Напишано:
1899
Извор: Ivan Prpić (red.) „Revizionizam"
Издавач: "Globus" (Zagreb) 1981.
Превод: Здравко Савески, од хрватски јазик
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн
верзија: март 2007
„И поради тоа законот за 10-часовен работен ден не беше само голем практичен успех, тој беше победа на принципот.“
Карл Маркс „Инаугурално обраќање на Интернационалата“
Овој труд е посветен, главно, на образложување на погледите кои потпишаниот ги разви во писмото до партискиот конгрес на германската социјалдемократија, одржан во Штутгарт од 3 до 8 октомври 1898.
Тоа писмо гласеше:
„Неодамна во социјалистичките весници и собранија се расправаше за погледите кои ги изнесов во серијата 'Проблемите на социјализмот' и беше поставено барање партискиот конгрес на германската социјалдемократија да заземе став во врска со нив. Во случај да се случи тоа и партискиот конгрес да го усвои тоа барање, се чувствувам повикан да го изјавам следново:
Само по себе се подразбира дека гласањето на едно собрание, па било тоа не знам колку високо, не може да ме оддалечи од моите погледи, кои ги стекнав преку проучување на општествените појави. Она што го напишав во 'Ноје цајт' е израз на моето уверување, од кое не се сметам повикан да отстапам ниту во една важна точка.
Но исто така е разбирливо само по себе дека гласањето на партискиот конгрес може да ми биде сè само не рамнодушно. И поради тоа ќе биде разбирливо ако пред сè чувствувам потреба да се обезбедам против погрешните излагања на своите разгледувања и погрешните заклучоци од нив. Спречен сам да се појавам на конгресот, тоа го правам овде по писмен пат.
Од извесна страна се тврдеше дека практичниот заклучок од моите расправи е откажувањето од освојувањето на политичката власт од политички и економски организираниот пролетаријат.
Тоа е целосно самоволен заклучок, чија исправност решително ја оспорувам.
Истапив против гледиштето дека стојам пред крах на граѓанското општество кој треба наскоро да се очекува и дека социјалната демократија треба да ја одреди својата тактика во однос на таквата претстојна голема општествена катастрофа, односно да ја направи зависна од себе. На тоа останувам во целост.
Приврзаниците на оваа теорија на катастрофата главно се повикуваат на мислите развиени во „Комунистичкиот манифест“. Во секој поглед без право.
Прогнозата која „Комунистичкиот манифест“ ја постави за развојот на модерното општество беше точна дотолку доколку ги означуваше општите тенденции на тој развиток. Меѓутоа, таа се лажеше во различните посебни заклучоци, пред сè во процената на времето кое ќе го бара развојот. Тоа без заобиколувања го призна Фридрих Енгелс, коавторот на „Манифестот“, во Предговорот кон „Класните борби во Франција“. Меѓутоа, сосема е јасно дека - бидејќи економскиот развој бараше многу поголем временски распон отколку што се претпоставуваше - тој истовремено мораше да се здобие со форми и мораше да води кон облици кои не беа и не можеа да бидат предвидени во „Комунистичкиот манифест“.
Општествените односи не се заоструваа онака како што тоа го прикажува „Манифестот“. Не е само бескорисно, туку е и најголема глупост тоа да го криеме од себе. Бројот на поседници не се намали, туку се зголеми. Големото зголемување на општественото богатство не е пропратено со сè помал број на магнати на капиталот, туку со сè поголем број капиталисти од сите степени. Средните слоеви го менуваат својот карактер, но не исчезнуваат од општествената скала.
Производството не се концентрира во индустријата, ниту денес насекаде со иста сила и брзина. Во голем број производствени гранки тоа, навистина, ги оправдува сите претскажувања на социјалистичката критика, но во други гранки уште денес заостанува зад нив. Уште побавно тече процесот на концентрација во земјоделството. Индустриската статистика покажува исклучително степенест состав на погоните, ниту една класификациска класа не се подготвува да исчезне од неа. Важните промени во внатрешната структура на погоните и на нивните меѓусебни односи не можат да залажат кога станува збор за тој факт.
Од политичка гледна точка гледаме дека привилегиите на капиталистичката буржоазија во сите напредни земји чекор по чекор отстапуваат пред демократските установи. Под нивно влијание и придвижена од работничкото движење, кое стануваше сè посилно, настана општествена противакција против експлоататорските тенденции на капиталот, која денес сè уште додуша настапува многу плашливо и внимателно, но која сепак постои и подведува под свое влијание сè поголем број подрачја на економскиот живот. Фабричкото законодавство, демократизацијата на општинските управи и проширувањето на нивното подрачје на работа, ослободувањето на синдикалното движење и задругарство од сите законски пречки, земањето во предвид на работничките организации при сите работи, кои ги разделува јавната власт, го карактеризираат овој степен од развојот. Тоа што во Германија сè уште може да се мисли дека се ограничуваат синдикатите не е знак на високиот степен, туку на заостанатоста на нејзиниот политички развој.
Меѓутоа, колку повеќе се демократизираат политичките установи на модерните нации толку помалку има нужност и прилики за големи политички катастрофи. Оној што останува при теоријата на катастрофите, мора по можност да се бори против овде-зацртаниот развој и да се обиде да го спречи, како што, впрочем, претходно и правеа доследните застапници на таа теорија. Меѓутоа, значи ли освојувањето на политичката власт од страна на пролетаријатот само освојување на таа власт по пат на политичка катастрофа? Дали тоа значи исклучиво заземање и искористување на државната власт од страна на пролетаријатот против целиот непролетерски свет?
Оној што тоа го тврди, овде ќе го потсетиме на две работи. Во 1872 Маркс и Енгелс во Предговорот кон новото издание на „Комунистичкиот манифест“ објавија дека Париската комуна особено докажа дека „работничката класа не може едноставно да ја преземе готовата државна машина и да ја стави во погон за своите сопствени цели.“ А во 1895 Фридрих Енгелс во Предговорот кон „Класните борби“ опширно образложи дека денес помина времето на политичките препади, времето на „револуции кои ги водеа мали свесни малцинства на чело на несвесни мнозинства“, дека судирот со војската во големи размери би бил средство да се запре постојаниот пораст на социјалната демократија, па дури и да се врати наназад за некое време - накратко, дека социјалната демократија напредува „далеку подобро преку законските средства отколку преку незаконски и преку преврат.“ Според тоа, и тој го означува како следен чекор на партијата „непрестајно да го подржува порастот на своите гласови“ - односно, „бавната пропаганда на парламентарното делување.“
Така Енгелс, како што покажуваат неговите примери со бројки, при сето тоа сè уште нешто ја прецени брзината на развојниот тек. Дали за него ќе кажеме дека се одрекол од освојувањето на политичката власт од страна на работничката класа, зашто сакаше да избегне преку политичка катастрофа да се прекине постојаниот пораст на социјалната демократија, кој беше обезбеден преку законски дозволената пропаганда?
Ако не, ако ги потпишуваме неговите разгледувања, тогаш исто така не можеме разумно да негодуваме кога се изјавува дека она што социјалната демократија уште долго треба да го прави наместо да шпекулира со голем крах е „политички да се организира работничката класа и да се гради за демократијата, како и да се бори за сите реформи во државата, кои се погодни да ја подигнат работничката класа и државата да ја преобликуваат во духот на демократијата.“
Тоа го кажав во својата статија што беше нападната, а тоа и денес го сметам во целосна мера за исправно. Кај прашањето за кое станува збор тоа се сведува на исто, како и Енгелсовите ставови, зашто демократијата значи секогаш толку владеење на работничката класа колку што таа е во состојба да ја врши според својата интелектуална зрелост и висината на развитокот на економскиот развој. Впрочем, Енгелс на наведеното место исто така изречно се повикува на тоа дека уште „Комунистичкиот манифест“ „го прогласи извојувањето на демократијата како една од првите и најважните задачи на борбениот пролетаријат.“
Накратко, Енгелс е така убеден во надживеаноста на тактиката која се потпира на катастрофи што смета дека е потребно, и за романските земји, каде што традицијата е многу поприкладна отколку во Германија, да се изврши нејзина ревизија. „Ако се променија условите за војна помеѓу народите, ништо помалку не се променија и условите за класна борба“, пишува тој. Зарем тоа веќе се заборави?
Никој не ја доведуваше во прашање нужноста од извојување на демократијата за работничката класа. Се препираше само за теоријата на сломот и околу прашањето дали при денешниот развој на Германија и степенот на зрелост на нејзината работничка класа во градовите и селата, на социјалната демократија може да и' е до ненадејна катастрофа. Јас одречно одговорив на прашањето, а тоа сè уште го правам, зашто според моето мислење посигурна гаранција за потраен успех се наоѓа во непрестајното движење напред, а не во можностите што ги пружа катастрофата.
И поради тоа, бидејќи сум цврсто уверен дека не можат да се прескокнат важните епохи во развојот на народот, им придавам најголема вредност на најблиските задачи на социјалната демократија, на борбата за политичките права на работниците, на политичкото делување на работниците во градот и општината за интересите на својата класа и за делото на економската организација на работниците. Во таа смисла своевремено ја напишав реченицата дека за мене движењето е сè - а дека она што обично се нарекува крајна цел на социјализмот не ми е ништо, и во таа смисла и денес ја потпишувам. Дури и кога зборот „обично“ не би означувал дека реченицата треба да се сфати само условно, сосема е јасно дека таа не можеше да изразува рамнодушност во однос на конечното спроведување на социјалистичките начела, туку само рамнодушност, или можеби, подобро кажано, незагриженост за она „како“ на конечното обликување на работите. Никогаш не сум имал интерес за иднината, кој би одел подалеку од општите начела, никогаш не сум можел до крај да прочитам ниту еден опис на иднината. Сите мои мисли и настојувања се насочени кон задачите на сегашноста и на најблиската иднина, а перспективите кои одат понатаму од тоа ме интересираат само дотолку доколку ми даваат патоказ за најцелисходно делување.
Освојувањето на политичката власт од страна на работничката класа и експропријацијата на капиталистите не се сами по себе никакви крајни цели, туку само средства за спроведување на одредени цели и стремежи. Како такви тие се програмски барања на социјалната демократија и никој не ги оспорува. Не може ништо однапред да се каже околу околностите за нивно спроведување, можеме само да се бориме за нивно остварување. Меѓутоа, за освојување на политичката власт е потребно да се поседуваат политички права, а, ми се чини, дека најважното прашање на тактиката кое германската социјална демократија мора сега да го реши е прашањето за најдобриот пат кон проширување на политичките и работничките права на германските работници. Ако на тоа прашање не се најде задоволителен одговор, нагласувањето на другите на крајот на краиштата би било само декламација.
На таа изјава се надоврза кратка полемика помеѓу мене и Карл Кауцки, во која влезе и Виктор Адлер во „Виенер Арбајтерцајтунг“. Таа ме поттикна на друга изјава, печатена во „Форверц“ од 23 октомври 1898, од која овде ги објавувам следните извадоци:
„Во своите одговори на мојата статија 'Освојувањето на политичката власт', печатени во 'Форверц', Карл Кауцки и Виктор Адлер изразија мислење, кое веќе претходно ми го соопштија во писмо, дека би бил пожелен, во облик на книга, сумарен приказ на моето гледиште, кое го развив во 'Проблемите на социјализмот'. Досега се противев на советот на тие пријатели, зашто мислев (а тоа и сега го мислам) дека тенденцијата на тие статии сосема се наоѓа на општата развојна линија на социјалната демократија. Меѓутоа, бидејќи тие јавно го повторија и бидејќи истата желба ја изразија и разни други пријатели, се решив да се одзвам на тој повик и во едно дело систематски да го развијам моето сфаќање за целта и задачите на социјалната демократија...
Адлер и други негодуваа околу тоа што го ставив во изглед ублажувањето на класната борба со развојот на демократските установи и мислеа дека односите ги гледам исклучиво преку англиски очила. Меѓутоа, ова последното никако не е случај. Дури и ако се претпостави дека ставот „поразвиената земја и' ја покажува на помалку развиената сликата на нејзината иднина“ во последно време ја изгубил својата важност и ако се земат предвид сите големи разлики помеѓу развојот на Континентот и во Англија, кои ниту мене не ми се сосема непознати, моето гледиште се потпира на појави на Континентот, кои понекогаш, во жарот на борбата, можеби се превидуваат, но кои не можат трајно да се одрекуваат. Насекаде во развиените земји гледаме дека класната борба добива поблаги облици, а кога би било поинаку, погледот во иднината би бил помалку полн со надеж. Само по себе е разбирливо дека општиот тек на развојот не исклучува периодични назадоци, но ако се предочи каков став, на пример, во самата Германија зазема сè поголем дел од граѓанската јавност кон штрајкот, дека со многу штрајкови денес се постапува сосема поинаку, поразумно отколку пред 10-20 години, тогаш сепак не може да се порекне дека овде треба да се одбележи напредок. Ако тоа и не зборува - да кажеме со Маркс - „дека утре ќе се случи чудо“, тоа сепак, според моето мислење, на социјалистичкото движење му го покажува патот кој влева повеќе надеж од теоријата на катастрофата и нема да оди на штета ниту на воодушевувањето ниту на енергијата на неговите борци. Тоа Адлер сигурно нема да ми го оспорува.
Имаше време кога моето сфаќање нема да наидеше на противење во партијата. Ако денес е поинаку, во тоа гледам разбирлива реакција на одредени појави на времето, која ќе исчезне со тие појави и ќе му овозможи враќање на сфаќањето дека, при зголемувањето на демократските установи, дури ниту пред позначајните класни борби не може да се запре похуманиот начин на разбирање, кој во нашиот преостанат општествен живот се пробива пополека но постојано, туку дека токму за нив ќе се создадат поблаги облици на решавање. Преку гласачките ливчиња, демонстрациите и сличните средства на притисок ние денес спроведуваме реформи за кои пред стотина години беа потребни крвави револуции.“
Лондон, 20 октомври 1898.
Во духот на овие размислувања е составен трудот кој следи.
Сосема сум свесен за тоа дека тој во различни важни точки отстапува од гледиштата што во теоријата ги застапуваа Карл Маркс и Фридрих Енгелс - луѓето чии списи најсилно влијаеја врз моето социјалистичко мислење и од кои еден, Фридрих Енгелс, не само што ме почести до својата смрт со лично пријателство, туку и со своите последни одлуки и отаде гробот ми пружи доказ за својата голема доверба. Тоа отстапување во начинот на сфаќање, се разбира, не датира од неодамна; тоа е производ на долгогодишна внатрешна борба, за која можам да докажам дека не му беше тајна на Фридрих Енгелс, како што воопшто морам да го бранам Енгелс од тоа дека беше така ограничен за од своите пријатели да бара безусловна согласност со неговите погледи. Секако дека после изложеното ќе се разбере зошто досега избегнував на излагањето на моите различни погледи да му дадам облик на критика на Маркс-Енгелсовото учење. Тоа досега можеше да се избегне дотолку полесно со оглед на тоа што околу практичните прашања за кои овде станува збор Маркс и Енгелс со текот на времето исто така значително ги променија своите гледишта.
Сега тоа се промени. Сега имам полемичка работа со социјалисти, кои, како и јас, произлегоа од Маркс-Енгелсовата школа, па во врска со нив сум присилен, ако сакам да ги застапувам своите погледи, да предупредам на точките каде што ми се чини дека Маркс-Енгелсовата доктрина греши, или се движи во противречности.
Не ја избегнував таа задача, но таа, поради наведената лична причина, не ми беше лесна. Го признавам тоа отворено за читателот во нерешителниот, тежок облик на првото поглавје да не бара несигурност во работата. Зад она што го напишав стојам со целосна решителност. Но не секогаш можев да го изберам оној облик и оние аргументи со чија помош моите мисли најостро би дошле до израз. Во тој поглед мојот труд многу заостанува зад некои други трудови на истата тема. Нешто што пропуштив во првите оддели надоместив во завршното поглавје. Понатаму, бидејќи нешто се одложи објавувањето на трудот, нешто е придодадено кон поглавјето за задругите, при што не можеа да се избегнат некои повторувања.
Впрочем, нека трудот зборува сам за себе. Не сум толку наивен за да очекувам дека тој веднаш ќе ги преобрати оние што истапија против моите претходни расправи, ниту пак сум толку луд за да барам оние што принципиелно стојат со мене на исто гледиште да го потпишат сето она што го кажав во него. Навистина, лошата страна на трудот е што опфаќа премногу. Штом почнав да зборувам во врска со денешните задачи, морав, доколку не сакав да пливам во општи места, да навлезам во различни поединечни прашања, за кои се неизбежни различни мислења дури и помеѓу оние што инаку се истомисленици. А сепак економијата на трудот бараше и овде да се ограничам на нагласување на некои главни точки, повеќе да потенцирам отколку да докажувам. При сето тоа не ми беше до тоа да ми се одобрува во сите поединечни прашања. Ми беше до тоа, тоа е основната цел на овој труд, преку сузбивање на остатоците на утопискиот начин на размислување во социјалистичката теорија да ги зајакнам рамномерно реалистичкиот и идеалистичкиот елемент во социјалистичкото движење.
Лондон, јануари 1899.
Ед. Бернштајн