Карл Маркс

Наемниот труд и капиталот[1]

I

Од разни страни ни е префрлено што не сме ги изложиле економските односи, кои се материјална основа за сегашните класни и национални борби. Овие односи ние намерно само таму ги засегавме каде што во политичките судирања тие непосредно се наметнуваат.

Пред сè требаше да се проследи класната борба во секојдневната историја и, врз основа на историското градиво што се затекнало или што одново од ден на ден се создава, емпириски да се покаже дека со подјармувањето на работничката класа, што ги даде Февруари и Март,[2] во исто време беа победени и нејзините противници - буржоаските републиканци во Франција, граѓанските и селанските класи, непријателите на феудалниот апсолутизам, на целиот европски континент; дека победата на „хонетната [умерената] република" во Франција во исто време беше паѓање на сите нации што на Февруарската револуција беа одговориле со херојски војни за независност; дека најпосле со поразот на револуционерните работници Европа одново падна под старото двојно ропство, англиско-руско. Јунската борба во Париз, паѓањето на Виена, трагикомедијата на Берлинскиот ноември 1848, очајните напори на Полска, Италија и Унгарија, скапувањето од глад во Ирска - тоа беа главните моменти од европската класна борба меѓу буржоазијата и работничката класа на кои покажавме дека секое револуционерно востание, макар колку неговата цел изгледала оддалечена од класната борба, мора да пропаѓа сè дотогаш додека не победи револуционерната работничка класа, дека секоја социјална реформа останува утопија сè дотогаш додека пролетерската револуција и феудалистичката контрареволуција не си ги премерат силите со оружје во една светска војна. Во нашето излагање, како и во стварноста, Белгија и Швајцарија беа трагикомичните карикатурни жанр-слики во големото историско табло: едната - угледна држава на буржоаската монархија, другата - угледна држава на буржоаската република; обете - држави што вообразуваат дека исто така се независни од класната борба, како и од европската револуција.

Сега, откако нашите читатели видоа како класната борба во 1848 година се развиваше во колосални политички облици, време е одблизу да се запознаеме со самите економски односи врз кои се засновува како егзистенцијата на буржоазијата и нејзиното класно владеење така и ропството на работниците.

Bo три големи оддели ние ќе ги изложиме:

1. односот на наемниот труд кон капиталот, ропството на работникот, владеењето на капиталистот;

2. неизбежната пропаст на средните граѓански класи и таканаречениот селански сталеж во денешниот систем;

3. трговското подјармување и експлоатирање на буржоаските класи на разни европски нации што го врши над нив Англија, деспотот на светскиот пазар.

Ќе се грижиме да излагаме што попросто и попопуларно, не претпоставувајќи дека се знаат ни најелементарните поими од политичката економија. Ние сакаме да бидеме разбирливи за работниците. А тоа ни е потребно и поради тоа што во Германија царуваат најчудно незнаење и мешаница на поими за најпростите економски односи како горе кај патентираните бранители на поредокот што постои така и долу кај социјалистичките маѓосници,[3] и непризнаени политички гении, со кои раздробена Германија е уште побогата отколку со владетели.

Најпрво, првото прашање: Што е наемнина? Како се одредува таа?

Ако ги запрашаме работниците: „колкава ви е надницата?", тие ќе одговорат: „јас од својот буржуј добивам за еден ден 1 марка", или: „јас добивам 2 марки" итн. Тие, според различните гранки од трудот на кои им припаѓаат, ќе наведат различни суми пари што за одредена количина труд, на пр. за да се исткае еден аршин платно или да се сложи печатен табак, добиваат од својот буржуј. Нивните одговори ќе бидат различни по прашањето за големината на надницата, но сепак сите ќе бидат согласни во една точка: наемнината е онаа количина пари што капиталистот ја плаќа за одредено работно време или за извршување одредена работа.

Капиталистот, изгледа, го купува нивниот труд за пари. Тие му го продаваат својот труд за пари, но тоа така само изгледа. Она што тие всушност му го продаваат на капиталистот - тоа е нивната работна сила. Таа работна сила капиталистот ја купува за еден ден, една недела, еден месец итн. А откако ја купил, тој ја употребува на тој начин што работниците му работат за договореното време. За истата сума пари, на пр. за 2 марки, за која капиталистот ја купил нивната работна сила, тој можел да купи 2 фунти шеќер или извесна количина некоја друга стока. Така 2 марки, за кои купи 2 фунти шеќер, се цена за 2 фунти шеќер. A 2 марки, за кои ја купи работната сила за да ја употреби дванаесет часа - се цена за дванаесетчасовен труд. Според тоа, работната сила е стока исто онака како и шеќерот. Таа се мери со часови, а шеќерот на терезија.

Својата стока, работната сила, работниците ја разменуваат за стоката на капиталистот за пари и оваа размена станува во извесен одреден однос. Толку пари за толкава употреба на работната сила. За дванаесет часа ткаење - 2 марки. А зарем тие 2 марки не ги претставуваат сите други стоки што јас можам да ги купам за 2 марки? Според тоа, работникот стварно ја размени својата стока, работната сила, за сите видови стоки, и тоа во извесен одреден однос. Давајќи му на работникот 2 марки, капиталистот му даде толку месо, толку облека, толку дрва, осветлување итн. во размена за неговиот работен ден. Според тоа, 2 марки го изразуваат оној однос во кој работната сила се разменува за други стоки, тие ја изразуваат прометната вредност на работната сила. Прометната вредност на една стока, изразена во пари, се вика нејзина цена. Значи, наемнината само е особено име за цената на работната сила, што обично се вика цена на трудот, за цената на оваа особена стока што ја одржува исклучиво месото и крвта човечка.

Да го земеме кој било работник, на пр. ткајачот. Капиталистот му дава разбој и преѓа. Ткајачот почнува работа и од преѓа направил платно. Капиталистот го зема платното и го продава на пр. за 20 марки. Дали сега надницата на ткајачот е еден удел во платното, удел во 20 марки, во производот од неговиот труд? He. Многу пред да биде продадено платното, можеби многу пред да е исткаено тоа, ткајачот ја примил својата надница. Капиталистот, значи, не ја плаќа оваа надница со парите што ги добива за платното, туку со парите од готовината. Како што разбојот и преѓата не се производ од трудот на ткајачот, кому буржујот му ги дал, така не се тоа ни стоките што тој ги добива со размена за својата стока, работната сила. Може да се случи буржујот да не најде купувач за своето платно. Може да се случи тој да не ја извади надницата со продажбата на платното. Возможно е тој, во споредба со наградата на ткајачот, да го продаде платното многу скапо. Сето тоа ткајачот ништо не го засега. Капиталистот ја купува за едниот дел од својата готовина, од својот капитал, работната сила на ткајачот исто така како што за другиот дел од својот капитал ја набавил суровината - преѓата - и орудието за работа - разбојот. Откако ги извршил тие купувачки, а тука спаѓа и купувачката на работната сила потребна за производство на платното, тој сега произведува само со своите суровини и средства на трудот. Во средствата на трудот влегува сега и нашиот добар ткаач, којшто во производот или во неговата цена исто така нема никаков удел како ни разбојот.

Според тоа, наемнината не е уделот од работникот во стоката што тој ја произведе. Наемнината е дел од готовата стока за кој капиталистот купува одредена количина продуктивна работна сила.

Работната сила, значи, е стока што нејзиниот сопственик, наемниот работник, му ја продава на капиталот. Зошто ја продава? За да живее.

Но дејствувањето на работната сила, трудот, тоа е животна дејност на работникот, појавување на неговиот живот. И оваа животна дејност работникот му ја продава на друг, за да си прибави потребни средства за живот. Според тоа, животната дејност за работникот е само средство за одржување на животот. Тој работи за да живее. Тој и не го смета трудот во својот живот, дури повеќе трудот е жртва на неговиот живот. Тој е стока што работникот му ја продал на друг. Производот од неговиот труд, според тоа, не е цел на неговиот труд. Она што работникот го произведува за себе - не е свилата што ја ткае, не е ни златото што го вади од рудникот, не е палатата што ја ѕида; она што го произведува за себе - тоа е наемнина, а свилата, златото, палатата за него се преобразуваат во одредена количина средства за живот, можеби во памучна блуза, бакарни пари и подрумски стан. А работникот што дванаесет часа ткае, преде, дупчи, струже, ѕида, копа, крши камен и носи итн. - може ли тој тоа дванаесетчасовно ткаење, предеше, дупчење, стружење, ѕидање, копање, кршење камен да го смета како пројавување на својот живот, како живот? He. Животот за него почнува кога ќе престане трудот - при јадење, в крчма, в постела. Дванаесетчасовниот труд за него нема никаква смисла како ткаење, предење, дупчење итн., туку како заработување со помошта на кое доаѓа до јадење, крчма, постела! Кога свилената буба би предела за тоа за да го одржи својот живот како гасеница, таа би била вистински наемен работник.

Работната сила не била секогаш стока. Трудот не бил секогаш наемен труд, то ест слободен труд. Робот не му ја продавал својата работна сила на господарот, исто така како што ни волот не му го продава својот труд на селанецот. Робот заедно со својата работна сила еднаш за секогаш му е продаден на неговиот господар. Тој е стока што може да минува од рацете на еден господар во рацете на друг. Тој самиот е стока, но работната сила не е негова стока. Кметот (крепосниот) продава само дел од својата работна сила. Тој не добива награда од земјовладетелот, туку, напротив, земјовладетелот од него добива извесен данок.

Кметот и' припаѓа на земјата и му донесува плод на господарот на земјата. Слободниот работник, меѓутоа, се продава себе, и тоа на делови. Тој му отстапува 6, 10, 12, 15 часа од својот живот, од ден на ден, на оној што ќе му даде повеќе: на сопственикот на суровините, орудијата на трудот и средствата за живот, т.е. на капиталистот. Работникот не му припаѓа ни на сопственикот ни на земјата, но 8, 10, 12, 15 часа дневно од неговиот живот му припаѓаат на оној што ќе ги купи. Работникот кога сака го напушта капиталистот кај кого се погодил. Heгo капиталистот го отпушта кога ќе најде за згодно, штом од него не може да извлече никаква корист или барем онаа што ја сака. Но работникот, кому продажбата на работната сила му е единствен извор за доход, не може да ја напушти целата класа купувачи, т.е. капиталистичката класа, а да не се откаже од својот живот. Тој не му припаѓа на овој или оној капиталист, но и' припаѓа на капиталистичката класа; и сега е негово да си најде муштерија, т.е. да си најде купувач во таа капиталистичка класа.

Пред да се запознаеме одблизу со односот меѓу капиталот и наемниот труд ќе ги изложиме накратко најопштите односи од кои зависи големината на наемнината.

Наемнината, како што видовме, е цена на една одредена стока, на работната сила. Според тоа, наемнината ја одредуваат истите закони што ја одредуваат цената на секоја друга стока. Прашањето е сега: како се одредува цената на некоја стока?

II

Co што се одредува цената на некоја стока?

Се одредува со конкуренцијата меѓу купувачите и продавачите, со односот на побарувачката спрема понудата. Конкуренцијата што ја одредува цената на некоја стока има три страни.

Една иста стока нудат разни продавачи. Кој најевтино продава стоки од ист квалитет, тој ги потиснува другите продавачи и за себе осигурува најголема продажба. Продавачите, според тоа, заемно се борат околу продажбата, околу пазарот. Секој би сакал да продаде, по можност да продаде многу, а ако се може да продаде сам, исклучувајќи ги другите продавачи. Според тоа, еден продава поевтино од другиот. Се јавува конкуренција меѓу продавачите која ја соборува цената на стоките што ги нудат тие.

Но се јавува и конкуренција меѓу купувачите, што ја подига цената на понудените стоки.

Најпосле се јавува конкуренција меѓу купувачите и продавачите; едните сакаат да купат што поевтино, другите сакаат да продадат што поскапо. Резултатот од оваа конкуренција меѓу купувачите и продавачите зависи од односот на двете порано споменати страни на конкуренцијата, т.е. од тоа дали е посилна конкуренцијата во таборот на купувачите или во таборот на продавачите. Индустријата изведува на бојното поле две војски, една против друга, од кои секоја бие битка во своите сопствени редови, меѓу своите сопствени трупи. Победата е на страната од онаа војска во чии редови борбата е послаба.

Да земеме дека на пазарот има 100 бали памук, a во исто време купувачи за 1.000 бали. Во овој случај побарувачката е десет пати поголема од понудата. Поради тоа конкуренцијата меѓу купувачите ќе биде многу силна, секој сака да си приграби една, а ако се може и сите 100 бали. Oвој пример не е произволно земен. Во историјата на трговијата доживеавме периоди на лоши памучни жетви, кога неколцина здружени капиталисти се обидуваат да купат не 100 бали, туку сиот памук во целиот свет. Во овој случај купувачите ќе гледаат да се потиснат еден со друг, нудејќи релативно поголема цена за памучните бали. А продавачите на памукот, што забележале дека трупите ва непријателската војска меѓусебно се закрвиле и дека се наполно сигурни за продажбата на сите 100 бали, ќе се пазат од секоја меѓусебна кавга за да не ја соборат цената на памукот во моментот кога нивните противници меѓусебно се натпреваруваат да ја подигнат. Наеднаш настанува мир во војската на продавачите. Тие стојат како еден човек наспроти купувачите, филозофски скрстувајќи ги рацете и крај не би имале нивните барања, кога не би имало точно одредени граници во понудите и на најнастојчивите купувачи.

Значи, ако понудата на една стока е послаба од побарувачката, меѓу продавачите конкуренцијата е слаба или воопшто ја нема. Во истата мерка во која опаѓа оваа конкуренција, расте конкуренцијата меѓу купувачите. Резултат: поголемо или помало скокање на цените на стоките.

Познато е дека обратниот случај со обратен резултат почесто се јавува. Значителен вишок на понудата над побарувачката: очајна конкуренција меѓу продавачите; немање купувачи: стоката оди во бесценетост.

Но што значи скокање и паѓање на цените, што значи висока и ниска цена? Зрното песок, гледано низ микроскоп, е големо, а кулата во споредба со брегот е мала. А кога цената се одредува со односот меѓу побарувачката и понудата, со што се одредува тој однос меѓу побарувачката и понудата?

Да му се обратиме на кој и да е буржуј. Тој ни за момент нема да се премислува и како втор Александар Велики ќе го пресече свој метафизички јазел со таблицата за множење. Ако производството на стоката што ја продавам ми чини 100 марки, ќе ни рече тој, и јас со продажбата ва оваа стока добијам 110 марки, се разбира на крајот од годината, - тоа тогаш е граѓанска, чесна, законска добивка. Но ако добијам 120-130 марки, тогаш тоа е висока добивка; ако добијам дури 200 марки, тоа би била вонредна, необична добивка. Значи, што е за буржујот мерка за добивката? Трошоците на производството на неговата стока. Ако во размена за својата стока добие извесна количина друга стока чие производство помалку чинело, тој загубил. Ако во размена за својата стока добие извесна количина друга стока чие производство повеќе чинело, тој спечалил. A паѓањето и скокањето на добивката тој ја оценува според тоа, за колку степени прометната вредност на неговата стока стои под или над нулата, под или над трошоците па производството.

Видовме како променливиот однос на побарувачката спрема понудата дава ту скокање ту паѓање на цените, ту високи ту ниски цени. Ако цената на некоја стока поради скудната понуда или несразмерно зголемената побарувачка значително скокне, тогаш цената на која и да е друга стока морала во истиот сразмер да падне; зашто цената на некоја стока е само во пари изразен односот во кој другите стоки се разменуваат со неа. На пр., ако цената на еден риф свилена материја порасне од 5 марки на 6, тогаш цената на среброто наспрема свилената материја паднала, а исто така релативно наспрема свилената материја паднала цената на сите други стоки што ги задржале старите цени. Би морала да се даде поголема количина од тие стоки во размена за истата количина свилена материја. Што ќе биде последица од растењето на цената на една стока? Маса капитал ќе притечува во индустриската гранка што е во расцвет, и тоа притечување на капиталот во подоходовната индустриска гранкa ќе трае додека добивката не падне на обична мерка или дури додека цената на производите од таа индустриска гранка, поради одвишното производство, не падне под трошоците на производството.

Обратен случај. Ако цената на некоја стока падне под нејзините трошоци на производството, капиталите ќе се повлекуваат од производството на таа стока. Освен случајот кога една индустриска гранка не е веќе современа, па според тоа мора да пропадне, ова бегство на капиталот ќе го намалува производството на таква стока, т.е. нејзината понуда додека нема да и' одговара на побарувачката, додека цената на стоката пак не се подигне на висината на трошоците на производството, или дури додека понудата не падне под побарувачката, т.е. додека нејзината цена пак не се дигне над трошоците на производството, зашто тековната цена на некоја стока стои секогаш над или под трошоците на производството на таа стока.

Ние гледаме дека капиталите непрекинато се селат од областа на една индустрија во областа на друга. Високата цена предизвикува премногу силно доселување, а ниската цена премногу силно иселување.

Гледајќи од друго гледиште, би можеле да покажеме дека трошоците на производството ја одредуваат не само понудата туку и побарувачката. Но тоа премногу би нè оддалечило од нашиот предмет.

Сега видовме дека колебањата на понудата и побарувачката ја сведуваат цената на стоката секогаш до трошоците на производството. Вистина, вистинската цена на некоја стока секогаш стои над или под трошоците на производството, но скокањето и паѓањето заемно се дополнуваат, така што во извесен временски интервал, пресметувајќи го индустрискиот одлив и прилив наедно, стоките се разменуваат сообразно со своите трошоци на производството, нивната цена според тоа ја одредуваат тие трошоци на производството.

Ова одредување на цената со трошоците на производството не треба да се разбере во смислата на економистите. Тие велат дека просечната цена на стоката е рамна со трошоците на производството; дека тоа било закон. Анархистичкото движење при кое качувањето се израмнува со паѓањето, а паѓањето со качувањето, тие го сметаат за случајност. Co истото право би можело, како што тоа веќе го сторија други економисти, колебањето да се смета како закон, а одредувањето на цените со трошоците на производството за случајност. Меѓутоа, само овие колебања што, одблизу гледани, со себе носат најстрашни пустоши и како земјотреси ги тресат основите на буржоаското општество, само овие колебања ја одредуваат во својот тек цената на стоката со трошоците на производството. Движењето на овој неред во целина е негов ред. Во текот на оваа индустриска анархија во ова кружно движење, конкуренцијата речиси ја израмнува едната крајност со другата.

Според тоа, ние го гледаме ова: цената на стоката е одредена со нејзините трошоци на производството, така што времињата кога цената на оваа стока се качува над трошоците на производството се израмнуваат со времињата кога таа паѓа под трошоците на производството, и обратно. Се разбира, тоа не вреди за секој индустриски производ одделно, туку само за цела индустриска гранка. Тоа не вреди, според тоа, ни за секој индустријалец одделно, туку само за целата класа индустријалци.

Одредувањето на цената со трошоците на производството исто е како и одредувањето на цената со работното време потребно за производство на некоја стока, зашто во трошоците на производството влегуваат: 1) суровините и абењето на орудијата на трудот, тоа значи: индустриските производи што се произведени за извесен број работни денови, кои, според тоа, претставуваат извесна количина работно време, и 2) непосредниот труд што исто така се мери со време.

А истите општи закони што ја регулираат цената на стоката воопшто, се разбира, ја регулираат и наемнината, цената на трудот.

Наемнината ту ќе скока ту ќе паѓа, што зависи од односот меѓу побарувачката и понудата, од конкуренцијата меѓу купувачите на работната сила, капиталистите, и продавачите на работната сила, работниците. На колебањата на цените на стоката воопшто им одговараат колебањата на наемнината. Ho вo границите на овие колебања наемнината ќе ја одредуваат трошоците на производството, работното време потребно за да се произведе оваа стока, работната сила.

А кои се трошоците на производството на работната сила?

Тоа се трошоците потребни за да се одржи работникот како работник и да се подготви за работник.

Според тоа, до колку за некоја работа е потребно пократко време за учење, до колку се помали трошоците на производството на работникот, до толку е пониска цената на неговиот труд, неговата наемнина. Во индустриските гранки каде што не е потребно никакво подготвување и каде што е доволен голиот физички живот на работникот, трошоците на производството на таквиот работник се ограничуваат скоро само на оние стоки што се потребни да му го одржат животот и способноста за работа. Цената на неговиот труд се одредува, според тоа, со цената на средствата потребни за живот.

Но не треба да се губи од вид уште нешто. Фабрикантот којшто ги пресметува своите трошоци на производството, за да ја одреди според тоа цената на производите, го зема предвид и абењето на орудијата на трудот. Ако една машина му чини на пр. 1.000 марки, а ќе се истроши за 10 години, тој за 100 марки годишно ја зголемува цената на стоката, за да ја замени по 10 години истрошената машина со нова. Исто така во трошоците на производството на простата работна сила мораат да се пресметаат трошоците околу множењето на работниците за да биде работничката класа во состојба да се множи и истрошените работници да ги замени со нови. Трошењето на работникот се зема во сметка на ист начин како и трошењето на машината.

Според тоа, трошоците на производството на простата работна сила изнесуваат колку трошоците за одржување на животот на работникот и трошоците за неговото множење. Цената на овие трошоци на животот и множењето ја чини наемнината. Оваа вака утврдена наемнина се вика минимум наемнина[4] Овој минимум наемнина важи, како и воопшто одредувањето на цената на стоката со трошоците на производството, не за одделен поединец, туку за целиот род. Одделни работници, милиони работници не заработуваат колку што им е потребно за да живеат и да се множат; но наемнината на целата работничка класа се изедначува во границите на своите колебања со овој минимум.

Бидејќи веќе се запознавме со најопштите закони што ја регулираат наемнината како и цената на секоја друга стока, сега можеме поодблизу да навлеземе во нашиот предмет.

III 

Капиталот го сочинуваат суровини, орудија на трудот и средства за живот од сите видови, со чија употреба се произведуваат нови суровини, нови орудија на трудот и нови средства за живот. Сите овие составни делови на капиталот се творби на трудот, производи на трудот - натрупан труд. Капиталот е натрупан труд, што служи како средство за ново производство.

Така велат економистите.

Што е Црнецот-роб? Човек од црна раса. Колку што вреди едното објаснение толку вреди и другото.

Црнецот е црнец. Дури во одредени односи тој станува роб. Машината за предење памук е машина за предење памук. Дури во одредени односи таа станува капитал. Истргната од овие односи таа не е капитал, како што златото како такво не е пари или како што шеќерот не е исто што и цената на шеќерот.

Во производството луѓето не влијаат само врз природата туку и еден врз друг. Тие произведуваат само работејќи заедно на извесен одреден начин и разменувајќи ги своите трудови меѓу себе. За да произведуваат, тие стапуваат во одредени меѓусебни врски и односи и само во границите на овие општествени врски и односи тие влијаат врз природата, произведуваат.

Според различниот карактер на средствата за производство ќе бидат, се разбира, различни и овие општествени односи во кои производителите меѓусебно стапуваат и условите под кои ги разменуваат своите трудови и под кои учествуваат во целокупниот акт на производството. Co пронаоѓањето на новото воено оружје, пушката, мораше да се измени целата внатрешна организација на војската, се изменија односите во кои поединците ја сочинуваат војската и можат да дејствуваат како војска, се измени и меѓусебниот однос на војската.

Општествените односи во кои поединците произведуваат, општествените односи на производството, значи, се менуваат и се преиначуваат со измените и развитокот на материјалните средства за производство, на производните сили. Односите на производството во својата целина се она што се вика општествени односи, општество, и тоа општество на одреден, историски степен од развитокот, општество од особен различен карактер. Античкото општество, феудалното општество, буржоаското општество се такви целини од односи на производството од кои секоја за себе наедно обележува посебен степен од развитокот во историјата на човештвото.

И капиталот е општествен однос на производството. Тој е буржоаски однос на производството, однос на производството на буржоаското општество. Средствата за живот, орудијата на трудот, суровините, како составни делови на капиталот, не ли се тие произведени и натрупани под одредени општествени услови, во одредени општествени односи? He ли се употребуваат тие под одредени општествени услови, во одредени општествени односи за ново производство? И зарем овој одреден општествен карактер не ги прави капитал производите што служат за ново производство?

Капиталот не се состои само од средства за живот, орудија на трудот и суровини, не се состои само од материјални производи; тој се состои исто така од прометни вредности. Сите производи што го сочинуваат капиталот се стоки. Според тоа, капиталот не е само збир од материјални производи, тој е збир од стоки, прометни вредности, општествени величини.

Капиталот останува ист, па. ставиле ние волна наместо памук, жито наместо ориз, железници наместо пароброди, ако само памукот, оризот, паробродите - телото на капиталот имаат еднаква прометна вредност, еднаква цена со волната, житото и железниците во кои тој порано се отелотворуваше. Телото на капиталот може постојано да се менува, а капиталот да не претрпи ни најмала измена.

Но ако секој капитал е извесен збир од стоки, т.е. од прометни вредности, тоа уште не значи дека секој збир од стоки, од прометни вредности, е капитал.

Секој збир од прометни вредности е прометна вредност. Секоја одделна прометна вредност е збир од прометни вредности. На пр. куќата што вреди 1.000 марки е прометна вредност од 1.000 марки. Парчето хартија што вреди 1 пфениг е збир од прометни вредности од 100/100 од пфениг. Производите што можат да се разменат за други се стоки. Одредениот однос во кој се разменуваат тие - ја сочинува нивната прометна вредност, или ако е изразен во пари - нивната цена. Количината на овие производи никако не го менува нивното својство да бидат стока или да претставуваат прометна вредност или да имаат одредена цена. Дрвото - сакало било големо или мало - си останува дрво. Било да разменуваме железо во лоти или центи за други производи, тоа не го менува неговиот карактер да биде стока, прометна вредност. Во однос на количината, тоа е стока со поголема или помала вредност - со повисока или пониска цена.

На кој начин извесна количина стоки, прометни вредности, станува капитал?

На тој начин што таа како самостојна општествена сила, т.е. како сила на еден дел од општеството се одржува и се зголемува со размена за непосредната, работна сила. Постоењето на класа што нема ништо освен способноста за работа - е нужна претпоставка за капиталот.

Дури владеењето на натрупаниот, минатиот, опредметениот труд над непосредниот, живиот труд прави од натрупаниот труд капитал.

Капиталот не е во тоа што натрупаниот труд му служи на живиот труд како средство за ново производство. Тој е во тоа што живиот труд му служи на натрупаниот како средство да ја одржи и зголеми својата прометна вредност.

Што станува при размената меѓу капиталистот и наемниот работник?

Во размена за работната сила работникот добива средства за живот, а капиталистот во размена за своите средства за живот го добива трудот, продуктивната дејност на работникот, творечката сила со која работникот не само го надополнува она што го потрошил, туку на натрупаниот труд му дава поголема вредност одошто ја имал дотогаш. Работникот добива од капиталистот еден дел од готовите средства за живот. За што му служат овие средства за живот? My служат за непосредна потрошувачка. Но штом јас ќе ги потрошам средствата за живот, тие за мене засекогаш се загубени, освен ако времето за кое тие средства го одржуваа мојот живот го употребам за тоа да произведам нови средства за живот, ако за време на трошењето со својот труд создадам нови вредности наместо оние што ги снема во потрошувачката. Но токму таа благородна репродуктивна сила работникот му ја отстапува на капиталот во размена за примените средства за живот. Според тоа, таа за работникот е загубена.

Да земеме еден пример. Некој закупец му плаќа на својот надничар 5 гроша дневно. За тие 5 гроша овој работи на нивата од закупецот цел ден и така му осигурува приход од 10 гроша. Закупецот не само што си ги вратил вредностите што му ги дал на надничарот; тој ги удвоил. Така тој оние 5 гроша што му ги дал на надничарот ги употреби, ги потроши на плоден, продуктивен начин. Тој за 5 гроша го купи трудот и силата на надничарот, што произведува селско-стопански производи од два пати поголема вредност и од 5 гроша прави 10. А надничарот, наспроти тоа, наместо својата продуктивна сила чие дејство му го отстапи на закупецот, добива 5 гроша што ги разменува за средства за живот за да ги прошири побргу или побавно. Според тоа, потрошувачката на овие 5 гроша беше двострука: репродуктивна за капиталот, бидејќи за нив е купена работна сила[5] што произвела 10 гроша, а непродуктивна за работникот, бидејќи се разменети за средства за живот што ги снема засекогаш и чија вредност тој може одново да је добие единствено ако ја повтори истата размена со закупецот. На тој начин капиталот го претпоставува наемниот труд, а наемниот труд го претпоставува капиталот. Тие заемно се условуваат: тие заемно се создаваат.

Дали еден работник во фабрика за памучни производи произведува само памучни ткаенини? He, тој произведува капитал. Тој произведува вредности што одново служат за тоа да командуваат со неговиот труд и со неговата помош да создаваат нови вредности.

Капиталот маже да се умножува единствено со размената за работна сила, со создавањето наемен труд. Работната сила на наемниот работник може да се размени само за капитал зголемувајќи го, јакнејќи ја власта на која и' робува. Според тоа, растењето на капиталот е растење на пролетаријатот, т.е. на работничката класа.

Интересите на капиталистот и работникот според тоа се еднакви, тврдат буржоазијата и нејзините економисти. И навистина! Работникот пропаѓа, ако капиталот не му даде работа. Капиталот пропаѓа, ако не ја експлоатира работната сила, а за да ја експлоатира, мора да ја купи. До колку побргу се множи капиталот одреден за производство, продуктивниот капитал, до колку индустријата побујно цути, до колку буржоазијата повеќе се богати, до колку работата оди подобро - до толку повеќе капиталистот има потреба од работници, до толку поскапо се продава работникот.

Неопходен услов за сносна состојба на работникот е што побрзото растење на продуктивниот капитал.

Но што е тoa растење на продуктивниот капитал? Растење на власта на натрупаниот труд над живиот труд. Растење на владеењето на буржоазијата над работничката класа. Ако наемниот труд произведува туѓо богатство што владее над него, непријателска сила, капитал, тој од капиталот добива средства на трудот, т.е. средства за живот, под услов одново да стане дел од капиталот, лост што одново ќе го фрли капиталот во сè побрзо растење.

Тврдењето дека интересите на капиталот и интересите на работникот се исти значи само тоа дека капиталот и наемниот труд се две страни од еден ист однoc. Едната ја условува другата, како што лихварот и расипникот заемно се условуваат.

Додека наемниот работник е наемен работник, неговата судбина зависи од капиталот. Тоа е таа многу-фалена заедница на интересите на работниците и капиталистите.

IV

Ако расте капиталот, расте количината на наемниот труд, расте бројот на наемните работници, со еден збор: владеењето на капиталот се распространува над поголема маса индивидуи. Да го замислиме најповолниот случај: ако продуктивниот капитал расте, расте побарувачката на трудот. Затоа скока цената на трудот, наемнината.

Една куќа, била таа голема или мала, додека околните куќи се мали, ги задоволува сите општествени барања во поглед на стан. Но кога покрај малата куќа ќе се подигне палата, малата куќа станува колиба. Малата куќа потврдува сега дека нејзиниот сопственик може да има само мали или никакви барања; може таа во текот на цивилизацијата да се подига нагоре колку што сака, ако соседната палата биде подигана во истиот или поголем размер, жителот на релативно малата куќа ќе се чувствува сè понеугодно, понезадоволен, сè повеќе притеснет меѓу своите четири ѕида.

Позначителното зголемување на наемнината претпоставува брзо растење на продуктивниот капитал. Брзото растење на продуктивниот капитал исто така предизвикува брзо растење на богатството, луксузот, општествените потреби и општествените уживања. Според тоа, иако пораснале уживањата на работникот, општественото подмирување на тие уживања паднало вo споредба со зголемените уживања на капиталистот што му се недостапни на работникот и воопшто во споредба со степенот на развитокот на општеството. На нашите потреби и уживања изворот им е во општеството; затоа ние и ги мериме според општеството; ние не ги мериме според предметите со кои се подмируваат. А бидејќи потребите и уживањата се од општествена природа, тие се релативни.

Наемнината главно не се одредува само со количината стоки што можат за неа да се купат. Таа опфаќа различни односи.

За својата работна сила работниците добиваат пред сè извесна сума пари. Дали наемнината е одредена само со оваа парична цена?

Во XVI век, поради откритијата на богати и за експлоатација погодни рудници во Америка, во Европа порасна количината на среброто и златото во циркулација. Вредноста на златото и среброто падна во однос на другите стоки. Работниците и потоа како и порано ја добиваа истата количина сребрени пари за својата работна сила. Паричната цена на нивниот труд остана иста, а сепак нивната наемнина падна, бидејќи за истата количина сребро во размената добиваа помала количина други стоки. Тоа беше една од околностите што го забрзаа растењето на капиталот, напредокот на буржоазијата во XVI век.

Да земеме друг случај. Зимата 1847 година, поради лошата жетва, значително порасна цената на најнужните животни намирници, на житото, месото, маслото, сирењето итн. Да претпоставиме дека работниците потоа како и порано ја добиле истата сума пари за cвојата работна сила. Дали нивната наемнина падна? На секој начин. За истите пари добиваа сега помалку леб, месо итн. Нивната наемнина, падна не поради тоа што падна вредноста на среброто, туку што порасна вредноста на средствата за живот.

Најпосле, да земеме дека паричната цена на трудот е иста, но дека цената на сите селско-стопански и мануфактурни стоки паднала поради примената на нови машини, поповолната година итн. За истите пари работниците сега можат да купат повеќе разни стоки. Нивната наемнина, според тоа, пораснала, бидејќи нејзината парична вредност не се промени.

Паричната цена на трудот, номиналната наемнина, значи, не се поклопува со реалната наемнина, т.е. со количината стоки што може стварно да се добие преку размената за наемнината. Според тоа, кога се зборува за скокање или паѓање на наемнината, не треба да се мисли само на паричната цена на трудот, на номиналната наемнина.

Но ни номиналната наемнина, т.е. сумата пари за која работникот му се продава на капиталистот, ни реалната наемнина, т.е. количината стоки што може тој да ги купи за тие пари, не ги исцрпуваат сите односи што ги опфаќа наемнината.

Освен тоа, наемнината се одредува пред сè со односот кон добивката, кон профитот на капиталистот, и тоа е - сразмерна, релативна наемнина.

Реалната наемнина ја изразува цената на трудот во сразмер спрема цената на другите стоки, меѓутоа релативната наемнина го изразува оној дел од новата произведена вредност којшто му припаѓа на непосредниот труд во споредба со оној дел што му припаѓа на натрупаниот труд, на капиталот.

Горе рековме: „Наемнината не е уделот од работникот во стоката што тој ја произведе. Наемнината е дел од готовата стока, за кој капиталистот купува одредена количина продуктивна работна сила". Но оваа наемнина капиталистот мора да ја надополни од цената по која ќе го продаде производот од работникот; тој мора така да го надополни, што при тоа, по правило, да му преостане некој вишок над направените трошоци, околу производството, некој профит. Продажната цена на стоката што ја произвел работникот се дели за капиталистот во три дела: прво, во надополнување на цената на авансираните суровини заедно со надополнувањето на абењето на алатот, машините и другите средства на трудот што тој исто така ги авансира; второ, во надополнување на авансираната наемнина и трето, во вишок, профит на капиталистот. Додека првиот дел ги надополнува само вредностите што постоеја порано, дотогаш како надополнувањето на наемнината така и профитот на капиталистот главно се земаат од новата вредност што ја создаде трудот на работникот и и' ја додаде на суровината. И во оваа смисла, како наемнината така и профитот, за да ги споредиме, можеме да ги сфатиме како удели во производот на работникот.

Реалната наемнина може да остане иста, може дури да расте, па релативната наемнина пак да паѓа. Да земеме на пр. дека цените на сите животни намирници паднале за 2/3, а наемнината само за 1/3, на пр. од 3 марки на 2. Иако работникот со овие 2 марки располага со поголема количина стоки одошто порано со 3, неговата наемнина пак паднала во споредба со профитот на капиталистот. Профитот на капиталистот (на пр. на фабрикантот) порасна за 1 марка, тоа значи дека работникот за помала количина прометни вредности, што му ја плаќа капиталистот, мора да произведе поголема количина прометни вредности од порано. Уделот на капиталот во споредба со уделот на трудот се покачи. Поделбата на општественото богатство меѓу капиталот и трудот стана уште понееднаква. Co истиот капитал капиталистот командува со поголема количина труд. Моќта на капиталистичката класа над работничката класа порасна, општествената положба на работникот се влоши, падна уште еден степен пониско под општествената положба на капиталистот.

Според ова, кој е тој општ закон што го одредува паѓањето и скокањето на наемнината и профитот во нивниот заемен однос?

Наемнината и профитот стојат во обратен сразмер. Уделот на капиталот, профитот, расте во истиот сразмер во кој удел на трудот, наемнината, опаѓа и обратно. Профитот се зголемува во истата мерка во која наемнината опаѓа, а опаѓа во истата мерка во која наемнината расте. 

Можеби некој ќе забележи дека капиталистот може да добие со среќна размена на своите производи со други капиталисти, со зголемена побарувачка на неговата стока, било поради отворање нови пазари било поради моментално зголемени потреби на старите пазари итн., дека профитот на капиталистот може, значи, да порасне со намалување на добивката на друг капиталист, независно од зголемувањето и опаѓањето на наемнината, на прометната вредност на работната сила; или дека профитот на капиталистот може да порасне поради подобрување на орудијата на трудот, нова примена на природните сили итн.

Пред сè мора да се признае дека резултатот останува ист, макар што е постигнат по обратен пат. Профитот не порасна поради тоа што падна наемнината, но наемнината падна поради тоа што профитот порасна. Co истата количина туѓ труд капиталистот прибави поголема количина прометни вредности, без да мораше поскапо да го плати трудот, а тоа значи дека трудот, во споредба со чистиот принос што му го дава на капиталистот, помалку е платен.

Се знае уште дека и покрај колебањето на стоковните цени, просечната цена на секоја стока, односот во кој таа се разменува за друга стока, се одредува со трошоците за нејзиното производство. Добивката на еден капиталист за сметка на друг, тие меѓусебни поткинувања во рамките на капиталистичката класа мораат да се израмнат. Усовршувањето на машинеријата, новата примена на природните сили во служба на производството овозможуваат за извесно работно време, со иста количина труд и капитал, да се создаде поголема маса производи, но никако поголема маса прометни вредности. Ако со примената на машини за предење можам за еден час да изработам два пати повеќе преѓа отколку порано, на пр. сто фунти наместо педесет, со размената на овие сто фунти јас не добивам, просечно земено, повеќе стоки од порано за педесет, зашто трошоците на производството се наполу помали, или зашто сега јас со истите трошоци давам два пати поголема количина производи.

Најпосле, во кој и да е однос капиталистичката класа, буржоазијата, било на една земја било на целиот светски пазар, да го дели чистиот приход од производството меѓу себе, секогаш целокупната сума на тој чист приход ќе ја претставува само онаа сума за која натрупаниот труд се зголемил со помошта на непосредниот труд. Таа целокупна сума на чистиот принос расте, значи, во истиот сразмер во кој преку трудот се зголемува капиталот, т.е. во сразмер во кој профитот расте наспроти наемнината.

Според тоа, гледаме дека интересите на капиталот и интересите на наемниот труд, дури и кога остануваме во границите на односот меѓу капиталот и наемниот труд, се дијаметрално спротивни.

Брзото растење на капиталот му одговара на брзото растење на профитот. Профитот може да расте брзо само ако цената на трудот, ако релативната наемнина исто така брзо паѓа. Релативната наемнина може да паѓа, иако реалната наемнина истовремено со номиналната наемнина, со паричната вредност на трудот расте, но не расте во истиот сразмер со профитот. На пр., ако во времето на добра заработувачка наемнината пораснала за 5, а профитот за 30 посто, сразмерната, релативната наемнина не пораснала, туку паднала.

Според тоа, ако приходот на работникот се зголемува поради брзото растење на капиталот, во исто време се зголемува општествената бездна што го дели работникот од капиталистот, се зголемува власта на капиталот над трудот, зависноста на трудот од капиталот.

Тврдењето дека работникот има интерес капиталот брзо да расте значи само ова: до колку работникот побргу го умножува туѓото богатство, до толку трошките што му паѓаат ќе бидат помрсни, до толку повеќе работници ќе можат да добијат работа и да бидат создадени, до толку побрзо ќе расте масата робје зависни од капиталот.

Видовме, значи:

Дури ни најповолната ситуација за работничката класа, што побрзото растење на капиталот, макар колку и да го поправа материјалниот живот на работникот, не ја укинува спротивноста меѓу неговите интереси и интересите на буржуите, интересите на капиталистите. Профитот и наемнината и понатаму остануваат во обратен сразмер.

Ако капиталот расте брзо, наемнината може да расте; но несразмерно побрзо расте профитот на капиталот. Материјалната положба на работникот се поправи, но за сметка на неговата општествена положба. Општествената бездна што го дели од капиталистот се прошири.

Најпосле:

Тврдењето дека сè побрзото растење на продуктивниот капитал е најповолна околност за наемниот труд значи само ова: до колку работничката класа побрзо ја умножува и ја зголемува непријателската сила, туѓото богатство што господари над неа, до толку ќе бидат поповолни условите под кои ќе и' биде дозволено одново да работи за зголемување на буржоаското богатство, за јакнење на власта на капиталот, имајќи го задоволството самата да си ги кова златните синџири со кои буржоазијата ја влече по себе.

V

Дали всушност растењето на продуктивниот капитал и зголемувањето на наемнината се така неразделно сврзани, како што тврдат буржоаските економисти? He смееме да им веруваме на збор. He смееме да им веруваме дека робот на капиталот е до толку посит доколку капиталот е поугоен. Буржоазијата е премногу просветена, таа премногу добро смета за да ги има предрасудите на феудалецот што се фалеше со сјајот на својата послуга. Самите услови на животот ја гонат буржоазијата да смета.

Затоа ќе мораме одблизу да испитаме:

Како влијае растењето на продуктивниот капитал врз наемнината?

Ако продуктивниот капитал на буржоаското општество, општо земено, расте, се јавува посестрано натрупување на трудот. Капиталите се умножуваат и нивниот обем расте. Умножувањето на капиталите ја зголемува конкуренцијата меѓу капиталистите. Зголемувањето на обемот на капиталите овозможува на индустриското боиште да се изведат уште поогромни армии со работници со уште поџиновско воено оружје.

Еден капиталист може да победи друг и да го освои неговиот капитал само со поевтина продажба. А за да може поевтино да продава, а и самиот да не пропадне, мора поевтино да произведува, т.е. мора што повеќе да ја зголемува продуктивната сила на трудот. Но продуктивната сила на трудот се зголемува на прво место со поголема поделба на трудот, со посестрано применување и постојано усовршување на машинеријата. До колку е поголема армијата од работници меѓу кои е поделен трудот, до колку се поџиновски размерите во кои се применуваат машините, до толку релативно повеќе се намалуваат трошоците на производството, до толку трудот станува поплоден. Оттука меѓу капиталистите се јавува сестрано натпреварување да ја зголемат поделбата на трудот и машинеријата и да ги експлоатираат во што е можно поголеми размери.

И кога некој капиталист со поголема поделба на трудот, примена на нови машини и нивно усовршување, со поуспешна и поголема експлоатација на природните сили успее со истата количина труд или натрупан труд да произведува поголема количина производи, стоки од неговите конкуренти, кога, на пр. ќе произведе цел аршин платно за истото работно време за кое неговите конкуренти ќе исткаат само половина аршин - што ќе прави тој капиталист?

Тој би можел и понатаму да продава половина аршин по дотогашната пазарна цена, но на тој начин не би можел да ги потисне своите противници и да ја зголеми продажбата на својата стока. Но доколку неговото производство се проширило, дотолку се зголемила за него потребата за продажба. Посилните и поскапите средства за производство што ги воведе навистина го оспособуваат да ја продава својата стока поевтино, но во исто време го присилуваат да продава поголема количина стока за да освои за својата стока несразмерно поголем пазар; затоа нашиот капиталист ќе продава половина аршин платно поевтино од своите конкуренти.

Но капиталистот нема да продава цел аршин по истата цена по која неговите конкуренти продаваат половина аршин, иако производството на целиот аршин нему не му чини повеќе отколку на другите им чини половина аршин. Инаку не би добил никаков екстра-профит, туку само со размената би ги извадил трошоците на производството. Ако неговиот приход би бил поголем, тоа би било затоа што употребил поголем капитал, а не затоа што неговиот капитал подобро се оплодил од другите капитали. Освен тоа, тој ја постигнува саканата цел на тој начин што на својата стока и' става цена само за неколку проценти помала од неговите конкуренти. Тој ги потиснува од пазарот, тој им одзема барем еден дел од нивната продажба продавајќи поевтино. Да си спомнеме уште дека тековната цена секогаш е над или под трошоците на производството, според тоа дали продажбата на стоката се врши во поволна или неповолна индустриска сезона. Според тоа дали пазарната цена на еден аршин платно е под или над неговите дотогаш обични трошоци на производството, ќе се менуваат и процентите со кои капиталистот што применил нови, поплодни средства за производство продава над своите стварни трошоци на производството.

Но привилегијата на нашиот капиталист не е од долг век; другите натпреварувачи капиталисти ги воведуваат истите машини, истата поделба на трудот, ги воведуваат во исти или во уште поголеми размери и ова воведување станува така општо, што цената на платното паѓа не само под старите, туку под новите трошоци на производството.

Капиталистите пак се наоѓаат во истиот меѓусебен однос во кој беа пред да ги воведат новите средства за производство и ако со овие средства можат по истата цена да дадат два пати повеќе производи, тие сега се присилени да дадат два пати повеќе производи под старата цена. На нивото на овие нови трошоци на производството почнува пак истата игра. Пак поголема поделба на трудот, повеќе машинерија, поголеми размери во искористувањето на таа поделба на трудот и на машинеријата. А конкуренцијата почнува одново на ист начин да дејствува против овој резултат.

Ние гледаме како начинот на производството и средствата за производство постојано се менуваат, се револуционираат, како поделбата на трудот по себе неминовно повлекува поголема поделба на трудот, примената на машинеријата - поголема примена на машинеријата, производството во големи размери - производство во уште поголеми размери.

Тоа е закон што буржоаското производство непрекинато го исфрлува од неговиот стар колосек и што го тера капиталот да ги напрегне продуктивните сили на трудот, откако еднаш веќе ги напрегна, закон што не му дава мира на капиталот и непрекинато му довикува: напред! напред!

Тоа е оној ист закон што цената на стоката, во границите на периодичните колебања на трговијата, неминовно ја изедначува со трошоците на производството.

Капиталистот може да употреби колкави и да било колосални средства за производство, конкуренцијата ќе се погрижи тие средства да влезат во општа употреба, а од оној момент кога тие ќе станат општи, единствен успех од поголемата плодност на неговиот капитал ќе биде во тоа што сега за истата цена ќe мора да дава 10, 20, 100 пати повеќе производи од порано. Но бидејќи тој можеби ќе мора да прави 1.000 пати поголем промет за да ја израмни пониската цена со поголема количина продадена стока, бидејќи продажбата во поголема маса сега е потребна не само заради поголем профит туку и за да се надополнат трошоците на производството - а видовме дека орудијата за производство стануваат сè поскапи - и бидејќи оваа масовна продажба стана животно прашање не само за него туку и за неговите натпреварувачи, старата борба станува дотолку поостра до колку се поплодни веќе пронајдените средства за производство. Поделбата на трудот и примената на машинеријата сега ќе се изведуваат со уште поголеми размери.

Макар каква била моќта на применетите средства за производство, конкуренцијата се грижи да го лиши капиталот од златните плодови на оваа моќ со тоа што цената на стоката ја сведува на трошоците на производството, значи, со тоа што во истата онаа мерка во која се појавува можноста да се произведува поевтино, - т.е. со помошта на иста количина труд да се произведува повеќе - поевтинувањето на производите, лиферувањето на сè поголеми маси производи за претходната сума цени го прави императивен закон. Како резултат од своите напори капиталистот не добива ништо повеќе освен обврска за истото работно време да произведе повеќе, со еден збор: потешки услови за оплодување на својот капитал. И додека конкуренцијата непрестајно го гони со својот закон за трошоците на производството и секое оружје што тој ќе го скова за своите противници го свртува против него самиот, дотогаш капиталистот непрекинато се грижи да ја надмудри конкуренцијата воведувајќи неуморно нови, навистина поскапи, но затоа поплодни машини и нова поделба на трудот наместо старата, пред да ги прегази конкуренцијата и овие нови.

Да замислиме сега дека оваа трескава возбуда го опфатила истовремено целиот светски пазар, па ќе ни биде јасно дека растењето, акумулацијата и концентрацијата на капиталот предизвикува непрекината поделба на трудот, што постојано самата себе си се соборува и се изведува во сè поџиновски размери и примена на нови и усовршување на старите машини.

Но, како овие околности, што се неразделни од растењето на продуктивниот капитал, влијаат врз одредувањето на наемнината?

Поголемата поделба на трудот оспособува еден работник да работи за 5, 10, 20-мина; таа, значи, ја зголемува конкуренцијата меѓу работниците 5, 10, 20 пати. Работниците си конкурираат не само кога се продаваат поевтино еден од друг; тие си конкурираат и кога едниот работи за 5, 10, 20-мина; а поделбата на трудот, што капиталот ја заведува и непрекинато ја зголемува, ги присилува работниците на овој вид конкуренција.

Понатаму. До колку поделбата на трудот расте до толку трудот станува попрост. Особената умешност на работникот губи вредност. Работникот се претвора во проста, монотона продуктивна сила, од која не се бараат особени телесни ни духовни напори. Неговата работа сега може да ја работи секој. Затоа сега од сите страни ќе навалат конкуренти, а веќе рековме: до колку некоја работа станува попроста и полесна, до колку помалку трошоци на производството се потребни за да се изучи таа, до толку наемнината паѓа пониско, бидејќи таа, како и цената на секоја друга стока, се одредува со трошоците на производството.

Според тоа, до колку трудот создава помалку задоволство, а повеќе одвратност, до толку конкуренцијата расте и наемнина опаѓа. Работникот настојува да го одржи општиот износ на својата наемнина работејќи повеќе, било да работи повеќе часови, било да дава повеќе труд во истиот час. Гонет од бедата, тој ги заострува убиствените дејства на поделбата на трудот. Резултат од тоа е: колку повеќе работи, толку помала наемнина добива, од простата причина што им прави до толку поголема конкуренција на своите другари и според тоа од своите другари си создава конкуренти што се нудат под исто така лоши услови како и тој - што во крајна линија cи конкурира на самиот себе, на самиот себе како член на работничката класа.

Машинеријата предизвикува исти последици, само во уште многу поголем размер, заменувајќи ги изучените работници со неизучени, луѓето со жени, возрасните со деца; таму каде што за прв пат се воведува, таа исфрла на улица маса рачни работници, а таму каде што се подобрува и се усовршува, заменува со поплодни машини, остава без работа помали групи работници. Ние напред во крупни потези ја прикажавме индустриската војна што ја водат меѓу себе капиталистите: карактеристика на оваа војна е дека битките се добиваат помалку со јакнење, а повеќе со отпуштање на работничката армија. Војсководците, капиталистите, се натпреваруваат кој ќе може да отпушти најмногу војници на индустријата.

Економистите, се разбира, ни раскажуваат дека работниците, што машината ги направила одвишни, наоѓаат работа во новите индустриски гранки.

Тие и не се осмелуваат непосредно да тврдат дека оние исти работници што се отпуштени стапуваат во новите гранки на трудот. Фактите премногу јасно зборуваат против оваа лага. Ho тие тврдат дека за други составни делови од работничката класа, на пp. за оној дел од младата работничка генерација што беше готов да стапи во пропаднатата индустриска гранка, се отвораат нови полиња за работа. Тоа, се разбира, е голема сатисфакција за пропаднатите работници. На господата капиталисти нема да им недостига пресно месо и крв за експлоатација, мртвите ќе ги погребат своите мртви. Таа утеха е повеќе заради самата буржоазија отколку заради работниците. Кога целата класа наемни работници би била уништена од машинеријата, колку страшно би било тоа за капиталот, којшто без наемен труд престанува да биде капитал!

Но да земеме дека работниците што машината непосредно ги оттргна од работа и оној дел од новите генерации што чекаше на таа работа - да најдат ново занимање. Верувате ли дека и новата работа ќе биде платена онолку колку и загубената? Тоа би им се противело на сите закони од економијата. Ние видовме како со напредокот на модерната индустрија попростата, нижата работа го зазема местото на посложената, вишата.

Па како тогаш оние работници што машинеријата ги исфрлила од некоја индустриска гранка ќе најдат прибежиште во друга гранка освен за пониска, полоша награда?

Како на исклучок се укажуваше на оние работници што работат во фабрикацијата на самата машинерија. Штом индустријата бара и троши повеќе машинерија, машините неминовно мораат да се умножуваат, според тоа и фабрикацијата на машините и бројот на работниците во фабрикацијата на машините, a работниците во оваа индустриска гранка доаѓаат во редот на изучените, дури и квалификуваните работници. 

По 1840 година ова дотогаш полувистинито тврдење ја загуби последната трага од вистината, бидејќи машините за фабрикација на машини се применуваат сè посестрано, како и машините за фабрикација на памучната преѓа, а работниците во фабриките за машини, во споредба со многу совршените машини, можат да го пополнуваат само местото на сосема несовршени машини.

Но на местото од човекот што го истера машината, фабриката можеби прими три деца и една жена! А зарем наемнината на мажот не можеше да биде доволна за издржување на три деца и жена? Зарем минимумот на наемнината не мораше да биде доволен за одржување и множење на расата? Што докажува, значи, оваа омилена буржоаска фраза? Ништо повеќе туку дека сега е потребно за издржување на едно работничко семејство да се трошат четири пати повеќе работнички животи од порано.

Да резимираме: до колку продуктивниот капитал повеќе расте, дотолку повеќе се проширува поделбата на трудот и примената на машинеријата. До колку повеќе се прошируваат поделбата на трудот и примената на машинеријата, до толку повеќе се развива конкуренцијата меѓу работниците, до толку повеќе им опаѓа наемнината.

Покрај тоа работничката класа се регрутира уште и од вишите слоеви на општеството; во неа се струполува маса од ситни индустријалци и ситни рентиери, на кои сега првата грижа им е да ја подигнат својата рака покрај работничките раце. Така шумата од дигнати раце што бараат работа станува сè погуста, а рацете се помршави.

По себе се разбира дека ситниот индустријалец не е во состојба да ја издржи борбата во која на прво место се бара да се произведува во сè поголеми размери, тоа значи да се биде голем, а не мал индустријалец.

Исто така не е потребно понатаму да се објаснува дека каматата од капиталот опаѓа со масата и намножувањето на капиталот, па според тоа дека малиот рентиер не може понатаму да живее од својата рента, дека поради тоа мора да се сврти кон индустријата, да влезе во редовите на ситните индустријалци и со тоа да го зголеми бројот на кандидатите за пролетаријат.

Најпосле, до колку изложеното движење ги принудува капиталистите во сè поголем размер да ги експлоатираат џиновските средства за производство што веќе постојат и со таа намера да ги раздвижат сите тркала на кредитот, до толку повеќе се множат индустриските земјотреси, во кои стопанскиот свет се одржува единствено жртвувајќи им на подземните богови еден дел од богатството, од производите и дури од производните сили - со еден збор кризите се умножуваат. Тие стануваат сè почести и сè поостри, покрај другото, поради тоа што колку повеќе расте количината производи, значи потребата за поголеми пазари, толку светскиот пазар станува сè помал, нови пазари за експлоатација остануваат сè помалку, зашто секоја поранешна криза и' ги отвораше на светската трговија вратите на дотогаш неосвоените или одвај површно експлоатираните пазари. Но капиталот не живее само од трудот. Како некаков отмен и варварски господар во исто време, тој со себе ги носи во гробницата труповите на своите робови, цели хекатомби од работници, што пропаѓаат во кризите. Гледаме значи: ако капиталот расте брзо, неспоредливо побрзо расте конкуренцијата меѓу работниците, т.е. до толку побргу релативно опаѓаат изворите на заработувачката, средствата за живот на работничката класа, па сепак брзото растење на капиталот е најповолната околност за наемниот труд.


Забелешки на уредникот

[1] Во поранешните изданија во текстот од брошурката се давани два поднаслови: „Што е наемнина? Како се одредува таа?" и „Co што се одредува цената на некоја стока?" Но под поднасловот „Со што се одредува цената на некоја стока" во брошурката се разгледуваше не само прашањето за цената, туку се разгледуваа и прашањата како што се „трошоци на производството", „трошоци на производство на работната сила", „капитал“, „капитал и наемен труд", „релативна наемнина", „номинална и реална наемнина", „поделба на трудот", „машини", „релативно и апсолутно осиромашување на работничката класа".

Проверувањето покажа дека ни во текстот што го објави „Нов рајнски весник" ни во фотокопијата на преписот што потекнува од Марксовиот пријател Јозеф Вајдемајер ги нема тие поднаслови. Тие се појавуваат само во „посебните отпечатоци" од „Нов рајнски весник", што се издавани без учество на Маркс и Енгелс.

Поради тоа во ова издание тие поднаслови се вклучени во текстот, како што тоа беше во оригиналот. Текстот е разделен на пет дела според поделбата на статиите што ја изврши самиот Маркс кога го печатеше својот труд во „Нов рајнски весник". Во споменатиот Вајдемаеров препис Марксовиот спис има наслов „Наемнина", а исто така го вика тој спис и самиот Маркс во писмото до Вајдемајер од 1 август 1849.

[2] To ест Револуцијата од 23-24 февруари 1848 во Париз, од 13 март во Виена и од 18 март во Берлин.

[3] Карактеристиката на тие „социјалистички маѓосници" види ја во Енгелсовиот предговор кон германското издание на „Манифестот на комунистичката партија" од 1890 година.

[4] Покрај аналогната Марксова поставка во „Беда на филозофијата" Енгелс ја става оваа забелешка: „Законот дека 'природната', т.е. нормалната цена на работната сила се поклопува со минимумот наемнина, т.е. со еквивалентот на вредноста на средствата за живот што се апсолутно потребни за животот и множењето на работникот - тој закон прв јас го поставив во 'Нацртот за критиката на политичката економија' (Deutsch-Französische Jahrbücher, Париз 1844) и во 'Положбата на работничката класа во Англија'. Како што се гледа од горното, Маркс во ова време гo усвои тој закон. Од нас двајцата го прифати Ласал. Но, иако наемнината во стварноста има постојана тенденција да му се приближи на својот минимум, сепак горниот закон е неточен. Фактот дека работната сила по правило и просечно се плаќа под нејзината вредност, не може да ја измени нејзината вредност. Mаркc ja исправи горната поставка во „Капиталот" (Одделот: Купувачка и продажба на работната сила), а ги изложи и околностите што му дозволуваат на капиталистичкото производство сè повеќе и повеќе да ja намалува цената на работната сила под нејзината вредност. (Глава ХХШ. Општ закон на капиталистичката акумулација).“ 

[5] На ова место терминот „работна сила" не го ставил Енгелс, туку тој веќе се наоѓа во текстот што Маркс го објавил во „Нов рајнски весник".


Содржина