Овој труд излегуваше како низа уводни статии во ,,Нов рајнски весник", почнувајќи од 4 април 1849[1]. Изработен е врз основа на предавањата што ги држеше Маркс во 1847 година во германското работничко друштво во Брисел. He излезе до крај; во бројот 269 под статијата напишаниот збор: „продолжува" остана неисполнет поради бурните настани што станаа тогаш: упадот на Русите во Унгарија, побуните во Дрезден, Изерлон, Елберфелд, Пфалц и Баден, поради кои и весникот е задушен (19 мај 1849). Продолжение од овој труд во ракопис не се најде во Марксовата заоставштина.
„Наемниот труд и капиталот" е печатен посебно во повеќе изданија во вид на брошурка, а последен пат во 1884, во издание на Швајцарска задружна печатница, Хотинген-Цирих. Досегашните изданија верно го зачуваа текстот на оригиналот. Но бидејќи ова ново издание заради пропаганда ќе биде растурено во не помалку од 10.000 примероци, во мене се роди прашањето: дали и самиот Маркс во oвoj случај би го оставил новото издание неизменето.
Во четириесеттите години Маркс уште не беше ја довршил својата критика на политичката економија. Co неа беше готов дури при крајот од педесеттите години. Затоа неговите списи што излегоа пред првата книга „Прилог кон критиката на политичката економија" (1859) во понекои точки отстапуваат од списите составени по 1859, содржат изрази и цели реченици што, од гледиштето на подоцнежните списи, изгледаат незгодни и дури неточни. И се разбира, во обичните изданија, наменети за читателската публика воопшто, има место и она гледиште што авторот во својот духовен развиток го имал порано; авторот како и публиката имаат неоспорно право на неизменето отпечатување на овие постари списи. И во тој случај мене ни на сон не би ми паднало на ум да изменам еден единствен збор.
Друга е работа кога новото издание, можеме да кажеме, исклучиво е наменето за пропаганда меѓу работниците. И самиот Маркс несомнено би го довел старото, со 1849 година датираното излагање во склад со своето ново гледиште. И јас сум уверен дека ќе го сторам она што би го сторил и тој, ако вo ова издание извршам помали измени и дополнувања што се потребни за да се постигне тој склад во сите битни точки. Затоа однапред му велам на читателот: оваа брошурка не е онаква каква што ја напиша Маркс во 1849, туку, приближно, онаква како што би ја напишал во 1891. Покрај тоа вистинскиот текст на оваа брошурка се наоѓа во многубројните примероци од старите изданија, и тоа е доволно додека не стигнам подоцна да ја отпечатам без измени во целокупното издание.
Сите мои измени се вртат околу една точка. Според оригиналот работникот му го продава на капиталистот за наемнина својот труд; според oвoj текст својата работна сила. И за таа измена должен сум да дадам појаснување. Појаснување на работниците за да видат дека овде не е во прашање обично пробирање на зборови, туку една од најважните точки на целата политичка економија. Појаснување на буржоазијата да се увери дека необразованите работници, на кои и најтешките економски прашања можат лесно да им се објаснат, далеку ја надминале надуената „интелигенција", на која таквите замрсени прашања и' остануваат неразрешени цел живот.
Класичната политичка економија[2] ја прими од индустриската пракса распространетата претстава на фабрикантот дека тој го купува и плаќа трудот на своите работници. Оваа претстава добро му послужи на фабрикантот за водење на работата, на книговодството и за пресметување на цените. Но кога по наивност е пренесена во политичката економија, во неа предизвика чудни заблуди и забуни.
Економијата го имаше пред себе фактот дека цените на сите стоки, меѓу нив и цената на онаа стока што таа ја викаше „труд", непрекинато се менуваат; дека тие, поради различните околности што често не стојат во никаква врска со производството на стоката, скокаат и паѓаат како да зависат од чиста случајност. Но штом се јави економијата како наука, таа меѓу своите први задачи имаше да го најде оној закон што се крие зад оваа случајност која привидно ги управува стоковните цени, а кој всушност ја управува самата оваа случајност. Во границите на непрекинатото движење на цените што ту скокаа ту паѓaa, таа ја бараше утврдената централна точка околу која цените се колебаат и се движат. Сo еден збор: таа тргна од цените на стоката за да најде закон за регулирање на цените во вредноста на стоката, со која се објаснуваат сите колебања на цените и на која на крајот од краиштата сите тие има да се сведат.
Класичната економија најде дека вредноста на некоја стока се одредува со во неа содржаниот, за нејзиното производство потребниот труд. Таа со ова објаснување се задоволи. А за сега и ние можеме да останеме при ова. Само, за да нема недоразбирања ќе одбележам дека ова објаснување денеска стана сосема недоволно. Маркс прво темелно го испита својството на трудот да создава вредност и најде дека секој труд што привидно или стварно е потребен за производство на некоја стока не ја зголемува секогаш вредноста на таа стока сразмерно со количината на потрошениот труд. Според тоа, ако ние денеска со економистите како што е Рикардо просто на просто кажеме: вредноста на стоката се одредува со трудот потребен за нејзиното производство, ние при тоа никогаш не ја губиме од вид Марксовата исправка. За овде толку е доволно; повеќе се наоѓа кај Маркс во „Прилог кон критиката на политичката економија", 1859, и во првата книга од „Капиталот".[3]
Но штом економистите ова одредување на вредноста со трудот го применија врз стоката „труд" паѓаа од противречност во противречност. Како се одредува вредноста на „трудот"? Co во него содржаниот потребен труд. А колку труд се содржи во трудот на еден работник за еден ден, недела, месец, година? Труд на еден ден, недела, месец, година. Ако трудот е мерка за сите вредности, тогаш и ,,вредноста на трудот" можеме да ја изразиме само во труд. Но ние не знаеме апсолутно ништо за вредноста на еден час труд, ако го знаеме само тоа дека таа е еднаква со еден час труд. Така, значи, не и' се приближивме на својата цел ни за влакно; постојано се вртиме во круг.
Класичната економија се обиде на еден друг начин да го реши тоа прашање; таа рече: вредноста на некоја стока е еднаква со трошоците на производството на таа стока. Но што се трошоци на производството на трудот. За да одговорат на ова прашање, економистите мораа малку да ја изнасилуваат логиката. Наместо да ги иследуваат трошоците на производството на самиот труд, што за жал ќе можат да се изнајдат, тие ги испитуваа трошоците на производството на работникот. А тие можат да се изнајдат. Тие се менуваат според времето и приликите, но за една одредена општествена состојба, за одредено место, за одредена гранка од производството тие исто така се одредени, барем во прилично тесни граници. Ние денеска живееме под владеењето на капиталистичко производство, во кое голема, сè поголема класа од населението може да живее единствено работејќи под наемнина за сопствениците на средствата за производство - орудијата, машините, суровините и средствата за живот. Врз основа на овој начин за производство, трошоците на производството на работникот се сумата од средствата за живот - или нивната парична цена - што се просечно потребни за да го направат работникот способен за работа и да го одржат способен за работа и по неговото одење од стројот поради старост, болест или смрт да го заменат со нов работник, значи, да го овозможат потребното множење на работничката класа. Да земеме дека паричната цена на овие средства за живот е просечно три марки дневно.
Нашиот работник добива, значи, од капиталистот при кого работи наемнина од три марки дневно. За тоа тој му работи на капиталистот, да кажеме, дванаесет часа дневно. И овој капиталист смета горе-долу вака:
Нека нашиот работник - машински бравар - изработи едно парче машина за еден ден. Суровината - железото и месингот во преработена состојба - чини 20 марки. Потрошувачката на јагленот за парната машина, абењето на самата таа машина, стругот и другиот алат со кој работи нашиот работник, претставува, за еден ден и на еден работник, вредност од 1 марка. Според нашата претпоставка, надницата е 3 марки. Тоа за даденото парче машина прави 24 марки. Но капиталистот пресмета дека за него од својот муштерија добива просечна цена од 27 марки, а тоа се 3 марки над сите негови трошоци.
Од каде овие 3 марки што ги добива капиталистот? Според тврдењето на класичната економија, стоките се продаваат просечно по своите вредности, т.е. по цени што и' одговараат на потребната количина труд што се наоѓа во нив. Просечната цена на нашиот дел од машината - 27 марки - би била, значи, еднаква со неговата вредност, со количината труд содржана во него. Но од овие 27 марки, 21 марка беше готова вредност пред да почне да работи нашиот машински бравар. 20 марки се наоѓаат во суровината, 1 марка во јагленот изгорен во текот на работата и во машините и алатите што се употребени и што во соодветен износ загубиле од својата вредност. Остануваат 6 марки, што и' се додадени на вредноста на суровината. Но изворот на овие шест марки, според претпоставката на нашите економисти, е единствено во трудот што нашиот работник и' го додаде на суровината. Неговиот дванаесетчасовен труд создаде, според тоа, нова вредност од шест марки. Оттука вредноста на неговиот дванаесетчасовен труд би била шест марки. Така најпосле би пронашле што е „вредност на трудот".
„Стој!" извикува нашиот машински бравар. „Шест марки? Но јас добив само три марки! Мојот капиталист се колне во сè на светот дека вредноста на мојот дванаесетчасовен труд е само три марки и ако му побарам шест марки ми се смее. Како се согласува тоа?"
Ако горе со нашата вредност на трудот влеговме во круг без излез, дури сега западнавме во неразрешлива противречност. Ја баравме вредноста на трудот, a најдовме повеќе отколку што ни требаше. За работникот вредноста на дванаесетчасовниот труд е три марки, за капиталистот шест марки, од кои тој три му дава на работникот како надница, а три става во својот џеб. Според тоа, трудот како да нема една вредност, туку две, и тоа многу различни!
Противречноста станува уште поапсурдна штом вредностите изразени во пари ги сведеме на работно време. За дванаесет часа труд е создадена нова вредност од шест марки. Според тоа, за шест часа - три марки, т.е. сума пари што работникот ја добива за дванаесет часа труд. За дванаесетчасовен труд работникот добива како еквивалент производ од шест часа труд. Според тоа, или трудот има две вредности, од кои едната е два пати колку другата, или дванаесет е рамно - шест! Во обата случаи чиста бесмислица.
Можеме да се вртиме колку што сакаме, од оваа противречност нема каде да одиме додека зборуваме за купувачка и продажба на трудот и за вредноста на трудот. Тоа и им се случи на економистите. Последниот претставник на класичната економија, Рикардовата школа, најмногу пропадна поради нерешливоста на оваа противречност. Класичната економија западна во ќорсокак. Човекот што најде излез од овој ќорсокак беше Карл Маркс.
Она што економистите го сметаа како трошоци на производството на „трудот", тоа беа трошоци на производството не на трудот, туку на самиот жив работник. И она што овој работник му продаваше на капиталистот, тоа не е неговиот труд. „Штом неговиот труд стварно ќе почне", вели Маркс, „престанува да му припаѓа, па значи не може потаму ни да го продава"?[4] Тој би можел да го продаде единствено својот иден труд, т.е. да ја прими врз себе обврската да. изврши одредена работа за одредено време. Но со тоа тој не го продава трудот (што има допрва да се изврши), туку за одредено време (на надница) или за одредена работа (на парче) му ја става на капиталистот на располагање за извесна награда својата работна сила; работникот ја дава под наем, односно ја продава својата работна сила. Но оваа работна сила сраснала со неговата личност и е неразделна од неа. Трошоците на производството на работната сила се поклопуваат, според тоа, со трошоците на производството на работникот; она што економистите го викаа трошоци на производството на трудот, тоа се трошоци на производството на работникот, a co тоа и на работната сила. И така можеме од трошоците на производството на работната сила да се вратиме на вредноста на работната сила и да ја одредиме количината на општествено потребниот труд што е потребен за да се произведе работна сила од одреден квалитет, како што тoa Mapкс го стори во одделот за купувачката и продажбата на работната сила („Капиталот", книга I, гл. IV, 3 оддел).
Што ќе биде откако работникот ќе му ја продаде својата работна сила на капиталистот, т.е. откако за договорената награда - под надница или на парче - му ја стави на располагање? Капиталистот го воведува работникот во својата работилница или фабрика, каде што веќе се наоѓаат сите предмети потребни за работа: суровини, помошен материјал (јаглен, бои итн.), алат, машини. Тука работникот почнува да аргатува. Нека неговата надница е 3 марки како погоре - било да ги заработува на надница или на парче. И овде, како и погоpe, ќе земеме дека работникот за дванаесет часа со својата работа ја зголемил вредноста на потрошените суровини за шест марки и таа нова вредност капиталистот ја реализира при продажбата на готовиот артикал. Од тоа на работникот му плаќа 3 марки, а 3 марки задржува за себе. Ако работникот за дванаесет часа создаде вредност од шест марки, тогаш за шест часа ќе создаде вредност од 3 марки. За шест часа труд тој му произвел на капиталистот онолкава вредност колкава што добива во вид на надница од три марки. По шест часа труд обајцата се квит, едниот на другиот не му должи ни пара.
„Стој!" извикува сега капиталистот. „Јас го најмив работникот за цел ден, за дванаесет часа. Шест часа се само пол ден. Затоа на работа, додека не минат и другите шест часа - дури тогаш сме квит!" И работникот всушност мора да му се потчини на „слободниот" договор, според кој се обврзал за производ на трудот што чини шест работни часа да работи полни дванаесет.
Исто така е и со работењето на парче. Да земеме дека нашиот работник за 12 часа изработил 12 парчиња стока. Секое парче чини суровини и абење 2 марки, а се продава за 2,5 марки. При истите други услови како погоре, капиталистот ќе му плати на работникот 25 пфенизи од парче, според тоа работникот за дванаесет часа ќе изработи 12 парчиња и ќе заработи 3 марки. За 12 парчиња капиталистот добива 30 марки; кога ќе се одбијат 24 марки за суровината и абењето, остануваат 6 марки, од кои 3 му дава на работникот како надница,a 3 задржува за себе. Сето како и погоре. И овде работникот работи шест часа за себе, т.е. да ја одработи својата надница (во дванаесет часа по половина на час), а шест часа за капиталистот.
Тешкотијата на која и' наседнаа најдобрите економисти сè додека тргнуваа од вредноста на „трудот" - се губи штом наместо тоа ќе тргнеме од вредноста на „работната сила". Работната сила е стока во нашето денешно капиталистичко општество, стока како секоја друга, но сепак особена стока. Имено, таа има особено својство, сила да создава вредност, да биде извор на вредност, и тоа, при умесна употреба, извор на поголема вредност одошто ја има самата. При сегашната состојба на производството, човечката работна сила произведува не само за еден ден поголема вредност одошто ја има и чини самата; со секое ново научно откритие, со секој нов технички пронајдок расте вишокот од дневниот производ на работната сила над нејзините дневни трошоци, според тоа се скратува оној дел од работниот ден за кој работникот ја одработува својата надница, а се продолжува оној дел за кој тој мора да му го подари својот труд на капиталистот, за кој му работи бесплатно.
И тоа е економското уредување на целото наше денешно општество: само работничката класа е онаа што ги произведува сите вредности. Зашто вредноста е само друг израз за трудот, оној ист израз со кој во нашето денешно капиталистичко општество се означува онаа количина општествено потребен труд што е содржана во некоја стока. Но овие вредности што се произведуваат од работниците - не им припаѓаат на работниците. Тие им припаѓаат на сопствениците на суровините, машините и алатот и авансираните средства што им овозможуваат на овие сопственици да ја купуваат работната сила на работничката класа. Според тоа, од сета количина артикли што ги произвела, работничката класа добива само еден дел. И, како што наведовме погоре, оној друг дел што капиталистичката класа го задржува за себе или можеби и го дели со класата земјопоседници - со секој нов пронајдок и откритие расте, додека оној дел што и' припаѓа на работничката класа (сметајќи по бројот на главите) или расте многу полека и незначително или никако, а под извесни околности може и да опаѓа.
Но овие пронајдоци и откритија, што сè побрзо едното другото го потиснуваат, оваа продуктивност на човечкиот труд што од ден на ден расте во досега нечуена мерка, најпосле создава едно судирање, поради кое денешното капиталистичко стопанство мора да пропадне. На едната страна неизмерни богатства и вишок од производи со кои присвојувачите не се во состојба да ракуваат. На другата страна голем дел од општеството пролетаризиран, претворен во наемни работници и на тој начин онеспособен да го набави оној вишок од производи. Поради раздвоеноста на општеството на една мала, пребогата и на една голема класа од наемни работници без ништо, ова општество на едната страна се дави во своето сопствено изобилие, додека на другата страна големото мнозинство од неговите членови или одвај малку или никако не е заштитено од најголема немаштина. Оваа состојба со секој ден станува сè побесмислена и - понепотребна. Таа мора да се отстрани, таа може да се отстрани. Остварливо е ново општествено уредување, во кoe ќе ги снема денешните класни разлики и во кое - можеби по извесно кратко, нешто скудно, но во секој случај морално многу корисно преодно време - преку планско искористување и развивање на веќе постојните огромни производни сили на сите членови на општеството, при еднаква обврска за работа, ќе стојат на располагање еднакво и сè повеќе средства за живот и уживање, за развивање и примена на сите телесни и духовни способности. А дека работниците сè повеќе се решени да го извојуваат ова ново општествено уредување, ќе посведочат. на обете страни од Океанот, утрешниот први мај, и неделата, трети мај.[5]
Лондон, 30 април 1891.
Фридрих Енгелс
Забелешки на уредникот
[1] „Нов рајнски весник" излегуваше вo Келн од 1 јуни 1848 до 19 мај 1849. Негов главен редактор беше К. Маркс. „Наемен труд и капитал" е печатен во броевите од 5, 6, 7, 8 и 11 април 1849.
[2] „... под класична политичка економија - пишува Маркс во „Капиталот" - ја разбираме целата економија од Пети наваму, што ја испитува внатрешната поврзаност на односите во буржоаското производство". (К. Маркс, „Капиталот“, т. I гл. I, забелешка 32). Најкрупни претставници на класичната политичка економија во Англија беа Адам Смит и Дејвид Рикардо.
[3] Види го и популарното излагање на тоа прашање во Марксовиот спис „Надница, цена и профит", особено во глава 6.
[4] К. Маркс, „Капиталот", т. I. гл- XVII.
[5] Англиските синдикати ја празнуваа како Меѓународен ден на трудот првата недела по 1 мај, што во 1891 паѓаше на 3 мај.