Во каков однос стојат комунистите спрема пролетерите воопшто?
Комунистите не ce некоја посебна партија спрема другите работнички партии.
Тие немаат никакви интереси одделни од интересите на целокупниот пролетаријат.
Тие не поставуваат никакви посебни принципи во кои би сакале да го вкалапат пролетерското движење.
Комунистите ce разликуваат од другите пролетерски партии само со тоа што,
(1) во различните национални борби на пролетерите ги истакнуваат и спроведуваат заедничките, од националноста независни интереси на целокупниот пролетаријат
(2) со тоа што тие на различните степени од развитокот низ кои преминува борбата помеѓу пролетаријатот и буржоазијата постојано и насекаде ги застапуваат интересите на целокупниот пролетаријат.
Комунистите ce, значи, во практика најрешителниот и најнапредниот дел од работничките партии на сите земји, дел го ги бутка нанапред сите останати, a во теоретски поглед тие ја имаат пред останатата маса на пролетаријатот таа предност што ги разбираат условите, текот и општите резултати на пролетерското движење.
Најблиската цел на комунистите е таа што и на сите други пролетерски партии: формирањето на пролетаријатот во класа, рушењето на буржоаското господство, освојувањето на политичката власт од страна на пролетаријатот.
Теоретските поставки на комунистите никако не ce основаат на некакви идеи што ги измислил или ги открил овој или оној поправач на светот.
Тие ce само општи изрази на вистинските односи на постојната класна борба, на историското движење што ce извршува пред нашите очи. Укинувањето на досегашните сопственички односи не е нешто што посебно го карактеризира комунизмот.
Сите сопственички односи биле подложени на постојано историско сменување, на постојано историско изменување.
Француската револуција, на пример, ја укина феудалната сопственост во полза на буржоаската.
Она што го одликува комунизмот не е укинувањето на сопственоста воопшто, туку укинувањето на буржоаската сопственост.
Но современата буржоаска приватна сопственост е последниот и најсовршен облик на таквото производство и присвојување на производи што ce држи на класни спротивности, на експлоатирање едни од други.
Во таа смисла комунистите можат да ја изразат својата теорија со една поставка: укинување на приватната сопственост.
Нам, на комунистите, ни ce префрлаше дека сакаме да ја укинеме лично стекнатата, со труд добиената сопственост; сопственоста што претставува основа на секоја лична слобода, дејност и самостојност.
Заработената, стекнатата, добиената со својот труд сопственост! Зборувате ли вие за малограѓанската, ситната селанската сопственост, која и’ претходеше на буржоаската? Неа нема зошто да ја укинуваме, развитокот на индустријата ја укина неа и секојдневно ја укинува.
Или, можеби, вие зборувате за современата буржоаска приватна сопственост?
Но зар наемниот труд, трудот на пролетерот, му создава нему сопственост? Никако! Тој создава капитал, т.е. сопственост што го експлоатира наемниот труд, што може да ce зголемува само под услов ако раѓа нов наемен труд за пак одново да го експлоатира него. Сопственоста во нејзиниот денешен вид ce движи во спротивноста на капиталот и наемниот труд. Да ги разгледаме обете страни на таа спротивност.
Да ce биде капиталист не значи да ce заземе само некоја чисто лична, туку и општествена положба во производството. Капиталот е заеднички производ и може да ce стави во движење само со заедничка акција на многу членови на општеството, a во крајна линија, само со заедничка акција на сите членови на општеството.
Капиталот, значи, не е само личен; тој е општествена сила.
Кога капиталот е претворен во општа сопственост што ќе им припаѓа на сите членови на општеството, значи, тогаш тоа нема да биде претворување на личната сопственост во општествена. Ќе ce измени само општествениот карактер на сопственоста. Таа ќе го изгуби својот класен карактер.
Да преминеме сега на наемниот труд.
Просечната цена на наемниот труд е минимумот на наемнината, т.е. сумата животни средства што ce потребни за одржување на животот на работникот како работник. Според тоа, она што наемниот работник си го присвојува со својата дејност стигнува само за тоа одново да му го произведе неговиот гол живот. Ние никако не сакаме да го укинеме тоа лично присвојување на производите на трудот што служат за одржување и репродукција на човековиот живот, зашто тоа присвојување не остава никаков чист приход што би можел да создаде власт над туѓиот труд. Ние сакаме да го укинеме само бедниот карактер на тоа присвојување, во кое работникот живее само за да го зголемува капиталот, и живее само до толку до колку тоа го бараат интересите на владејачката класа.
Во буржоаското општество живиот труд е само средство за зголемување на натрупаниот труд. Во комунистичкото општество натрупаниот труд е само средство за проширување, збогатување, унапредување на животниот процес на работниците.
Во буржоаското општество, значи, минатото владее над сегашнината, во комунистичкото општество сегашнината над минатото. Во буржоаското општество капиталот има самостојност и индивидуалност, додека живата индивидуа е зависна и обезличена.
И укинувањето на тие односи буржоазијата го нарекува укинување на личноста и слободата! Таа е во право. Навистина, ce работи за укинување на буржоаската личност, буржоаската самостојност, буржоаската слобода.
Под слобода, во рамките на денешните буржоаски производствени односи, ce подразбира слобода на трговијата, слобода на купувањето и продавањето.
Ако отпадне тргувањето, тогаш отпаѓа и слободното тргување. Прикаските за слободно тргување, како и сите други слободарски декламации на нашата буржоазија имаат некаква смисла само во однос на врзаното тргување, во однос на потчинетиот граѓанин на Средниот век, но не и во однос на комунистичкото укинување на тргувањето, на буржоаските производствени односи и на самата буржоазија.
Вие ce згрозувате од тоа што ние сакаме да ја укинеме приватната сопственост. Но во вашето денешно општество приватната сопственост е укината за девет десеттини од неговите членови; таа токму за тоа и суштествува зашто не суштествува за девет десеттини. Вие, значи, нам ни префрлате што сакаме да укинеме една сопственост што го претпоставува како нужен услов немањето на сопственост кај огромното мнозинство на општеството.
Со еден збор, вие ни префрлате дека сакаме да ја укинеме вашата сопственост. Да, навистина, ние тоа го сакаме.
Вие велите: штом трудот нема да може повеќе да ce претворува во капитал, пари, земјишна рента, накратко — во општествена сила што може да ce монополизира, штом личната сопственост нема да може повеќе да ce претворува во буржоаска сопственост, ќе биде укината и личноста.
Вие, значи, признавате дека под личност не подразбирате никого друг освен буржујот, т.е. буржоаскиот сопственик. A таквата личност треба навистина да биде укината.
Комунизмот не му ја зема на никого можноста да присвојува за себе општествени производи, тој ја зема само можноста со тоа присвојување да ce подјармува за себе туѓиот труд.
Приговорено е дека со укинувањето на приватната сопственост ќе престане секоја дејност и ќе настапи општа мрзеливост.
Во таков случај буржоаското општество би морало одамна да загине од мрзеливост, зашто оние што во него работат не заработуваат ништо, a оние што печалат не работат. Сите тие приговори ce сведуваат на тавтологијата дека веќе не ќе има наемен труд, штом веќе не ќе има капитал.
Сите приговори управени против комунистичкиот начин на присвојување и произведување на материјалните производи, проширени ce исто така и на присвојувањето и произведувањето на духовните производи. Како што за буржујот укинувањето на класната сопственост значи престанување на самото производство, исто така за него престанувањето на класната култура е идентично со престанувањето на културата воопшто.
Таа културата, за чија загуба тој плаче, за огромното мнозинство е само претворување во машина.
Но немојте со нас да ce расправате, мерејќи го укинувањето на буржоаската сопственост со вашите буржоаски претстави за слободата, култура, правото итн. Самите ваши идеи ce производ на буржоаските производствени и сопственички односи, како што е и вашето право само во закон претворена волјата на вашата класа, волја на која содржината и е дадена во материјалните услови на животот на вашата класа.
Вашето пристрасно сфаќање, во кое вие вашите производствени и сопственички односи ги претворувате од историски односи, преодни во текот на производството, во вечни закони на природата и на разумот, заедничко ви е на сите пропаднати владејачки класи. Кога ce зборува за буржоаската сопственост, вие не смеете повеќе да го разберете тоа што ви е разбирливо кога ce зборува за античката или за феудалната сопственост.
Укинување на семејството! Дури и крајните радикали ce згрозуваат од оваа гнасна намера на комунистите.
На што е основано денешното буржоаско семејство? На капиталот, на приватната печалба. Него го развива наполно само буржоазијата; но тоа го наоѓа своето дополнување во принудната бессемејност на пролетерите и во јавната проституција.
Ce разбира дека буржоаското семејство отпаѓа со отпаѓањето на ова негово дополнување, a и едното и другото ќе исчезнат со исчезнувањето на капиталот.
Или вие ни префрлате за тоа дека сакаме да ја укинеме експлоатацијата на децата од страна на нивните родители? Ние тој злочин го признаваме.
Но вие велите дека ние ги укинуваме најмилите за човека односи, зашто на местото на домашното воспитување го ставаме општественото воспитување.
A зар вашето воспитување не е определено од општеството? не ce определува ли тоа од општествените односи во кои вие воспитувате, не ce определува ли од непосредното или посредното мешање на општеството, преку училиштето итн.? Комунистите не го измилуваат влијанието на општеството врз воспитувањето; тие само го менуваат неговиот карактер, тие го истргнуваат него од под влијанието на владејачката класа.
Буржоаските фрази за семејството и воспитувањето, за нежните односи меѓу родителите и децата стануваат толку поодвратни колку повеќе ce разрушуваат сите семејни врски во средината на пролетаријатот, поради развитокот на крупната индустрија, колку повеќе децата ce претвораат во обични предмети за трговија и во орудија на трудот.
Но вие комунистите сакате да воведете заедница на жените — ни вика во хор целата буржоазија.
Буржујот гледа во својата жена просто орудие за производство. Тој слуша дека орудијата за производство треба заеднички да ce експлоатираат и, ce разбира, не може да ce истргне од мислата дека и жените ќе ги постигнела истата судбина.
Тој дури и не слути дека ce работи токму за тоа да ce укине положбата во која жените ce само орудие за производство.
Туку, нема ништо посмешно од високоморалниот ужас на нашите буржуи од божемната официјална комунистичка заедница на жените. Комунистите немаат потреба да воведуваат заедница на жените, неа речиси секогаш ја имало.
Нашите буржуи, не задоволувајќи ce со тоа што им ce на располагање жените и ќерките на нивните работници, a и да не говориме за официјалната проституција, наоѓаат особено задоволство во тоа да си ги соблазнуваат жените едни со други.
Буржоаскиот брак во стварноста е заедница на жените. На комунистите најмногу би смеело да им ce префрли дека, наместо лицемерно прикриената, сакаат да воведат официјална, отворена заедница на жените. Туку, само по себе ce разбира дека со укинувањето на сегашните производствени односи ќе исчезне и заедницата на жените што од нив произлегува, т.е. официјалната и неофицијалната проституција.
На комунистите понатаму им е префрлено дека сакаат да ја укинат татковината, народноста.
Работниците немаат татковина. Ним не може да им ce земе она што го немаат. Но бидејќи пролетаријатот прво мора да ја освои политичката власт, да ce подигне до положбата на национална класа, да ce конституира самиот како нација, тој е засега cè уште национален, иако никако не во буржоаска смисла.
Националните изделувања и спротивностите на народите cè повеќе исчезнуваат веќе со развитокот на буржоазијата, со слободата на трговијата, со светскиот пазар, со еднообразноста на индустриското производство и на животните услови што нему му одговараат.
Власта на пролетаријатот уште повеќе ќе го забрза нивното исчезнување. Обединетата акција, барем во цивилизираните земји, е еден од првите услови на неговото ослободување.
Во онаа мера во која ce укинува експлоатацијата на еден индивидуум од друг, ce укинува и експлоатацијата на една нација од друга.
Со паѓањето на спротивноста на класите во рамките на самата нација паѓа и непријателскиот став меѓу народите.
Обвинувањата што ce подигаат против комунизмот од религиозно, филозофско и воопшто идеолошко становиште, не заслужуваат за нив поопширно да ce говори.
Зар треба длабока мудрост па да ce разбере дека со животните услови на луѓето, со нивните општествени односи, со нивното општествено битие, ce менуваат и нивните претстави, погледи и поими, со еден збор и нивната свест?
Што докажува историјата на идеите, ако не тоа дека духовното производство ce менува заедно со материјалното? Владејачките идеи на кое и да било време биле секогаш само идеи на владејачката класа. Ce зборува за идеи што го револуционизираат целото општество. Со тоа само ce искажува фактот дека во рамките на старото општество ce изградиле елементите на новото општество, дека со распаѓањето на старите животни услови врви заедно и распаѓањето на старите идеи.
Кога стариот свет пропаѓаше, старите религии беа победени од христијанската религија. Кога во XVIII век христијанските идеи им подлегнаа на идеите на просветеноста, феудалното општество ја водеше својата смртна борба против тогаш револуционерната буржоазија. Идеите за слобода на совеста и на религијата беа само израз на владеењето на слободната конкуренција во областа на совеста.
„Но — ќе ни речат — религиозните, моралните, филозофските, политичките, правните идеи итн., навистина ce изменувале во текот на историскиот развиток. Но религијата, моралот, филозофијата, политиката и правото секогаш ce одржувале во тоа непрекинато изменување.
Освен тоа има вечни вистини, како слободата, справедливоста итн., кои им ce заеднички на сите општествени устројства. A комунизмот ги укинува вечните вистини, ја укинува религијата, го укинува моралот, наместо да им даде нова форма; значи, тој му противречи на целокупниот досегашен историски развиток".
На што ce сведува ова обвинување? Историјата на целото досегашно општество ce движеше во класни спротивности, кои во различни епохи имаа различни форми.
Но какви форми тие и да земаа, експлоатацијата на еден дел од општеството од страна на друг дел претставува факт заеднички на сите изминати векови. Затоа не е чудно што општествената свест на сите векови, и покрај својата разноликост и различност, ce движи во извесни заеднички форми, во форми на свест што наполно ќе исчезнат дури со целосното исчезнување на класните спротивности.
Комунистичката револуција е најрадикално прекинување со сопственичките односи наследени од минатото, па не е чудо што во текот на нејзиниот развиток најрадикално ce прекинува со идеите наследени од минатото.
Туку, да ги оставиме забелешките на буржоазијата против комунизмот.
Ние видовме веќе погоре дека прв чекор на работничката револуција е издигањето на пролетаријатот во владејачка класа, извојувањето на демократијата.
Пролетаријатот ќе ја искористи својата политичка власт за да го истргне постепено од буржоазијата целиот капитал, за да ги централизира сите орудија за производство во рацете на државата, т.е. на пролетаријатот организиран како владејачка класа, и колку ce може побрзо да ја зголеми масата на производните сили.
Отпрвин, ce разбира, тоа може да стане само со помош на деспотско посегање но правото на сопственоста и во буржоаските производствени односи, значи со помош на мерки што економски изгледаат недостатни и неодржливи, но кои во текот на движењето ce надраснуваат самите себеси и ce неизбежни како средство за извршување на преврат во сиот начин на производство.
Тие мерки ќе бидат, ce разбира, во различните земји различни.
Меѓутоа, за најнапредните земји следниве мерки имаат прилично општа примена:
1. Експропријација на земјишната сопственост и употреба на земјишната рента за покривање на државните издатоци.
2. Силно прогресивен данок.
3. Укинување на правото на наследство.
4. Конфискација на имотот на сите емигранти и бунтовници.
5. Централизација на кредитот во рацете на државата преку една национална банка со државен капитал и со исклучив монопол.
6. Централизација на целокупниот транспортен систем во рацете на државата.
7. Проширување на националните фабрики, на орудијата за производство, разработување и подобрување на земјиштата по еден општ план.
8. Еднаква обврска на работа за сите, создавање на индустриски армии, особено за земјоделството.
9. Соединување на земјоделството со индустријата, влијаење за постепено отстранување на спротивноста помеѓу градот и селото.
10. Јавно и бесплатно воспитување на сите деца. Отстранување на фабричката работа на децата во денешната нејзина форма. Соединување на воспитувањето со материјалното производство итн. итн.
Кога во текот на развитокот ќе исчезнат класните разлики и кога целото производство ќе биде концентрирано во рацете на здружените индивидуи, јавната власт ќе го загуби својот политички карактер. Политичката власт во вистинската смисла на зборот е организирана власт на една класа за угнетување на друга класа. Кога пролетаријатот во борбата против буржоазијата нужно ќе ce обедини во класа, кога со револуцијата ќе стане владејачка класа и кога како владејачка класа насилно ќе ги укине старите производствени односи, тој ќе ги укине со тие производствени односи и условите за суштествување на класната спротивност, на класите воопшто, a со тоа и својата сопствена класна власт.
На местото на старото буржоаско општество со неговите класи и класни спротивности стапува здружувањето, во кое слободниот развиток на секој поединец е услов за слободниот развиток на сите.