Прва глава

Стока и пари[1]

I. Стоката по себе

Богатството на општествата во кои владее капиталистичко производство се состои од стоки. Стоката е нешто, кое има употребна вредност; второво постои во сите општествени формации, но во капиталистичкото општество употребната вредност е воедно и материјален носител на разменска вредност.

Разменската вредност претпоставува tertium comparationis [третa за споредба] со која таа се мери: труд, заедничка општествена супстанција од разменски вредности, имено општествено потребно работно време, кое е во нив опредметено.

Како што стоката е нешто двострано: употребна вредност и разменска вредност, така и во неа содржаниот труд е двострано одреден: на една страна како одредена производствена дејност, ткаење, кроење итн., „корисен труд“, на друга страна како просто трошење на човечка работна сила, втиснат апстрактен труд. Првиот произведува употребна вредност, вториот разменска вредност; само вториот е квантитативно споредлив (постоењето разлика помеѓу квалификуван и неквалификуван, сложен и прост труд го потврдува тоа).

Супстанцијата на разменска вредност е апстрактен труд, а нејзина величина е мерило на времето на апстрактниот труд. А, сега уште да го објасниме обликот на разменската вредност.

(1) x стока a = y стока b;

Вредноста на една стока изразена во употребната вредност на некоја друга е нејзина релативна вредност. Изразот на еквивалентноста на двете стоки е прост облик на релативна вредност. Во горната равенка, y стока b е еквивалентот. Во него, x стока a го наоѓа обликот на својата вредност наспроти својот природен облик, додека y стока b истовремено добива својство на непосредна разменливост, и тоа во својата природна форма. Одредени историски односи ја втиснале разменската вредност во употребната вредност на една стока. Затоа, стоката не може да ја изрази својата разменска вредност во својата сопствена употребна вредност, туку само во употребната вредност на некоја друга стока. Само при споредување на два конкретни производи на труд, својството на конкретниот труд, кој во двата се содржи, се појавува како апстрактен човечки труд, што значи дека некоја стока не може да се однесува како гол облик на остварување апстрактен труд спрема конкретниот труд содржан во неа самата, но може да се однесува спрема конкретниот труд содржан во некој друг вид стоки.

Равенката x стока a = y стока b неопходно подразбира дека x стока a може исто така да биде изразена во други стоки, според тоа:

(2) x стока a = y стока b = x стока c = u стока d = u стока e = итн., итн.

Ова е развиен облик на вредност. Овде x стока a не стои повеќе во однос само спрема една стока, туку спрема сите стоки како спрема голи појавни облици во нејзиниот претставен труд. Но, ова просто преобразување нè доведува до:

(3) другиот облик на релативна вредност:

y стока b = x стока a

у стока c = x стока a

u стока d = x стока a

t стока e = x стока a

итн., итн.

Овде, стоките добиваат општ релативен облик на вредноста, во кој сите тие како стоки се апстрахирани од своите употребни вредности и се изедначени како материјализација на апстрактниот труд во x стока a; x стока a е заеднички облик на еквивалентот за сите други стоки; таа е нивен општ еквивалент; во нејзиниот материјализиран труд важи едноставно како реализација на апстрактниот труд – како општ труд. Но, сега може:

(4) секоја стока од оваа низа да ја преземе улогата на општ еквивалент, но секогаш само една од нив може да го прави тоа истовремено, бидејќи кога сите стоки би биле општи еквиваленти, секоја од нив повторно би ги исклучувала сите останати од таа улога. Обликот (3) не настанал од x стока a, меѓутоа објективно, со дејството на другите стоки. Значи, една одредена стока – со време таа може да се менува – мора да ја преземе оваа улога, и само на овој начин стоката потполно станува стока. Оваа посебна стока, со чиј природен облик пораснува обликот на општиот еквивалент, е парите.

Тешкотијата во сфаќањето на стоката лежи во тоа што таа, како и сите категории на капиталистичкиот начин на производство, претставува однос на лица под пластот на нештата. Производителите ги доведуваат во взаемен однос своите различни трудови како општочовечки труд така што својот производ меѓусебе го споредуваат како стока – без ова споредување на предметите тие не можат да излезат на крај. Значи, односот помеѓу лицата се појавува како однос помеѓу предмети.

За општеството во кое владее стоковно производство, христијанството, а особено протестантизмот, е соодветна религија.

II. Процесот на стоковна размена

Во размена стоката потврдува дека е стока. Сопствениците на двете стоки мора да покажат волја да ги разменат своите стоки и, значи, да се признаат меѓусебно како приватни сопственици. Овој правен однос, чиј облик е договор, е само однос на волја во кој се огледува економскиот однос. Неговата содржина е дадена низ самиот економски однос. Стр. 45.

Стоката е употребна вредност за својот несопственик, неупотребна вредност за својот сопственик. Оттука потребата за размена. Но, секој сопственик на стока сака да добие во замена специфична, за него потребна употребна вредност – во толку размената е индивидуален процес. Од друга страна, тој сака да ја оствари својата стока како вредност, значи во секоја друга стока, па имала или немала неговата стока употребна вредност за сопственикот на другата стока. Во толку размената за него е општ општествен процес. Но, истиот процес не може да биде за сите сопственици на стоки во исто време и индивидуален и општо-општествен. За секој сопственик на стока важи неговата стока како општ еквивалент, а сите останати стоки како толку посебни еквиваленти на неговата стока. Но, како што сите сопственици на стоки го прават истото тоа, ниедна стока не е општ еквивалент и оттука исто така ниедна стока нема општ релативен облик на вредност во кој тие како вредности се поистоветуваат, а како величини на вредност се споредуваат. Поради тоа, тие не се соочуваат воопшто меѓусебе како стоки, туку само како производи. Стр. 47.

Стоките може да се споредуваат како вредности, а оттука како стоки, само ако се доведат во однос на спротивност спрема која било друга стока како општ еквивалент. Но, само општествена акција може да направи една одредена стока да биде општ еквивалент: пари.

Иманентната  противречност на стоката како непосредно единство на употребната вредност и разменската вредност, како производ на корисен приватен труд... и како непосредна општествена материјализација на апстрактен човечки труд – оваа противречност не мирува додека не доведе до дуплирање на стоката во стока и пари. Стр. 48.

Бидејќи сите други стоки се само посебни еквиваленти на пари, а парите се нивниот општ еквивалент, тие се однесуваат спрема парите како посебните стоки спрема општата стока. Стр. 51 Процесот на размена не ‘и дава вредност на стоката која ја преобразува во пари, меѓутоа ‘и го дава нејзиниот облик на вредност. Стр. 53 Фетишизам: една стока не изгледа дека станала пари само затоа што другите стоки во неа сестрано ги прикажуваат своите вредности, туку обратно, изгледа дека тие во неа ги прикажуваат своите вредности затоа што таа е пари.

III. Пари или стоковна размена

А. Мера на вредност (злато = претпоставено како пари)

Парите, како мера на вредноста, е неопходен појавен облик на мерата на вредноста иманентна за стоките, односно работното време. Простиот, релативен израз на вредноста на стоките во пари, х стока а = у пари, е нивната цена. Стр. 55.

Цената на стока, нејзиниот паричен облик, е изразен во замислени пари; значи, парите се мерата на вредности само идеално. Стр. 57.

Кога е извршено преобразувањето на вредноста во цена, технички е потребно мерата на вредности да се развие понатаму во мерило на цена, а тоа значи: се утврдува една количина на злато со која се мерат различни количини на злато. Ова сосема се разликува од мерата на вредности, која зависи од вредноста на златото, што е пак за мерилото на цената неважно. Стр. 59.

Кога цените се изразени во пресметковни имиња на злато, парите служат како пресметковни пари.

Ако цената, како експонент на мерата на стоковна вредност, е експонент на нејзиниот разменски однос спрема парите, не следи и обратно дека експонентот на нејзиниот разменски однос спрема парите е неопходно експонент на мерата на нејзината вредност. Претпоставувајќи дека околностите дозволуваат или принудуваат една стока да се продава над или под нејзината вредност, овие продажни цени не одговараат на нејзината вредност, но тие се сепак цени на таа стока, бидејќи тие се: 1. Нејзиниот облик на вредност, пари и 2. Експоненти на нејзиниот разменски однос спрема парите.

Можноста, значи, на квантитативна инконгруенција помеѓу цената и мерата на вредност е дадена во самиот облик на цената. Не е тоа никаков недостаток на овој облик, туку напротив тоа го пари соодветен облик за начин на производство во којшто правилото може да се спроведе само како слеп просечен закон на бесправилност. Обликот на цена, сепак, може исто така да крие во себе квалитативна противречност, така што цената воопшто престанува да биде израз на вредност... совеста, честа, итн., можат... да го добијат обликот на стоките низ својата цена. Стр. 60-61.

Мерењето на вредности во пари, обликот на цена, вклучува неопходност од отуѓување, идеалното утврдување на цена подразбира стварно утврдување. Оттука, прометот.

Б. Прометно средство

а) Метаморфоза на стоката

Прост облик: С – М – С, чија материјална содржина е С = С. Разменската вредност се отуѓува, а ја присвојува употребната вредност.

α) Прва фаза: С – М = продажба, при што постојат две можности: можност на неуспех, односно продажба под вредноста или трошоци на производството доколку општествената вредност на стоката се менува. „Поделбата на трудот го преобразува производот на трудот во стока, а со тоа ја прави неопходна неговата понатамошна преобразба во пари. Во исто време, таа исто така го прави успехот на оваа транссупстанција сосема случаен.“ Стр. 67. Но, земајќи во предвид дека феноменот е во неговиот чист облик, С – М претпоставува дека сопственикот на пари (доколку тој не е производител на злато) претходно ги добил своите пари низ размена за други стоки; оттука, за купувачот тоа не е само обратно = М – С, туку претпоставува дека тој направил претходна продажба, итн., така што ние имаме бескрајна низа на купувања и продажби.

β) Истото се случува и во втората фаза, М – С, купување, коешто, во истовреме, е продажба за другиот учесник.

γ) Сиот процес, оттука, е кружен ток на купувања и продажби. Промет на стоки. Ова е сосема различно од непосредната размена на производи; прво, индивидуалните и локалните огради на непосредната размена на производи се пробиени, а размената на материја кај човечкиот труд е овозможена; на друга страна, овде веќе се покажува дека целиот процес зависи од спонтаните општествени односи, кои се независни од нивните учесници. Стр. 72. Простата размена се исчезнува во еден чин на размена, во која секој разменува неупотребна вредност за употребна вредност, а прометот на стоки се продолжува бескрајно.

Стр. 73. Еве ја погрешната економска догма: прометот на стоки условува неопходна рамнотежа на купувањата и продажбите, бидејќи секое купување е исто така продажба, и вице верса – со што сака да се каже дека секој продавач исто така го донесува со себе на пазарот својот купувач. 1. Купувањето и продажбата се, на една страна, идентичен чин на две поларно спротивставени лица, а на друга страна, тие се две поларно спротивставени чина на едно исто лице. Оттука, идентичноста на купувањето и продажбата подразбира дека стоката е бескорисна доколку не се продаде, а исто така дека овој случај може да се случи. 2. С – М, како делумен процес, е воедно независен процес и подразбира дека добитникот на пари може да избира момент кога тој повторно ќе ги преобрази овие пари во стока. Тој може да чека. Внатрешното единство на независните процеси С – М и М – С се движи во надворешни спротивставености токму поради независноста на овие процеси; и кога овие зависни процеси достигнуваат одредена граница на независност, нивното единство се остварува преку криза, чија можност, оттука, е веќе дадена овде.

Како посредник во прометот на стоки, парите се прометно средство.

б) Циркулација на пари

Парите посредуваат влез на секоја поединечна стока во промет и нејзин излез од прометот; самите тие секогаш остануваат во прометот. Иако, според тоа, циркулацијата на пари е само израз на стоковен промет, сепак стоковниот промет изгледа како исход на паричниот промет. Бидејќи парите секогаш остануваат во сферата на прометот, прашањето е: колку пари се наоѓаат во него?

Количеството на пари во циркулацијата е одредено со сумата цени на стоки (со постојана вредност на пари), а последната со количеството на стоки во циркулацијата. Ако е дадено ова количество на стоки, количеството на пари, коешто циркулира, флуктуира со колебањата на цената на стоките. Сега, бидејќи еден ист дел на пари во дадено време посредува во низа купувања и продажби, за еден даден временски период, ние имаме:


Сума од цени на стоки                                                              Количество пари,

———————————————————         =              коешто функционира

Низа од движења направени од еден паричен дел                како прометно средство (Стр. 80).

Оттука, книжните пари може да ги потиснат златните пари доколку се фрлени во заситена циркулација.

Бидејќи циркулацијата на пари единствено го изразува процесот на стоковниот промет, во брзината на циркулацијата на парите се покажува брзината на промената на нивниот облик, во неговата стагнација одвојување на купувањето од продажбата, стагнација на општествената размена на  материја. Потеклото на оваа стагнација не може, се разбира, да се види од самата циркулација; стагнацијата единствено го покажува феноменот. Филистрите го препишуваат тоа на недоволното количество на прометни средства. Стр. 81.

Ergo [oттука]: 1. Ако цените на стоките остануваат постојани, количеството на пари, коешто циркулира, расте кога количеството на стоки се зголемува во прометот или циркулацијата на пари се забави; а опаѓа вице верса.

2. Со општиот раст на цените на стоките, количеството на пари во прометот останува постојано ако количеството на стоки се смалува или брзината на циркулацијата се зголемува во ист сразмер.

3. При општо опаѓање на стоковните цени, обратно од 2.

Воопшто, постои еден прилично константен просек од којшто значајни отстапувања настануваат скоро само како исход на кризи.

в) Монета – знак на вредноста

Мерката на цените ја одредува државата, а исто така и именските ознаки за одреден златник – монета и неговата изработка. На светскиот пазар пак се симнува таа национална униформа (тука се апстрахираат трошоците за ковење), така што монетите и шипките се разликуваат само по формата. Но, во прометот монетите се абат; златото како прометно средство отстапува од златото како мерило на цените, монетите бидуваат сè повеќе и повеќе симбол на својата официјална содржина.

Со ова е дадено латентна можност металните пари да се заменат со знаци или симболи. Оттаму: 1. Ситните пари од бакарни или сребрени знаци чиешто утврдување на местото на реалните златни пари се спречува со ограничување на количеството во кое тие можат да се legal tender [законско средство за плаќање]. Нивната содржина се одредува со закон произволно и затоа нивната монетарна функција е независна од нивната вредност. Оттаму е можен чекор понатаму кон сосема безвредни знаци. – 2. Книжни пари, т.е. државни хартии и пари со принуден курс (кредитните пари тука уште не се третираат). Доколку овие книжни пари навистина циркулираат наместо златни пари, тие подлегнуваат на законите за промет на златото. Само односот во којшто хартијата го заменува златото може да биде предмет на посебно законодавство, а тоа е: издавањето на книжни пари да се ограничи на она количество во коешто навистина би циркулирало златото кои тие книжни пари го претставуваат. Навистина, степенот на заситеноста на циркулацијата се колеба, но секаде со искуство се утврдува минимумот под кој никогаш не паѓаат тие книжни пари. Тој минимум може да се издаде. Преку тоа при снижување на степенот на заситеност на минимумот, еден дел веднаш ќе постане непотребен. Во таков случај целото количество хартија ја претставува во стоковниот свет сепак само она количество злато кое е одредено со неговите внатрешни закони, значи, само она количество кое може да го претставува. Ако масата хартија е двапати толкава колку што е апсорбираното злато, тогаш секое парче хартија се обезвреднува на половина номинална вредност. Поточно исто така како кога златото, во својата функција мерило на цените, би ја променило вредноста. Стр. 89.

В. Пари

а) Формирање на богатството

Од самиот почеток на развојот на стоковната циркулација се развива неопходноста и страста резултатот од процесот С-П, т.е. П, да се задржи. Од едноставното посредување во размената на материјата промената на обликот постанува сама на себе цел. Парите се скаменуваат како богатство, продавачот на стоки постанува собирач на богатство. Стр. 91.

Овој облик преовладува токму во почетоците на стоковната циркулација. Азија. Со понатамошниот развиток на стоковната циркулација мора секој производител на стоки да си осигура на себе nervus rerum, гаранција на општествената моќ – П. Така секаде настануваат hoards [богатства]. Развојот на стоковната циркулација ја зголемува моќта на парите, тој секогаш подготвен, апсолутно општествен облик на богатство. Стр. 92. Нагонот за формирање богатство по природа нема граници. Квалитативно или по својот лик парите се неограничени, т.е. тие се општ претставник на материјалното богатство, бидејќи можат да се претворат непосредно во секоја стока. Но, квантитативно секоја стварна сума пари е ограничена, па затоа самото куповно средство е со ограничено дејство. Оваа противречност го тера формирањето на богатство секогаш наново на Сизифовската работа на акумулирање.

Покрај тоа, акумулацијата на златото и среброто in plate [во изработки (во вид на накит)] воедно е и нов пазар за овие метали и латентен извор на пари.

Формирањето богатство служи како одводен и доводен канал на циркулирачките пари при постојаното колебање на степенот на заситеност на циркулацијата. Стр. 95.

б) Платежно средство

Со развитокот на стоковната циркулација настануваат нови односи: отуѓувањето на стоката може временски да биде одвоено од реализацијата на нејзината цена. Стоките бараат различно времетраење за свое производство, се произведуваат во разни годишни времиња, некои мора да се праќаат на далечни пазари итн. Оттаму А може да биде продавач пред што Б – купувачот – биде способен за плаќање. – Праксата ги регулира условите за плаќање така што А постанува доверител, Б должник, парите стануваат платежно средство. Значи, односот помеѓу доверителот и должникот постанува уште повеќе антагонистички. (Тоа може да настане и независно од стоковниот промет, на пример во античко време и во средниот век). Стр. 97.

Во тој однос парите функционираат 1. како мерило на вредноста при одредување на цената на продадената стока, 2. како идеално куповно средство. При формирањето на богатство П се повлечени од циркулацијата, тука како средство за плаќање настапува П во циркулацијата, но дури тогаш кога С од неа ќе излезе. Должниот купувач продава да би можел да плати, или имотот ќе му биде продаден на аукција. Значи, П сега станува самоцел на продажбата заради една општествена нужност, која произлегува од условите на самиот циркулационен процес. Стр. 97 – 98.

Неистовременоста на купувањето и продавањето која ја предизвикува функцијата на парите како платежно средство носи истовремено економија на циркулационите средства, концентрација на плаќањето на едно одредено место. Вирманите во Лион во средниот век: еден вид clearing house [пресметковен (клириншки) завод] каде се исплаќа само салдото на взаемните побарувања. Стр. 98.

Доколку плаќањето се изедначуваат, парите функционираат само мисловно, како пресметковни пари или мерило на вредноста. Доколку треба вистинско плаќање, тие не истапуваат како циркулационо средство, само како монетален облик со чие посредување се врши размена на материјата, туку како индивидуална инкарнација на општествениот труд, како самостојно битие на разменската вредност, како апсолутна стока. Оваа непосредна противречност излегува во оној момент на производствените и трговските кризи кои се нарекуваат парични кризи. Таа се случува само таму каде што непрекинатиот синџир на плаќање и вештачки систем на изедначување е потполно развиен. Со пообемните нарушувања на овој механизам, било од каде тие да произлегуваат, парите ненадејно и непосредно излегуваат од самиот мисловен лик на пресметковни пари во метални пари, постануваат незаменливи профани стоки. Стр. 99.

Кредитните пари произлегуваат од функцијата на парите како платежно средство, мениците пак и самите циркулираат за пренесување на побарувањата на долгови. Со кредитот понатаму се проширува функцијата на парите како платежно средство, како такви тие стекнуваат посебен облик на егзистенција, кој постои во сферата на големите трговски трансакции, додека во главно монетата се потиснува во сферата на ситната трговија. Стр. 101.

До одредена висина и обем на стоковното производство функцијата на парите како платежно средство се проширува и надвор од сферата на стоковната циркулација, тие постануваат општа стока на договорите. Рентата, даноците итн. се претвораат од натурални во парични плаќања. Спореди, Франција под Луј XIV (Boisguillebert и Vauban), наспроти ова Азија, Турција, Јапонија итн. Стр. 102.

Развојот на парите во платежно средство однапред го принудува плаќањето на акумулација на пари за одредени рокови на плаќање – формирање на богатство, кое во понатамошниот општествен развој се губи како самостоен вид на богатење, повторно се појавува како резервни фондови на средства за плаќање. Стр. 103.

в) Светски пари

Во светската циркулација се губат локалните облици на монета, ситните пари, знаците на вредноста, и само златото во шипки важи како светски пари. Дури на светскиот пазар парите функционираат во целосна мерка како онаа стока чијшто природен облик воедно е и непосреден општествен облик на реализација на човечкиот труд in abstacto. Формата на неговото постоење постанува соодветна на неговата претстава. Стр. 104 (детали 105).


Фусноти

[1] По појавата на првото издание на првиот том на „Капиталот“ (1867), Маркс преработил поедини оддели од книгата и го изменил редоследот на својот труд. Наместо шест глави и прилог на прва глава, второто и останатите германски изданија, се состојат од седум оддели, со кои се опфатени вкупно 25 глави.

Страниците, кои Енгелс ги наведува во овој труд се однесуваат на првото издание на првиот том на Капиталот.

Сите скратеници, кои во ракописот се недвоумечки дешифрирани, се дополнети. Во сомнителните случаи, дополнетите делови се дадени во аглести загради.


Содржина

Маркс-Енгелсова интернет архива