Карл Маркс, Фридрих Енгелс

Mанифест на Комунистичката партија


IV

СТАВОТ НА КОМУНИСТИТЕ СПРЕМА РАЗНИТЕ ОПОЗИЦИОНИ ПАРТИИ

По она што е кажано во вториот раздел, сам по себе е разбирлив односот на комунистите спрема конституираните веќе работнички партии, то ест нивниот однос спрема чартистите во Англија и спрема аграрните реформисти во Северна Америка.

Комунистите се борат за постигање на најблиските цели и интереси на работничката класа, но во сегашното движење тие истовремено ја застапуваат и иднината на тоа движење. Во Франција комунистите ce приклучуваат кон социјалистичко-демократската партија[1] против конзервативната и радикалната буржоазија, не одрекувајќи ce поради тоа од правото да ce однесуваат критички кон фразите и илузиите што потекнуваат од револуционерната традиција.

Во Швајцарија тие ги поткрепуваат радикалите, не зборувајќи дека таа партија ce состои од противречни елементи, делум од демократски социјалисти во француска смисла, a делум од радикални буржуи.

Меѓу Полјаците комунистите ја помагаат онаа партија што аграрната револуција ја сметаа како услов за националното ослободување, онаа иста партија што го поведе Краковското востание во 1846 година.

Во Германија комунистичката партија ce бори заедно со буржоазијата, до колку оваа истапува револуционерно, против апсолутната монархија, феудалниот велепосед и малограѓанството.

Но таа ни еден момент не престанува да ce труди да создаде кај работниците колку што ce може појасна свест за непријателската спротивност меѓу буржоазијата и пролетаријатот, за да можат германските работници веднаш да ги свртат како свое оружје против буржоазијата општествените и политичките услови што таа мора да ги оствари со своето владеење, за веднаш по рушењето на реакционерните класи во Германија да започне борбата против самата буржоазија.

На Германија комунистите и го обрнуваат главното внимание поради тоа што Германија стои спроти буржоаска револуција и поради тоа што таа ќе го изврши тој преврат при попрогресивни услови на европската цивилизација воопшто и со многу поразвиен пролетаријат одошто Англија во XVII и Франција во XVIII век, та според тоа германската буржоаска револуција може да биде само непосредна предигра на една пролетерска револуција.

Со еден збор, комунистите насекаде го поткрепуваат секое револуционерно движење против постојниот општествен и политички поредок.

Во сите овие движења тие го издигаат на прво место прашањето за сопственоста, без оглед на поголемата или помалата развиеност на нејзината форма, како основно прашање на движењето.

Најпосле, комунистите работат секаде на поврзувањето и сплотувањето на демократските партии од сите земји.

Комунистите го презираат прикривањето на своите погледи и намери. Тие изјавуваат отворено дека нивните цели можат да ce постигнат само со насилно уривање на целиот досегашен општествен поредок. Нека владејачките класи ce тресат пред комунистичката револуција. Пролетерите во неа немаат што да изгубат освен своите окови. A ќе го добијат сиот свет.

Пролетери од сите земји, обединете ce! 


Забелешки

[1] Тоа е партијата која во парламентот ја претставуваше Ледри-Ролан, во книжевноста - Луј Блан, а во дневниот печат "La Reforme". Името социјалдемократија кај овие нејзини пронаоѓачи значеше еден дел од демократската или републиканската партија обоен повеќе или помалку социјалистички (Енгелсова забелешка кон англиското издание од 1888).

Партијата која тогаш во Франција се нарекуваше социјалистичка имаше политички претставник во Ледри-Ролан, а литерарен во Луј Блан; таа, значи, од денешната германска социјалдемократија се разликуваше како небото од земјата( Енгелсова забелешка кон германското издание од 1890).


Содржина

Маркс-Енгелсова интернет архива