делување. Но, поинаку е кога се гледа процесот на производство како процес на оплодување на вредноста. Средствата за производство постануваат средства за впивање туѓ труд. Повеќе работникот не ги употребува средствата за производство, туку средствата за производството го употребуваат работникот. Стр. 289. Наместо тој да ги... троши, го трошат тие него како фермент на својот сопствен животен процес, а животниот процес на капиталот се состои само во неговото движење како вредност која сама се оплодува... Простото претворање на парите како средство за производство го претвора овој последниот во правно и принудно полагање право на туѓ труд и вишок на трудот.


Фусноти

[1] Règlement organique од 1831 год. – прв устав на Дунавското кнежество (Молдавија и Влашка), кои врз основа на Едренскиот мировен договор од 14 септември 1829, со кој е завршена Руско-турската војна од 1828/1829, биле окупирани од страна на руските трупи. П. Д. Кисељев, врховен командант на ова кнежество, имал проект за изработка на овој устав. Според Règlement-от законодавната власт во секое кнежество се пренесува на собранието, бирано меѓу земјопоседници, а извршната власт се пренесува на господарите, кои се бирани доживотно од претставници на земјопоседниците, свештенството и градовите. Задржан е поранешниот феудален поредок, вклучувајќи го и кулукот. Политичката моќ е сконцентрирана во раце на земјопоседниците. Истовремено Règlement-от воведува и низа буржоаски реформи: укинати се внатрешните царински граници, овозможена е слободна трговија, одвоени се правосудството и управата; на селаните им е дозволено да именуваат земјопоседници, а и мачењето било укинато. За време на револуцијата од 1848 год. Règlement organique е укинат.

[2] Magna Charta Liberatum – Повелба на англискиот крал Џон I (без Земја), која овој ја издал под притисок на побунетите феудални господари, барони и црквени главатари, потпомогнати од страна на витезите и градовите. Со Magna Charta, потпишана на 15 јуни 1215, ограничени се правата на кралот, пред сè во корист на крупните феудални господари и се задржани извесни привилегии на витезите и градовите; на мнозинството население, селани-кметови, Magna Charta не им дала никакви права.


Содржина

Маркс-Енгелсова интернет архива