Втора глава

Претворање на парите во капитал

I. Општа формула на капиталот

Стоковната циркулација е излезна точка на капиталот. Стоковното производство, стоковната циркулација и нивниот развој, трговијата се, поради тоа, секаде историска основа на која настанува капиталот. Од создавањето на современата светска трговија и светскиот пазар во 16-ти век потекнува историјата на современиот капитал. Стр. 106.

Ако се гледа само економската форма којашто стоковната циркулација ја раѓа, неговиот последен производ се парите, а тоа е и првата форма во којашто се јавува капиталот. Историски, капиталот настапува наспроти земјишната сопственост секогаш прво како паричен имот, како трговски и лихварски капитал, и понатаму секој нов капитал настапува на сцена во форма на пари, кои, низ одредени процеси пак треба да се претвораат во капитал.

Парите како пари и парите како капитал се разликуваат во прв момент само по различната форма на циркулација. Покрај С-П-С се појавува и обликот П-С-П, купување заради продавање. Парите кои во своето движење ја опишуваат оваа форма на циркулација остануваат капитал, по себе се веќе капитал (т.е. по својата намена).

Резултатот на П-С-П е П-П, индиректна размена на пари за пари. Јас купувам за 100 фунти стерлинзи (£) памук и го продавам за 110 £, во крајна линија сум разменил 100 £ за 110 £, пари за пари.

Ако овој процес во својот резултат донесе иста парична вредност колку што и на почетокот е уфрлена, 100 £ за 100 £, тоа би било бесмислица. Но, било трговецот со своите 100 £ да реализира 100 £, 110 £ или само 50 £, неговите пари сепак опишале специфично движење, сосема поинакво од С-П-С во стоковната циркулација. Од разгледувањето на разликите во формата на ова движење од С-П-С ќе се покаже и суштинската разлика.

Двете фази на процесот се исти како кај формата С-П-С. Но, во вкупниот тек е голема разлика. Во С-П-С парите претставуваат посредник, стоката почеток и крај; тука С е посредник, П почеток и крај. Во С-П-С парите бидуваат дефинитивно издадени, во П-С-П само инвестирани; тие треба да бидат повторно добиени. Тие се враќаат на својата почетна точка – значи тука веќе е очигледна разликата меѓу циркулацијата на парите како пари и циркулацијата на парите како капитал.

Во С-П-С парите можат да се вратат на почетната точка само повторувајќи го целиот процес, со продажба на нова стока; враќањето е, значи, независно од самиот процес. Напротив, во П-С-П тоа е однапред условено со целта на самиот процес, кој е незавршен ако не успее. Стр. 110.

Крајна цел на С-П-С е употребна вредност, на П-С-П само разменска вредност.

Во С-П-С и двата екстреми имаат иста економска форма. Тие и двата се стоки и еднакви големини на вредноста. Но, истовремено квалитативно се различни употребни вредности, а содржината на процесот е општествена размена на материјата. – Кај П-С-П операцијата на прв поглед личи на тавтологија, без содржина. Да се разменат 100 £ за 100 £, и уште по заобиколен пат изгледа бесмислено. Една сума пари може да се разликува од друга по количеството; оттука П-С-П ја стекнува својата содржина само квантитативна разлика на екстремот. Од циркулацијата се извлекуваат повеќе пари отколку што во неа се уфрлени. Памукот кој е купен за 100 £ ќе се продаде, на пример, за 100 £ + 10 £, значи процесот добива форма П-С-П‘ каде што П‘ = П + ΔП. Тоа ΔП, овој прираст е вишок на вредноста. Првобитно инвестираната вредност во циркулацијата не само што се одржала, туку се зголемила за вишокот на вредност, таа се оплодила, а ова движење ги претвора парите во капитал.

Кај С-П-С може, додуша, да има разлика во вредноста на екстремите, но за тој облик на циркулација, таа е сосема случајна, но С-П-С нема да биде бесмислено ако екстремите се со еднаква вредност, спротивно, тоа е услов за нормален тек.

Повторувањето С-П-С наоѓа своја смисла во крајната цел што е надвор од него (повторувањето), во потрошувачката, во задоволување на одредени потреби. Во П-С-П напротив крајот и почетокот се исти – пари, и веќе затоа движењето е бескрајно. Секако дека П + ΔП е поинаков квантитет отколку П, но сепак само ограничена сума пари; кога би биле издадени би престанале да бидат капитал; а ако се повлечат од циркулацијата, би останале како богатство неподвижни. Ако потребата за оплодување на вредноста еднаш е одредена, тогаш таа постои исто така и за П‘ како и за П, и движењето на капиталот е без прекин, бидејќи неговата цел не се постигнува ниту на крајот на процесот ниту на почетокот. Стр. 111-113. Како носител на овој процес, сопственикот на парите постанува капиталист.

Додека во стоковната циркулација разменската вредност во најдобар случај расте до самостојна форма наспроти употребната вредност на стоката, тука таа наеднаш се претставува како супстанција со сопствен развоен процес, која сама се движи – за која стоките и парите се голи форми; таа дури како првобитна вредност се разликува од самата себе како вишок на вредноста. Таа постанува дејствувачки пари и како таква капитал. Стр. 116.

П-С-П‘ изгледа како облик својствен само на трговскиот капитал. Но, и индустрискиот капитал е пари кои се претворуваат во стоки, со чие продавање повторно се претворуваат во пари. Дејствувањата кои можат да се случат меѓу купувањето и продавањето, се надвор од сферата на циркулацијата, не менувајќи тука ништо. Најпосле во каматоносниот капитал се претставува непосредниот процес П-П“, вредност која е воедно поголема од самата себе. Стр. 117.

II. Противречности на општата формула

Формата на циркулација во која парите постануваат капитал противречи на сите досегашни закони за природата на стоката, вредноста, парите и самата циркулација. Може ли тоа да произлегува од чисто формална разлика на обратниот редослед?

И повеќе. Оваа обратност постои само за едно од трите лица кои тргуваат. Како капиталист купувам стока од А и пак ја продавам на Б, А и Б се појавуваат само како обичен купувач и продавач на стоки. Во двата случаи стојам наспроти него само како едноставен сопственик на пари или сопственик на стоки, спрема едниот како купувач или пари, спрема другиот како продавач или стока, но ни спрема едниот како капиталист или како претставник на нешто што е повеќе од пари или стока. За А работата почнува со продавањето, за Б се завршува со купувањето, значи сосема исто како и во стоковната циркулација. Исто така – ако јас правото на вишок на вредноста го засновувам на овој посебен редослед – А можел да продаде директно на Б, и шансата за вишок на вредност отпаѓа.

Да претпоставиме дека А и Б купуваат стоки директно еден од друг. Што се однесува до употребната вредност, и двајцата се во добивка, дури А може да произведува повеќе стока отколку што Б би можел да произведе за исто време и обратно, при што пак двајцата добиваат. Но, друга е работата со разменската вредност. Тука се разменуваат вредности со еднаква големина, дури и кога посредуваат парите како циркулационо средство. Стр. 119.

Апстрактно гледано, во простата стоковна циркулација, освен замената на една употребна вредност за друга, се случува само промена на стоковниот облик. Доколку таа доведува само до промена на обликот на нејзината разменска вредност, таа доведува – кога појавата чисто се одигрува – до размена на еквиваленти. Стоките, додуша, можат да бидат продадени по цени која отстапува од нивната вредност, но само кога се крши законот на стоковната размена. Во секој чист облик таа (циркулацијата) е размена на еквиваленти, значи никако средство за богатење. Стр. 120.

Оттаму заблудата на сите обиди вишокот на вредноста да се објасни од стоковната циркулација. Condillac. Стр. 121. Newman. Стр. 122.

Но, да претпоставиме дека не се врши чиста размена, дека се разменуваат нееквиваленти. Да претпоставиме дека секој продавач ја продава својата стока за 10% над вредноста. Сè останува исто; што секој ќе заработи како продавач, губи како купувач. Исто како кога би се променила вредноста за 10%. – Исто така кога купувачите сè би купувале 10% под вредноста. Стр. 123 (Torrens).

Претпоставката дека вишокот на вредноста настанува со додавање на цената претпоставува постоење на една класа која купува а не продава, т.е. троши а не произведува, на која парите ‘и доаѓаат постојано бадијала. Да се продава стока на оваа класа над вредноста значи со измама делумно да се вратат бадијала издадените пари. (Мала Азија и Рим.) Притоа продавачот останува сепак секогаш измамен и пак не може да стане побогат, да создаде вишок на вредност.

Да претпоставиме случај на измама. А продава на Б вино – во вредност од 40 £ за жито од вредност 50 £. А заработува 10 £. Но, А + Б сепак имаат само 90, А има 50, а Б само 40. Вредноста е пренесена, но не е создадена. Целата капиталистичка класа на една земја не може самата себе да се лаже. Стр. 126.

Значи, ако се разменуваат еквиваленти, не настанува никаков вишок на вредноста; ако се разменуваат нееквиваленти, ниту тогаш не настанува вишок на вредноста. Стоковната циркулација не создава никаква нова вредност.

Затоа тука не се земаат во обѕир најстарите и најпопуларни облици на капитал, трговскиот и лихварскиот капитал. Оплодувањето на трговскиот капитал да не би се објаснувало со чиста измама, потребни се низа меѓучленови, кои тука недостасуваат. Тоа вреди уште повеќе за лихварскиот и каматоносниот капитал. Подоцна и двата ќе се покажат како изведени облици, а исто така и зошто тие историски настапуваат пред современиот капитал.

Значи, вишокот на вредноста не може да настане во циркулацијата. А надвор од неа? Надвор од неа сопственикот на стоки е прост производител на својата стока, чија вредност зависи од големината на неговиот сопствен труд содржан во неа, а кој се мери според одредени општествени закони, оваа вредност се изразува во пресметковни пари, на пример, во цена од 10. Но, оваа вредност истовремено не е 11 £; неговиот труд создава вредност но не вредност која се оплодува. Тој може на постоечката вредност да ‘и додаде поголема вредност но ова се случува само со додавање вишок труд. Значи, производителот на стоки не може да произведе вишок на вредност надвор од сферата на циркулацијата без допир со другите производители на стоки.

Оттука капиталот мора да настане во стоковната циркулација и истовремено не во неа. Стр. 128.

Значи, претворањето на парите во капитал мора да се развива врз основа на внатрешните закони на стоковната размена, така што како почетна точка важи размената на еквиваленти. Нашиот сопственик на пари, кој постои дури како гасеница капиталист, мора да купува стоки по нивната вредност и по нивната вредност да ги продава, па сепак на крајот на процесот да извлече повеќе вредност отколку што во процесот уфрлил. Неговиот развој во пеперутка мора да се одигра во циркулацијата, а пак не во неа. Тоа се услови на проблемот. Hic Rhodus, hic salta![1] Стр. 129.

III. Купување и продавање на работна сила

Промената на вредноста на парите кои треба да се претворат во капитал не може да се случи на самите пари, бидејќи тие во продажбата само ја реализираат цената на стоките; од друга страна, сè додека тие остануваат пари, големината на нивната вредност не се менува, а во продажбата исто така само се преобразува стоката од нејзиниот природен облик во паричен. Промената, значи, мора да се случи на стоката во П-С-П, но не во нејзината разменска вредност, бидејќи се разменуваат еквиваленти, туку таа може да произлезе дури од нејзината употребна вредност како таква, т.е. од нејзиното трошење. За тоа е потребно стока чија употребна вредност има својство да биде извор на разменска вредност – а таа постои: работна сила. Стр. 130.

Но, сопственикот на пари да би нашол работна сила на пазарот како стока, сопственикот да ја продава, значи мора да биде слободна работна сила. Бидејќи и двајцата, и купувачот и продавачот, како договарачи правно се еднакви лица, работната сила мора да биде продадена само привремено, бидејќи при продажбата en bloc [во целина] продавачот повеќе не останува продавач, туку станува и сам стока. Потоа, сопственикот, наместо да биде во состојба да ги продава стоките во кои е опредметен неговиот труд, мора, напротив, да биде во положба да ја продава само својата работна сила како стока. Стр. 131.

Значи, за претворање на парите во капитал сопственикот на парите мора да најде на пазарот слободен работник, слободен во две смисли, тој како слободна личност да располага со својата работна сила како со своја стока и од друга страна да нема друга стока на продажба, да е лишен од сè, слободен од сите предмети потребни за остварување на својата работна сила. Стр. 132.

Патем, односот на имателот на пари и имателот на работна сила не е природен, заеднички на сите времиња или општествен, туку е историски, производ на многу економски промени. Така и досега разгледуваните економски категории имаат свој историски печат. Да би постанал стока, производот не смее повеќе да се произведува за сопствена потрошувачка; маса производи може да земат на себе стоковен облик дури во рамките на одреден, капиталистички начин на производство, иако стоковното производство и циркулација може да постојат и таму каде што масата производи никогаш не постануваат стоки. Парите исто така можат да постојат во сите периоди во кои е остварен извесен обем на стоковна циркулација; посебните облици на пари од обичен еквивалент до светски пари претпоставуваат различни степени на развој, иако и многу слабо развиена стоковна циркулација може сите да ги манифестира. Напротив, капиталот настанува само под горните услови, а тој еден услов опфаќа цел еден период на светската историја. Стр. 133.

Работната сила има разменска вредност, која се одредува исто како и кај останатите стоки: со времето потребно за нејзина продукција и репродукција. Вредноста на работна сила е вредност на животните средства потребни за одржување на нејзиниот сопственик и тоа – за нејзино одржување во нормална работна способност. Таа се одредува според климата, природните услови итн. како и според историски одредениот животен стандард во секоја земја. Таа (вредноста на р.с.) се менува, но (условите) се дадени за одредена земја и одредена епоха. Значи, таа вклучува и животни средства за замена на луѓето, т.е. деца, така што расата на овие посебни сопственици на стока се овековечува. Понатаму, за квалификуван труд трошоци за образование. Стр. 135.

Најниска граница на вредноста на работната сила е вредноста на физички неопходните животни средства. Ако падне цената на работната сила на овој минимум, тогаш паѓа под нејзината вредност, бидејќи ова претпоставува работна сила со нормален квалитет, а не закржлавена. Стр. 136.

Природата на трудот е таква што работната сила се употребува дури после склучувањето на договорот и, бидејќи за таква стока парите се вообичаено средство за плаќање, таа во сите земји со капиталистички начин на производство се плаќа дури откако работата ќе биде завршена. Секаде, значи работникот го кредитира капиталистот. Стр. 137, 138.

Процесот на трошењето на работната сила е истовремено е и процес на производство на стоки и вишок на вредност, а оваа потрошувачка се случува надвор од сферата на циркулацијата. Стр. 140.


Фусноти

[1] Hic Rhodus, hic salta! – Во една Езопова басна некој фалбаџија изјавува дека на Родос можел да прескокне многу. Речено му е: Тука е Родос, тука скокни!


Содржина

Маркс-Енгелсова интернет архива